Македонија

Костовски ги поддржува оштетените штедачи на ЕСБ за Галафарм

По повод најавата од страна на Оштетените штедачи на Еуростандард Банка дека фармацевтската куќа Галафарм ќе оди во стечај на 23 Јули 2021, бизнисменот Трифун Костовски во целост ги поддржа и потврди дека според неговите сознанија Галафарм е фирмата преку која се правело масовно перење на пари од страна на бившото раководство на Еуростандард Банка.

– Доколку и оди во стечај, институциите на прогонот мора многу сериозно да се позанимаваат со фирмата Галафарм и не смее со ликвидацијата на Галафарм да се забошотат одлеаните пари од ЕСБ, изјави Костовски.

Тој повтори дека „се може да се скрие, но трагата на парите каде завршуваат не може да се скрие“.

Здружението на оштетени штедачи од Еуростандард банка на својот профил на Фејсбук тврди дека по затворањето на ЕСБ, сега „повторно ќе бидат покрадени во обид да се отвори стечај над фирма должник“.

– Во првиот случај се работи за направен криминал со одобрени ненаплатливи кредити кон фирмите поврзани во „Групацијата Галафарм“ кои пливале во долгови и биле несолвентни, а сега несомнено целта е да се преземе лиценцата за производство на медицинско масло од канабис на фирмата Галафарм. Или во јавноста познато како ’лиценца за марихуана‘, да премине во рацете на фирма со бугарски капитал основана во земјава во септември минатата година. Таа фирма има намера да ја преземе Галафарм без притоа да ги регулира долговите на фирмите од истата групација. Овој криминал е поддржан од познат извршител, а рочиште за отворање на стечај на Галафарм е закажано во Основниот граѓански суд во Скопје на ден 23 јули оваа година, во време кога граѓанските судови се на колективен одмор. Криминалот е тежок повеќе милиони евра, доволно пари за да се поделат на оние кои се инволвирани во истиот, се разбира на штета на сите доверители чии парични средства се покрадоа преку организираниот криминал и корупција во Еуростандард банка, нешто што и понатаму продолжува да се случува со незапирливо темпо. Бидејќи институциите континуирано молчат или пак некои од нив се вклучени во криминалот, останува да се запознае пошироката јавност и странските претставништва во земјава и оние во Брисел за нивото и начинот на продолжениот масовен грабеж на паричните средства на оние кои ги имаа доверено во лиценцирана и контролирана но ограбена банка, велат штедачите.

Можеби ќе ви се допадне

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Next Article:

0 %