И по Хитлер Хитлер
Светот се повампири. Полуде. Се раздели. Светот е во глобална поделби на сѐ и сешто, и колку има ,,за” толку има и ,,против”. При таква масовна поделба вообичаено е да се поделиме на едни против други. Обединување, коалиции,партнерства и тимски игри се играат само во име на интерес. И тоа секој со својот личен интерес, оти колективното пред личното остана некаде во ерата на колективизацијата. Интересно е што идеолошката поделба на левица и десница ја спомнува и славниот француски писател Виктор Иго во романот ,,Клетници” укажувајќи на противречностите во периодот на Француската буржуарска револуција и поделбата ,,за” и ,,против” кралот. Поделбата ,,лево” и ,,десно” станува политички поим кога во француското уставотворно собрание пратениците требале да гласаат кралот да има вето на законите и одлуките на парламентот. Тие кои биле за кралот седнале десно, а другите останале лево.
По Втората светска војна, во земјите на Источна Европа , воведен е еднопартиски систем со единствената КП и антифашистички устав. Веројатно сите седнале лево, па станувале на лева нога додека ги болело левото уво. Развојот на десницата може да се следи дури по паѓањето на Берлинскиот sид. Екстремизмот на десницата ги оживувала поимите ,,фашизам” , ,,популизам” , ,,расизам” , ,,ксенофобија” кои , најчесто од незнаење, погрешно се поимале. Ете така, постепено почнале да се повампируваат. Имам чувство дека насекаде низ светот почнуваат да се реинкарнираат мали Адолфчиња… А секогаш на почетокот сѐ изгледа така бенигно… Мусолини и Хитлер доаѓаат на власт без сила, од земји со силно развиени култура, наука и уметност… Еве, новата италијанска премиерка, така фино удри со силна десница, мислиш Дуче мава! Ама она е културна и фина! Италијанската десница одалеку мириса на повампирени фашисти и радикални националисти. Трагикомично е што доаѓа време кога некогаш угнетените од фашизмот ќе треба да се извинуваат на угнетувачите што им се нашле на патот кон новите европски вредности, па попатно морале да ги кремираат, стрелаат и егзекутираат на креативен начин, каков ни Данте Алигиери не можел да смисли со својата фантазмагорија. Психопатскиот императив за чиста ариевска раса на Хитлер само се претопи во нова, милениумска фашисоидна шизофренија. Да не ,,го ширам” со соседните ни ,,администратори”. Инспирирана од книгата ,,Европска крајна десница 1945-2018″ на проф.Јово Бакиќ и секако неисцрпно инспиративниот роман ,,Клетници” на В. Иго, чиј лајт-мотив е ,,само добар човек е човек” ми дојде онака, чисто споредбено да изреагирам, како било некогаш, а како е сега, кога во светот има војни пунктови повеќе и од Втората светска војна. Ако се поделиме на добри и лоши, без ниту една друга поделба и ако добрите со сета своја позитивна енергија влијаат врз лошите, светот ќе стане Елдорадо – бајковита благосостојба на исполнети ветувања и апсолутна добрина, што едноставно е невозможно. Но можно ли е, во исто време толку многу интелектуално инфериорни луѓе, без чувство на функционален срам и мрвка добрина, да заземат челни функции насекаде низ светот! Кога ќе се поклопат истовремено повеќе такви налудничави државници, војните конфликти се неизбежни и по Хитлер доаѓа Хитлер. Патем,з а некого Тито е Хитлер, а Мусолини Чегевара. Лудило.

















