Колумни

Време на радости и посакувања

Прославуваме уште еден убав православен празник, Василица, уште една среќна паричка, семејна радост, детска насмевка и последен ден за збогување со старата година. И околу паричката во лепче се поделивме, некој за Бадник, некој за Василица, некој две парички, некој ни ,,пет пари” за вреднување адети. Историјата и религијата се силувани од транзицијата. Секој мисли дека има поголемо право од другиот, во име на демократијата. Деновиве мантраме за среќа, радост и мир Божји, заборавајќи на нивната суштина и традицијата на празниците… После новогодишната ноќ, веќе полудена од секојдневното лудило, доаѓа вистинската нова година, ново лудило од 365 серии. Посакувањата остануваат стара тема во нов амбиент, нова виза за летање низ светот на фантазијата…
Без желби, посакувања, мечтаења и сништа , ни реалноста не би била реална, како што кажаа париските студенти во 1968 година „бидете реални – барајте го невозможното“!
Како поинаку би се стремеле кон нештата , ако за нив претходно не сме фантазирале, не ни поминале низ умот? Но, умееме ли да ги контролираме посакувањата, да го разликуваме светот на реалноста, од светот на мечтата. Разумен човек знае да мечтае, но и да работи врз нејзино остварување. Оние кои умеат да уживаат во малите нешта, да прават од мали нешта големи ритуали, се мајстори за радост. Емоционално е неисплатливо, постојано да посакуваш, а одамна не си дете. Поекономично е да имаш една желба кон која се стремиш и ја ставаш на самиот врв на Новата година – врвот сепак има само една точка, исто како и врвот на новогодишната елка еден украс. Само уште еден дополнителен украс, па нека е и најмал, може да ја сруши естетиката на хармонијата.
Од посакувања до остварувања широк е патот. Ни требаат многу трудољубие и среќа, па нека ни е „трудна“ и среќна Новата 2024 година , со седум мали симболични нешта :
1.БАКНЕТЕ СЕ – Бакнете го саканото суштество во образот, устата, раката… Бакнувајте со срце, само срцев бакнеж има оригинален ,,трејд марк” печат. Почувствувајте синестезија од сите сетила, таму е симболиката за љубовен почеток на годината. Без љубов нема среќен почеток!
2.РАЗДОЛЖЕТЕ СЕ – Секако не да се издолжите, оптегнете на кревет, туку таму каде должите било што да се раздолжите. Долговите не ветуваат добар почеток! Со товарот на долгови не се влегува во Нова година. Барем личните долгови, оти задолжувањата на државата не ни даваат право на добар живот.
3.ПОДНОВЕТЕ СЕ – Пропорционално со потребите и приходите ставете врз себе нешто ново, (нека се и нов чифт чорапи, долна облека по можност црвена, како симбол на нови среќни љубовни моменти. Нова љубов во Новата година!
4.НЕ ПОЗАЈМУВАЈТЕ ПАРИ – На 1 јануари не позајмувајте пари – ако верувате во малери!
5.ПРВИОТ ГОСТИН ВО ВАШИОТ ДОМ – Добро дојдена личност во која верувате и која умее да ве усреќи ( ако ви sвони некој непожелен, не отворајте )! 6.НЕ КРШЕТЕ – Многу често кршиме чаши дур славиме ( или чинии со звукот на сиртаки), но постои верување дека не треба намерно да се крши инвентарот каде што славите. Ако ви е мерак да кршите, скршете го мразот за нова средба или за чаша виски!
7.БЛАЖЕНИ И СРЕЌНИ НА 1 ЈАНУАРИ – Такви да бидеме цела година, ако ни се може!
Тоа се верувања во кои не мора да веруваме, но симболиката на новогодишната ноќ е во обновувањето на годината, на животот, на смислата за постоење. Разните обичаи ги влечат корените од далечното минато, лудата ноќ се прославувала уште во древната Месопотамија, 2000 п.н.е. , а Римјаните секоја година го менувале календарот со новиот владетел. Секое владеење свое календарувања, секоја власт, свои закони во пакет со закани. Онака, календарски спакувани до реизбори.
Многу легенди се преплетуваат околу китењето на елките, како легендата за англискиот монах Св. Бонифас кој при едно патување пресретнал група неверници, собрани околу стар даб, да жртвуваат дете. Бонифас го искорнал дабот, а на негово место никнала мала елка – дрво на животот кое денеска се кити низ целиот свет. Првиот стаклен новогодишен украс е произведен во Германија, 1830 година, под име „кугелс“ , а најдолгата прослава ја имаат Кинезите кои ја слават Новата година дури 15 дена (секако, Кинезите и кога слават истовремено работат).
Данците имаат обичај да кршат стари чинии пред прагот на куќата, Италијанците го исфрлаат стариот мебел и покуќнината, Латиноамериканците еуфорично купуваат интимни алишта за најлудата ноќ. Бразилците својата новогодишна ноќ ја дочекуваат на плажа, прескокнувајќи седум бранови и фрлајќи цвеќиња во океанот, а Шпанците на секое отчукување на часовникот јадат по едно зрно грозд… Секој со своите обичаи , традиции и културни навики , исто како и со имињата на Дедо Мраз, некаде Папа Ноел, некаде Санта Клуз, а знае да се вика и Божиќ Бата. Во 1824 година прв пат е илустриран во книгата на Клемент Мур, како дедо во црвена бунда и бела брада. За неговиот денешен изглед заслужен е уметникот Хадон Сандблум, кој 1931 година ќе го нацрта за потребите на кока- кола рекламите. Убедливо најдобра реклама!
Лудилото нека ни трае само за време на „лудата ноќ“ – да влеземе во 2024–та со здрав разум, ако го има макар и во облик на мрвки под празната трпеза!
Да се радуваме на малите нешта, да пронајдеме уште сили во себе, да се збогуваме со непријатностите за да ѝ направиме место на радоста. Среќна паричка!

Можеби ќе ви се допадне

Колумни

Феникс

Почитувани читатели, насловот на денешната колумна, посветена на Еуростандард банка е инспириран од името на ...

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Next Article:

0 %