Жедни преку Устав
Човек за еден живот не може да каже толку мудрости, колку што може да премолчи глупости. Но кога глупавоста е прва алатка за негативна селекција на луѓе чии потези се пресудни за судбината на државата, значи луѓе државници и властодршци, тогаш не само што не ти се премолчува туку ти се вреска! ,,Не е жалосно што често олоши и глупави живеат добро; жалосно е кога глупави и зли ги отимаат местата на умните и разбрани луѓе” – Јован Дучиќ, ,,Благо цара Радована”.
Во едно неизвесно, економски нестабилно општество инјектирано со бустер дози на лажна надеж за влез во ЕУ, каде итромански се затскриваат разни безобразија, безобразлукот и дрскоста стануваат карактерни црти на веќе нацртаните фигури со расчовечени атрибути. Глупи и дрски! Ние живееме во мобинг систем, мобери како лоши маќеи надвјасале над целата држава. Моберот е расчовечен, фрустриран, интелектуално инфериорен, завидлив и љубоморен ,,психокилер” на подобрите и поспособните од него, често пати непочитуван во сопствениот дом па изгубениот авторитет присилно и агресивно сака да го искулучи кај подредените. Мегаломански влегува во туѓа територија, туѓ двор, туѓ живот и владее со уцени. Каде има уцени, стравот е неминовен. Каде има страв – нема слобода. Моберот е лошата маќеа која им се заканува на исплашените деца, им дава претешки задачи и обврски кои не може да ги совладаат или пак воопшто не им дава можност за решавање, сѐ со цел да ги казни и навреди пред останатите ,,послушни” деца. Па не знам дали има ,,попослушни деца” или поголеми послушници од нас?! Сѐ што треба удоволуваме, уште во уста, пардон, во Устав да ги ставиме. Нѐ пренесуваат жедни преку вода! Три децении се движиме кон една фино спакувана декаденца за да влеземе во софистицирано ропство. Се одродивме од мајките трчајќи по маќеи. Ние не сме само под мониторинг, ние сме под глобален мобинг!

















