ДАЛИ СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ВООПШТО СЕ БОРИ ПРОТИВ КОРУПЦИЈА?
Пишува Драго Кос, меѓународен експерт за организиран криминал и борба против корупција
Во секоја земја традиционалните институции, кои би требало да се борат против корупцијата, се полицијата и државното односно јавното обвинителство. После усвојувањето на Конвенцијата на ОН против корупција во 2003 година особено во источна Европа дојде и до создавање на голем број специјализирани антикорупциски институции во облик на разни агенции или комисии, од кои некои дури и добија полициски истражни овластувања (Литванија, Летонија), а некои не (Македонија, Србија, Словенија).
Северна Македонија беше првата земја од поранешните југословенски републики што доби таква специјализирана институција, Државната комисија за спречување на корупцијата, и тоа кон крајот на 1990-тите години од минатиот век. Иако со прилично мали овластувања, Комисијата стана вистински хит во земјата и нејзините анализи за конкретни случаи на корупција се меѓу најчитаните четива во земјата. Тие анализи се предадени на јавното обвинителство кое реално не се прослави работејќи на овие случаи. Особено нечесните политичари брзо сфатија дека Комисијата може да биде многу опасна за нив, па почнаа со промени – кадровски и организациски. Резултатите од овие промени набрзо се видоа: Комисијата, на која некогаш безусловно ѝ веруваа 80-90% од граѓаните на земјата, падна на околу 10-15% доверба, што не беше чудно бидејќи немаше да покаже некаков резултат. Во тоа време, Комисијата беше само параван на политичарите кои се криеја кога го објаснуваа системот за борба против корупцијата во својата земја. До 2021 година, според Македонскиот центар за меѓународна соработка, тој процент полека се искачи до 24%, што сепак е еднакво на пораз. Додуша, се гледаат некои позитивни поместувања во областа на превенцијата, но поради огромното разочарување во областа на гонењето на конкретни случаи на корупција од страна на граѓаните, тие не беа ни забележани.
Откако постои независната држава, обвинителството во Македонија никогаш не било особено почитувано од граѓаните на земјата. Знаејќи ги податоците за обработката на неколку случаи на тежок економски криминал кои не ни мрднале од место, тој однос и отсуството на доверба се многу разбирливи за експертите. Кога на тоа ќе се додаде и апсењето на обвинителката во 2019 година на толку одговорна функција како што е позицијата на специјална обвинителка на Северна Македонија, тогаш јасно е дека со тоа не се постигнуваат позитивни поени кај луѓето.
Пред и веднаш по распадот на Југославија, македонската полиција беше многу ценета меѓу колегите во другите земји: се работеше вредно, чесно, законски. Но, и тоа брзо беше уништено од политичарите, кои не се грижеа објективно да се истражат нивните постапки, па довербата на луѓето во полицијата почна да паѓа.
Во најлошото време, кога само 15% од луѓето и веруваа на Државната комисија за спречување на корупцијата, процентот на доверба во обвинителството и полицијата беше уште помал. До денес, бројките се подобрени до 23% доверба во јавното обвинителство и 30% во полицијата односно Министерството за внатрешни работи, но сепак тоа сè уште се катастрофални резултати кои недвосмислено докажуваат дека македонските граѓани никому не веруваат кога е во прашање борбата против корупцијата. А тие најдобро знаат.
Поради тоа, поранешната влада назначи и специјален вицепремиер, кој во својот ресор ја имаше и борбата против корупцијата. Но, тоа не отиде подалеку од назначувањето: и покрај фактот што назначувањето на заменик-претседател на влада задолжен за борба против корупцијата беше прво од ваков вид на Балканот, немаше никакви практични резултати. Згора на тоа, според многумина, тој вицепремиер, министер во актуелната влада, повеќе бил дел од проблемот отколку од решението.
Новиот премиер е далеку поголем технократ од многу негови претходници од претходните години, кои во својот живот горе-долу се занимаваа само со политика. Можеби токму затоа ќе му биде полесно да сфати дека не може да биде успешен без борба против корупцијата. Се разбира, тој е оптоварен и со низа други проблеми, но граѓаните на Северна Македонија, во гореспоменатото истражување на Македонскиот центар за меѓународна соработка, како најголем проблем на својата земја со дури 46,06% ја наведоа корупцијата. Единствено од што треба да се плашиме е премиерот да не ја направи грешката што постојано ја прават политичарите: бидејќи корупцијата не се гледа така лесно, се добива чувство дека таа не е толку присутна и опасна како другите проблеми во земјата.
Во примерот на Македонија, тие други проблеми би биле односите со Бугарија, невработеноста, сиромаштијата и така натаму. Но, она што политичарите ретко или никогаш не го сфаќаат е дека корупцијата ги мултиплицира сите други проблеми. Во која било област, во која било институција, на полето на внатрешната или надворешната политика, сите проблеми се далеку поголеми токму поради корупцијата. На крајот на краиштата, ако веќе и граѓаните мислат дека корупцијата е најголемиот проблем во државата, така едноставно би „морал“ да мисли и премиерот и целата влада.
Гледано од страна, за Северна Македонија полека се создава впечаток дека сите политички гарнитури до сега чекаа некој од надвор да им го реши проблемот со корупцијата, а додека тоа не се случи, овие политичари се потрудија за себе да грабнат и соберат колку што е можно повеќе – затоа што „подоцна нема да може!“. Но, тоа сè уште не се случило во ниту една земја, така што нема да се случи ни во Северна Македонија – ниту Обединетите Нации, ниту Европската Унија, ниту Советот на Европа, ниту Американците, Англичаните, Италијанците, Словенците … Никој не може да го реши проблемот со корупцијата во земјата, туку само нејзините политичари, нејзините институции и нејзините граѓани.
Прашање е само која влада ќе го сфати тоа и буквално ќе почне да копа во тој правец – сегашната или онаа за десет или педесет години – под услов, се разбира, ако до тогаш остане нешто од Македонија поради корупција која зема замав!

















