Колумни

Бесрамност

Не е само глупавоста причина за отсуство на срам. Многу почести и поопасни се интелигентните и нарцисоидни манипулатори, кои не само што не знаат за срам, туку ги убедуваат другите дека треба да се срамат за нивните постапки. Глупавиот глупавее, но манипулатор владее сè додека му дозволуваш. „Сами си го баравте и потпишавте“! Ете, таков ќе биде одговорот на ЕУ во иднина. Толку за политиката, не ја разбирам, само интуитивно ја чувствувам. Малку генерално за бесрамноста во секојдневието. Сè поретко забележуваме руменило по образите на луѓето поради срам. Само кај децата, во најрана возраст може да го забележите таквиот природен, феноменален феномен. Надворешна манифестација на внатрешни чувство на срам – феноменално. Но во систем каде владее расипаност, бесрамноста е поданик, блеферска алатка. Современите феномени за градење кариера на блеферски начин се модерни алатки за успех, кој е релативен, апсолутна е човечката глупост, што би рекол Ајнштајн. Фолиранти и блефери во изобилие низ светот, а електронските медиуми податливи за реализирање на принципот „со лага до вистина“ во сите општествени сфери. Политиката е како квасец, во сè се меша, го нараснува тестото, зголемува и така надуено го пече во народната кујна спремна да проголта сè што ѝ се сервира. Во систем на владеење без идеологија, со висок коефициент на неопределеност, поделеност и антагонизам, во ништожноста на една заедница без личен, но и колективен идентитет и инстант политика, со леснотија на површност непроверено се прифаќаат сервирани информации, за да се изразат моментални емоции со фрикативни гласови, без самогласки. Во недостиг на емоционална интелигенција, а присуство на акумулирани горчина, гнев и омраза, често читаме и слушаме навредливи зборови од кои поцрвенува од срам и софтверот на компјутер, за разлика од човековата бесрамност. Наместо слободен и креативен истражувачки дух, бестијално се општи со животински инстинкт за опстанок на бескруполозните. Изместени вредности инванзивно влегуваат без да „тропнат на врата“. На навредливи зборови, исто како и на спиновите, човекот се навикна небаре чита училишна лектира.

Прагматска пристрасност, сиромашна автоцензура и медиумската таблоидизација на блеф ги заменија стандардите на веродостојни информации и слободоумни јавни дебати поткрепени со факти.

Во недостиг на морална и политичка култура, спинувањето не се доживува како нешто спорно и недолично, туку како трендовска пропаганда за утилитарни цели, во духот на Макијавели.

До пред некоја година, спинот се протнуваше низ „иглени уши“, многумина и не знаеја што значи и за што служи спинувањето. Сега се усовршивме, имаме доктори по спин вештини, „Спинози“ за ширење лажни вести. Таквата „блеферска“ вештина не е за потценување, неа не може да ја поседуваат неинвентивни ликови без раскошна мечта. Но, еден таков перфиден играч без автоцензура, може да ја изигра јавноста и да се поигра со нејзиниот недостаток на критичко мислење. Секако, ова не важи за сите, има и читачи кои разбираат читајќи меѓу редови. Во романот „Читачот“ на Бенхард Шлинк, интуитивниот читач нема да препознае само забранета љубов помеѓу петнаесетгодишно момче и триесетгодишна жена, туку и приказна за неповратниот срам на Германците поради воените злосторства за време на фашизмот.

Историски личности како барон Минхаузен, книжевни ликови како Тартиф на Молиер и Ревизор на Гогољ, во споредба со современите патолошки лажговци, манипулатори и предатори, наивни се колку и Пинокио. За разлика од Пинокио, кому му расте носот дур лаже, на Спинозите им расте банкарската сметка – нели целта ги оправдува средствата. Спиновите внесуваат динамика во лагите и измамите, сестрински цврсто поврзани би си го продале и братот за сирење. Спин-докторите, Спинози или спинотворци, се интелигентни и вешти манипулатори, кои наоѓаат плодна почва за сеење лаги, а на македонската плодна и благородна земја, веднаш никнува сè што ќе посееш. Кога ќе ти подадат јаболко, погледни и провери пред да го гризнеш. Македонската власт, не провери добро пред да загризе од јаболкото на раздор! Специјална гостинка на порталот „Човекот пред сè“ пишува инспиративно на тема „Бесрамност“. Бранка Н. Донеска – остро перо на објективно новинарство, професионалност и бистар ум без задршки.

Бранка Н. Донеска

„Три децении сведочиме на навредливо, арогантно, безобразно и примитивно лажење на македонските граѓани од страна на т.н. елити. Триесет години бесрамност.

Само безобзирно дрдорење на носителите на јавни функции и нивните сателити – паразитските клечовци напикани по разни НВО-а, претпријатија, совети, комисии, медиуми, одбори …, без мрвка одговорност за социјалната, економската, културната, политичката беда на својот народ, кого секој ден го ограбуваа(т) материјално и духовно и го понижуваат толку често, толку долго, што е веќе хронична патолошка состојба.

Причина е отсуство на срамот. А бесрамноста произлегува од немањето страв, почит, емпатија, одговорност, верба. Бесрамен човек нема да се воздржи од било какво дело. Сме го виделе тоа на дело години наназад.

Немаме ние никакво ексклузивно право да нè водат и искористуваат со години некомпетентни, со ѓон-образ мамлази, кои единствена забава им е загорчување на нашите животи. Лакоми садисти секаде во светот успеваат да се доберат до власт.

Нема таков сапун што ќе ги измие нивните бесрамни усти. И нашата тага од нив“.

 

Можеби ќе ви се допадне

Колумни

Феникс

Почитувани читатели, насловот на денешната колумна, посветена на Еуростандард банка е инспириран од името на ...

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Next Article:

0 %