ОБРАЌАЊЕ НА КОСТОВСКИ
Почитувани пријатели
Најискрено сакам да Ви се заблагодарам во мое лично име и од името на тимот ЧОВЕКОТ ПРЕД СЕ за покажаниот интерес од појавувањето на порталот ЧОВЕКОТ ПРЕД СЕ.
Функционирањето на ЧОВЕКОТ ПРЕД СЕ сакаме да го направиме интерактивен во сите сегменти на нашето живеење.
Основните постулати на кои се заснова ЧОВЕКОТ ПРЕД СЕ е човекот во прво лице еднина.
Првиот постулат на којшто упорно ќе работиме е образованието на секој поединец.
Вториот сегмент е здравствениот систем кој за жал се соочува со големи проблеми во неговото функционирање.
И третиот сегмент е ИДНИНАТА НА СЕКОЈ ПОЕДИНЕЦ И ОПШТЕСТВОТО.
Трите сегменти значат дека со добро образование и здрав поединец ќе си ја градиме сопствената иднина на сопственото огниште. Многумина се прашуваат каква е иднината на Република Македонија! Токму иднината за нашата Татковина треба да биде во наши раце согласно природните ресурси кои ги имаме во изобилие.
Почитувани пријатели моето појавување на социјалните мрежи е од понов датум и најискрено жалам што овој чекор не сум го направил порано. Преку социјалните мрежи воспоставив линк со вас со цел да подобро ги запознаам вашите потреби и размисли, а истовремено да дозволам на македонската јавност да ме запознае како комплетна личност. Јас и мојот тим сакаме да ги слушнеме и разбереме потребите на секој поединец и целото општество. ЧОВЕКОТ ПРЕД СЕ нема ниту вера ниту нација ниту боја на кожа. Говориме за основниот капитал на секое ОПШТЕСТВО – ЧОВЕКОТ.
Три децениското лутање на Македонија во потрага за подобра иднина е големо фијаско за граѓаните во нашата Татковина. Бидете убедени дека не треба да го бараме проблемот надвор од Македонија, проблемот е во нас и сами мораме да го решиме. Иднината исклучиво треба да ја креираме ние граѓаните на Република Македонија.
Политичките елити во изминатите три децении не успеаја да се справат со вистинските проблеми за Македонија и истите да ги решат во интерес на сопствените граѓани и севкупната светска заедница.
Многумина од вас ќе се посомневаат во мојот искажан збор. Бидете убедени дека ќе работам посветено за доброто на Република Македонија посебно за доброто на секој поединец имајќи го вградено во себе знаењето, искуството и можноста да ги детектирам аномалиите во нашето секојдневие.
Следете ме и ќе се убедите.
НЕКА НИ Е ЧЕСТИТ ИЛИНДЕН за век и векови и нека ни биде светилник за изградбата на модерна Македонија.
Трифун Костовски
















