ЗБОГУМ БЕЛМОНДО
Го гледам последното испраќање на Жан Пол Белмондо и се распаѓам од тага … Не дека толку го сакав … Башка почина на 88 години, камо среќа сите толку да си дочекаме и да имаме толку исполнет живот како неговиот … Да, му ги знам сите филмови, јас сум од генерацијата што ја фати неговата слава во полн ек затоа што женскиот дел од семејството паѓаше во несвест кога гледаше негови филмови. Не затоа што беше убав … Затоа што беше Белмондо.
Онај ружни Француз и прелепом филму, што би рекол Балашевиќ. Балашевиќ тоа го напиша далечната 1988 година, не знаејќи дека двајцата во иста година ќе го напуштат овој свет. Некои, пак, велат дека не мислел на него во песната, нејсе.
Што толку се расплакав? Зошто толку ме потресе тој бескраен аплауз на присутните на испраќањето?
Нам ни се случи Тетово … Ете затоа … Се се совпадна … Всушност исплакав сè што се случуваше деновиве. И сите вести што ги изнагледав, и сите видеа што ми се врежаа во мозокот и сите роднини на жртвите, а пред сè тие 14 невини души кои борејќи се против страшната болест, заминаа во пожар.
Зошто ни се случува ова? Ок, знам, сите ги обвинуваме политичарите, сигурно некој е виновен, вина и одговорност мора да постои, мора да има …
Јас друго прашувам … Зошто нам? Зошто толку страшни работи? Што згрешивме толку? Зарем ние не сме оној весел народ на југ кај што не смееш ниту да играш, ниту да пееш затоа што ние тоа најдобро го правиме? Каде е нашата песна? Каде е нашиот танц?
Немам весели работи за раскажување. Не знам ни кога ќе имам … А баш вчера убедував еден пријател дека сум вечен оптимист. Сега не знам во што да се надевам …
Како темни облаци ми надвиснуваат сите информации што доаѓаат од сите страни во ова наше мало парче земја. Напатено, изгазено, тажно …
Ама ќе запееме пак, знам. И ќе заиграме … Мораме … Тоа ни е во крвта. Ќе помине и ова, нели?
Ќе има трагедии, ќе се лутиме, ќе тагуваме, ќе бараме виновници, ќе бараме причини. Ама не смееме да паднеме.
Ќе има избори, и пак погрешните ќе ги избереме, и пак ќе се лутиме, и пак ништо нема да ни чини. Ама тоа сме ние. Такви сме. Хејтери на хартија, односно на тастатура, ама Македонци. Кај што не смееш да играш ниту да пееш затоа што ние тоа го направиме подобро од сите.
Збогум Белмондо. Збогум 14 Тетовчани. Почивајте во мир.
Ние мора да продолжиме понатаму.

















