Колумни

Жедни преку вода

Да те пренесат ,,жеден преку вода” не мора да си опкружен со водена површина во околина, доволно е да си жител на Македонија. Со години наназад жедни преку вода, првин на домашен терен со свои ,,играчи”, а потоа на меѓународно (под)ниво. Си подметнавме туѓ зеленчук на сметка на сопственото градинарство, флаширана вода со алги на сметка на изворска вода која се пие од чешма, на што многу Европејци може да ни позавидат. Нѐ лажат со години, а ние сѐ уште веруваме. Поточно се навикнавме да веруваме поради христијанските начела за вера и надеж…А кога ќе се навикнеш на лош третман, лошо те третираат, со лаги оти им се може. Вирулентноста на лагите е загрижувачка, капацитетот на подносливост преполнет, се шири на сите страни и меридијани, нема лек ни за лек! Сеприсутноста на лагата, како единствен начин за доживување вистина, стана императив на едно манипулаторско и ,, блеферско” општество. Лагата е јавна алатка на моќниците за нивните игри без граници и трговија со човечките души. Но и на обичните смртници ( читај граѓани од понизок слој) им станува условен рефлекс за преживување или начин на делување. Некому нужност, некому карактерна особина и патолошка зависност, а сѐ поретко ,,бела лага”, оној еуфемистички, емпатиски приод да не го повредиме ,,излажаниот” директно со суровата вистина. Така во недоглед, безброј нијанси невистини. Невистина или лага, стилски изразена како литота, станува поприсутна и почесто користена од нелагата или вистината, па се навикнаве на лажењето како на животен стил, лажам за да живеам и преживеам. Без вистина се може, но без лаги никако или во духот на Паскал ,, говорење на вистина е навлекување на омраза врз себе “. Без оглед на искреноста и вистинољубието, ние возрасните лажеме и од куртоазност. Лицемерие е и кога ќе прашаш некого ,,како е”, а всушност баш ти е гајле ,,како е”. Но куртоазно е. Само малите деца не лажат, го немаат тој потенцијал. Затоа имаа богата фантазија и тогаш се многу слатки, кога лажат мечтаејќи. Но првите свесни детски лаги се резултат на погрешно воспитување, страв од казни, одбранбен механизам на децата да не бидат карани, но и sвоно за тревога за преиспитување на родителите. Од друга страна, искуството, мудроста на старите луѓе не дозволува лаги, освен ако не се резултат на склероза. Најчеста лага е разликата помеѓу она што го правиме и она што кажуваме дека го правиме! Убедени во сопствено мислење кое се коси со стварноста е залажување, а една од најтешките философски прашања е прашањето за објективната стварност. Впрочем, најголемото слепило е кога гледаш нешто кое го нема. А кога некој , во име на искреноста, ќе ти ја каже вистината со која ќе те разочара и загрижи, си олеснува себе , но те загрижува тебе. Неговиот симнат ,,товар” ќе го носиш ти, на својот грб. Затоа внимателно со лагите, но и со непријатната искреност која може да те убие на место. Иако, ништо поубаво од искреност, кога едноставно ти се може да кажеш сѐ, а никого да не повредиш. Тоа е привилегија на морално исправните, тоа се оние сѐ поретки возвишени луѓе кои понекогаш ,,небото ги испраќа во сиромашни колиби, како што и во кралските дворови понекогаш се раѓаат такви што заслужуваат поскоро да чуваат свињи отколку да владеат “ – Бокачо во ,,Декамерон”. Моралот се менува, полека но сигурно и никој никого не може да принуди на морално однесување.Човек сам треба да одлучи да се однесува морално, да изгради морални цели на кои се обврзува, поради личноста што ја сака или поради Господ. Ако тоа го прави само заради мирна совест, тогаш е хипокрит, лицемерец кој јавно брани ставови кои лично не ги застапува, лажејќи ги сите и залажувајќи се себеси. Народна мудрост е дека ,,во лагите кратки се нозете”, но долг им е репертоарот. Од бескрајната збирштина на лаги, најпатетични се кога се лажеш себе, најперфидни кога лажеш од интерес, најидиотски кога мислиш дека другите не знаат кога лажеш. Најпознатите книжевни лажговци и измамници како Барон Минхаузен, Ревизор на Гогољ и Тартиф на Молиер, добија жестока конкуренција во светот на политичарите, само што нивните измами и лаги немаат уметничка вредност. Доаѓа време на избори – време на лаги и пренесување жедни преку вода! Повторување, серијал од нови почетоци на еден ист крај или крах со нова власт. Времето на власт е време на претопување лаги во вистина. Лажеш за себе, лажеш за другите, најмногу лажеш за противниците. И тие најмногу лажат за тебе. Најлоша власт е онаа која тешко се освојува – таа се бори да опстои со сите расположливи средства. Политичка верност оди со послушност и покорност – најголемите грешки и расадник на полтрони. Идеолошката верност е кога знаеш дека не чинат и пак си со нив, во име на идеали или безимени криминали – не се знае кој кого краде, ни под какво име. Затворската казна на противникот на една власт го глорифицира престапникот повеќе од власта што го затворила – криминалецот е жртва. Секоја нова политичка гарнитура е почеток на крајот, некогаш пролонгиран заради висинската разлика. Политичкото паѓање од висина трае долго. Од таква височина се паѓа, да забораваш кога почнало. Колку за потсетување, оти кога нешто не е добро 30 години, ни наредните 30 нема да биде подобро со едни те исти, пренесувачи на жедни преку вода.

Можеби ќе ви се допадне

Колумни

Феникс

Почитувани читатели, насловот на денешната колумна, посветена на Еуростандард банка е инспириран од името на ...

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Next Article:

0 %