Колумни

Бедници

Материјалната сиромаштија повлекува со себе и духовна сиромаштија, го јаде моралот, знае да се храни и со  ниски страсти за да преживее… Гладот не знае за морал!  Но,  победно од сета сиромаштија на светот е  кога материјално богатите не застануваат со грабање и акумулирање капитал за двесте животи, гледајќи со презир на сиромашниот свет, како на неспособна багра. Духовно бедни, а материјално богати и алчни среброљупци, може да го изедат човештвото и како канибали да подждригнат, во знак на ситост. Така се врти кругот на животот,  во смрдлива кујна, каде после богато  кркање треба да умееш да си ги измиеш искашканите раце, што би рекол Балзак во романот ,,Чичко Горио”. Делата што ги оставаме зад себе, или делата што се пред нас како општочовечки приоритети,  се  одраз на нашето срце. Духовното богатство станува  материјално кога го даруваме, кога градиме трајни врски со луѓето – непроценлив по вредност капитал, акумулиран за двесте животи, оти ,,само добар човек е човек” – Виктор Иго во романот ,,Клетници”. И сѐ му е кристално јасно на народот, освен кога ја бира власта. Тогаш не бира со разум,  туку со задник, навикнат на интерес. Внимателно бираме лубеница на пазар, лустер за дневна или електричар за рерна, но власта ја бира нашиот личен интерес. И  не е вистина дека парите го расипуваат човекот. Вистина е дека парите покажуваат кој е расипан. Дај му на човек пари  за да видиш каков е. Слично  е со власта, што би рекол нобеловецот  Бернард Шо: ,,Не е вистина дека власта ги расипува луѓето. Вистина е дека ако будалите дојдат до власт, ја расипуваат власта.“ Расипавме сѐ што можеше и не можеше да се расипе, ќе нема мајстори да ни ја оправат државата. Тие обично си заминуваат, а површноста и површните остануваат на повидок.

Сѐ почесто површни луѓе испливуваат на површина. Лесно пливаат во плитко каде секој може да ги види. Водата ги држи оти немаат товар, немаат интелектуален багаж кој бира води за пливање. Површноста сака пари, сака трошење пари. Кај е површноста – таму е трошењето, но и заработувачката. Секако, ако се има услови за трошење, не секој површен е умешен  да заработи. Површниот ако добро заработува,  уште подобро ќе троши. Звучи парадоксално, но е реално. Не мора да си темелен и одговорен за да заработуваш пари, тоа им се може и на површните луѓе. Но, токму таквите медиумската политика ги бара, неопходни ѝ се за да заработува преку нив. Интелектуалците се здодевни, тие може да се занимаваат со евтини производи, не ги окупира шопинг и ништо не ги покренува на трошење пари без усул. Тие со часови може да се занимаваат со читање, пишување, готвење и било каква работа која им претставува  задоволство. Може со часови да шетаат во природа, да фрлаат камчиња во вода, да гледаат како заоѓа сонцето. Но, кој би заработил или имал профит од такви неатрактивни луѓе? Никој! Затоа медиумите сакаат и форсираат  површни луѓе, сѐ повеќе ги прифаќаат и популаризираат. Таму се можностите за трошење пари, за реклами и обрт на капиталот. Кој има интерес од еден здодевен интелектуалец кој рецитира во кафеана? Или од интелектуалка која оди по театарски претстави, а не прави селфи? Никој. Медиокритетите се на повидок, во нив е површноста која на новиот милениум му се допадна од прва. Од втора, веќе се бенефитите од вештачката интелигенција која вешто  ги пополнува површните дупки на медиокритетите. Учи за нив, зборува за нив, дејствува за нив и згора на сѐ, убавее за нив. Сѐ повеќе ќе има медиумски исфорсирани површни луѓе, идеални за новиот модел на стариот капитализам –  моќта на парите сѐ уште го врти  светот контра гравитацијата. Сепак, за среќа постојат интелектуалци кои знаат да заработат и квалитетно да го трошат својот капитал. Нив обично не ги интересира медиумското, јавно  фаворизирање. Тивко го живеат својот раскош. Од нив треба да се учи! И да, да  не им се лутиме на медиумите што величаат медиокритети – кај нив е заработувачката. Колку поскандалозен простотилак – толку повеќе кликови. Сиромашниот не мора да е беден, може да има раскошна душа покрај празниот џеб,  исто како што и материјално богатиот може да има сиромашна душа, да е бедник по карактер.

Можеби ќе ви се допадне

Колумни

Феникс

Почитувани читатели, насловот на денешната колумна, посветена на Еуростандард банка е инспириран од името на ...

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Next Article:

0 %