Блам без срам
,,Ајде бе, не се грижи, ништо не е срамота во денешно време…” Е токму тука, во кураж за бесрамност, ја зае*авме работата!
Срамот е субјективно чувство поради ниската оцена на нашето однесување во објективна ситуација. Сумирано, срамот е индивидуално дискретна емоција која во себе содржи субјективен и објективен елемент. Токму неправилното резонирање на субјективноста и објективноста во едно „слободоумно општество“ нѐ доведе до сексуална терминологија, наведен во првата реченица, која неподносливо лесно ја користиме. Здравиот разум нема субјективност и објективност. Тој е олицетворение на здрав резон како логичка категорија, а е грубо силуван од општеството во име на субјективните слободоумни чувства на одредени субкултури кои наметнуваат отсуство на срам губејќи го драгоцено чувство на срам.
Срамот е здрав, срамот е потребен, срамот нѐ чува од губење на разумот. Плашете се од луѓето кои велат дека од ништо не се срамат и дека што и да направат тие се секогаш свои и не чувствуваат дека згрешиле. Понекогаш се прашувам дали навистина веруваат во тоа или тие флоскули ги користат како бедем пред нивната човечка гнилост? Каков и да е одговорот, загатката останува, кој ќе е судија за срамометарот? Ние сме во епидемија на слепило, луѓето во гнилежот почнуваат да гледаат идоли и да ги следат нивните примери. Како општество се доведовме во ситуација дури и да декриминализираме состојби, гледајќи како очигледниот сторител е горд на направеното. Се доведовме до ситуација да гледаме како децата на криминалци одат со кренати глави, горди на украденото на родителите (читај: ,,се снашле”!). Во состојба сме кога отсуството на срам придонесе за комплетно отсуство на морал и етика – повторно субјективни категории обезвреднувани од „објективното“ општество. Општеството бесрамно за успешни ги смета само оние чиј успех може да се премери во сума без воопшто да се запраша за начинот на стекнатото. Сума сумарум – бесрамни сме! Постоењето на срамот го негираат и сите оние кои тврдат дека се сопственици на своето тело и можат да прават што сакаат, а никогаш не се запрашале дали тоа ,,морално беше бе Пиги”? Спортисти рекламираат коцкарници, лекари бараат мито за човечки живот, екологисти сакаат зелено само доколку е банкнота, духовните водачи проповедаат ерес, органите на правдата се хранат од неправда, фармацевтските гиганти се радуваат на пандемии, производителите на оружје сѐ би дале за војна… Па до кога бе…? Општествено-социјалниот напредок секогаш го гледаме низ призмата на економијата, финансиите, образованието, здравјето, културата… Забораваме дека градењето на сите овие категории е залудно ако тоа го прават луѓе кои не знаат да ја наведнат главата и да почувствуваат топлина од зацрвенети образи. Ама за топлина на образ треба образ да имаш! Ова е субкултура на бламажи.
Вратете го срамот во мода, бесрамни едни!

















