Колумни

Без ,,влакно на јазик”

,,Светот има право да каже дека доказ за вредноста на една жена е нејзината желба за победа и способноста некого да отфрли… Но жена која сака и еднакво одолева, двократно ќе победи ако одолевајќи знае да молчи” – Пјер Корнеј во делото ,,Сид”. Молчењето е мудрост, одолевање е издржливост пред искушенија, спротивставување на притисоци и потиснати желби. Одолевање значи себеконтрола, а не ограничување на умот. Жена која што има дисциплина за себе, ќе се однесува така и кон другите. Неконтролирано и недисциплинирано однесување не значи слобода, напротив значи невоспитаност. Да ја истуриш вистината некому во очи, знаејќи дека тоа ќе го повреди, не секогаш поминува како чиста искреност. Ти го кажуваш своето мислење, се чистиш од товарот и го префрлаш на друг. Ретко кој може од прва да ја испочитува болната вистина и искреноста на нејзиниот интерпретатор. Скршеното срце долго крвари. Затоа, внимателно со изборот на зборови со кои укажувате на туѓите грешки, недолични ситуации, конфликти и ,,трачеви”. Жена без ,,влакно на јазик” не значи само дека е искрена, дека јазикот ѝ е разбирлив за секого. Многу често ,,влакното” може да е празно дрдорење и брз јазик. Исто така, никако не значи дека добро воспитана, воздржана и внимателна жена е лицемерна или има интерес па затоа премолчува, го подголтнува влакното. Толку многу се навикнавме на вулгарности и бруталности, да во добрината гледаме скриен интерес, во љубезноста ласцивност, а во воздржаноста немоќ, бескарактерност. Токму тоа е ограничен ум, нема широчина за да ја види големина кај другите. Тесноградиот бара ,,влакно во јајце” и без ,,влакно на јазик” кажува и што не треба Да умееш да се воздржиш пред предизвици кои што излегуваат пред тебе како утринско Сонце, а те опиваат како млада Месечина, не значи дека си интровертна, асоцијална, конзервативна или ограничена жена, туку умееш да им одолееш на искушенијата или во духот на Кант ,, моралните норми во мене се косат со sвезденото небо над мене”. Одолевање не е исто што и ограничување. Опасна е ограниченоста на умот. Може да те ограничат во простор, може и времето да ти го украдат, но здравиот ум го држи здравиот дух. Отвореноста на умот е космос, комплетна слобода и право за обата пола. Ако жената умее да одолее и затоа добива во вредност, не значи дека мажот, кој мисли дека има наследно право да се однесува нагонски без ограничување, се вреднува како маж кој знае што сака и има поголемо право од жената. Ограничениот ум можеш да го препознаеш по неговата неограничена потреба да нѐ убедува во своето право дека секогаш е во право. Се гаѓаме со аргументи и факти, убедени во својата проникливост и мудрост. А мудроста, секогаш тивка и трпелива, не се расправа со факти, ниту громогласно аргументира, не вреска, нема хистерични испади, туку молчеливо работи во позадина. За жал, во меѓувреме, во преден план излегуваат површни, празни и луѓе без видици и визии, кои што не постојат во нивниот ограничен ум. Исто толку за жал, однесувањето на жените сѐ уште се гледа под лупата на хибридниот, извештачен свет, каде најчесто се бара ,,влакно во јајце” и се наоѓа. Стерилен ум, концентриран ,,егзактно” на проблемите, а не на неговите причини и комплетно решение, патем без емоции и душа, е ограничен ум. Решение има и кога изгледа дека нема. Решение е да знаеш да отфрлиш некого или нешто, затоа што проблемите се појавуваат таму каде нештата не се решени. Решителна жена знае да одолее, да отфрли и да остане со отворен ум затворајќи го проблемот засекогаш. Не постои машко и женско одолевање, постои само родово ограничување. Посветено на оние жени кои што умно умеат да издржат пред предизвиците, да ги отфрлат проблемите без да навредат и повредат, ниту себе, ниту остатокот од светот. Способноста да отфрлиш проблем, е победа.

Можеби ќе ви се допадне

Колумни

Феникс

Почитувани читатели, насловот на денешната колумна, посветена на Еуростандард банка е инспириран од името на ...

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Next Article:

0 %