Историски семејства

Фамилија Прличеви

ПРЛИЧЕВ е презиме кое со златни букви ќе биде засекогаш запишано во Македонската историја. Вториот Хомер одликуван со ловоров венец во сред Атина е татко на Кирил Прличев – македонски револуционер кој е дедо на најмладиот Прличев Кирил – писател посветен на делата на ВМРО.

Григор Ставрев Прличев (Охрид, 18 јануари 1830 – Охрид, 6 февруари 1893) — истакнат македонски писател од времето на романтизмот и значаен претставник на македонската книжевност од XIX век. Покрај мајчиниот македонски, творел и на грчки и бугарски, и ги обединувал во себе нивните специфични карактеристики, како и современите текови на класицизмот и романтизмот. Според Македонската енциклопедија, тој е писател кому Македонија му е и љубов и судба и болка и очај и неопходност и тага и лулка и гроб.

Прличев бил ученик на Димитрија Миладинов, кој во тоа време учителствува во Охрид. Извесно време се вработува како терзија, а подоцна станува учител во Тирана, Албанија. Во 1849 г. се запишува како студент по медицина на Атинскиот универзитет. Во текот на 1850-59 г. повторно се враќа во Македонија и учителствува на повеќе места: Долна Белица, Струшко, Битола, Прилеп и Охрид, за да си обезбеди услови за продолжување на студиите.

Во 1859 година повторно доаѓа во Атина, како студент на втора година по медицина. Во овој период ја пишува поемата „Сердарот“. Во 1860 ја добива наградата на големиот атински конкурс за најдобра поема на грчки јазик, паричен дел и лаворов венец. Истата година делото излегува од печат.

Вратен во Охрид веднаш ја започнува работата врз новиот поетски проект поемата Скендербег, далеку попретенциозен творечки зафат. Работи како учител во Охрид. Со Јаким Сапунџиев го започнуваат народниот подвиг во Охрид, борба за воведување на народниот јазик во училиштата, односно борба против Цариградската патријаршија и нејзиното влијание

Извесно време престојува во Цариград. Има постојани контакти со бугарските културни дејци, а по враќањето во Охрид уште поинтензивно се ангажира за популаризирање на словенското писмо во Македонија. Во 1868 г. турската власт го затвора и го депортира во дебарската зандана, поради клевета од страна на грчкиот охридски владика. По затворскиот период го посетува манастирот Св. Јован Бигорски и е восхитен што во него се служи на старословенски јазик. Во следната 1869 г. во Охрид масовно се воведува народниот јазик во училиштата.

По покана од Редакцијата на цариградското Читалиште се зафаќа со препев на Хомеровата Илијада. Почнува да соработува во бугарските цариградски весници и списанија. Во Белград, а потоа во Читалиште во 1872 г. ја објавува песната Во илјада седумстотин шездесет и второ лето, подоцна преобјавена и во неговата Автобиографија. Во цариградскиот весник Право во 1872 година е објавена вест дека Прличев подготвил за печат книга песни за деца под наслов Воспитание или 12 наравствени песни. Со заштедени пари од своето учителствување во Струга, заминува во Софија, поканет од многумина родољупци, го канеле да се зафати со каква и да е литературна работа и му ветувале секакви олеснувања и помоши. Во периодот меѓу 1883-1890 г. учителствувал во бугарската машка гимназија во Солун. Во овој период ја пишува својата Автобиографија, објавена по неговата смрт во Зборник за народни умотворенија, наука и книжнина.

Прличев живее и работи во повеќе балкански културни центри (Охрид, Струга, Битола, Прилеп, Солун, Атина, Тирана, Цариград, Софија). Коректно владее повеќе балкански и европски јазици. Во одреден период бил под влијание на словенофилството и прави обид да создаде граматика на словенско есперанто.

Поетската творба Сердарот се смета за апсолутен врв на сиот влог што во уметноста на зборот овој творец го дал. За книжевната наука оваа поема треба да се разгледува во контекстот на европската теорија на романтизмот. За неа авторот во Атина го добива од критиката прозвиштето Втор Хомер. Други позабележителни негови творби се Автобиографијата и словото-есеј „Чувај се себеси. Тоа се комплементарни книжевни дела и ја доречуваат на директен начин основната порака на Сердарот.

Кирил Прличев — македонски револуционер, член и раководител на Македонската револуционерна организација, општественик во Бугарија, син на великанот на македонската книжевност, Григор Прличев, и дедо на Кирил Прличев, писател и издавач кој живее и делува во Бугарија.

Бил комита во четата на Дедо Стоју Костов Скрижовски и како студент учествувал во Мелничкото востание. Во есента 1895 година бил назначен за учител во Воден. Тогаш веќе постоел комитет на Македонската револуционерна организација во градот, а Прличев им се придружил како еден од првите членови.

Како раководител на Организацијата во Воден, во 1896 година Прличев учествува на Солунскиот конгрес од 1896 година.

Го презел раководењето на Централниот комитет во 1901 во Солун по затварањето на Иван Гарванов. Прличев при раководењето со ЦК бил помаган од учителот Битраков и Владимир Куситасев, а постојано ги држел во тек Задграничните претставници. Прличев во Солун останал сè до доаѓањето на Александар Чакаров од Струга.

Позната е приказната за жрепката која ја влечеле тој, Методи Патчев и Христо Узунов, со која требало да се одреди кој да го убие Димитар Грданов. Жрепката му паднала на Методи Патчев, и тој го извршува атентатот на 5 август 1898 во Охрид, активно помогнат од Прличев и Узунов, по што сите тројца се уапсени од турските власти.

Учесник е во Илинденското востание, како војвода во четите раководени од Христо Чернопеев.

Бил секретар на задграничното претставништво во Софија: првиот пат во 1902, вториот пат 1903 – 1905, кога раководители биле Христо Матов и Христо Татарчев и третиот пат 1915 – 1921, кога раководители се Тодор Александров и Александар Протогеров.

По расколот на во Македонската револуционерна организација се приклонил кон Конзеравтивното крило, a својата револуционерна дејност подоцна ја продолжил во ВМРО на Тодор Александров.

По убиството на Тодор Александров, во 1924 година, ја редуцира активноста во Организацијата. Во годините на расколот во ВМРО, го поддржува крилото на Протогеровистите, а во 1931, по личен налог и закана од Ванчо Михајлов, мора целосно да се повлече од револуционерната активност.

Поради десната ориентираност во раководните функции во ВМРО, тотално е маргинализиран од македонската историографија во периодот 1945 – 1990.

Студирал историја и филологија на Софискиот универзитет. Во текот на својот живот бил учител (учителствувал во градовите Воден, во Прилеп текот на 1901 година, по налог на Даме Груев, Цариброд, во Солун во Солунската машка гимназија, Софија и Стара Загора, бил училиштен инспектор во градовите Воден и Солун, како и директор на пансионот за сираци во Софија), политичар (од 1908 година бил секретар на Соjузот на бугарските конституциони клубови во Солун после Младотурската револуција), новинар, писател, преведувач.

Во 1923 година во Софија учествува во основањето на Македонскиот научен институт. Од 1941 година па до смрта раководел со Охридскиот музеј, кога ги пронаоѓа моштите на Свети Климент Охридски.

Позната е неговата активност во големата масонска ложа на Бугарија Светлина, која датира уште од 1923 година, иако постојат индиции дека бил член на истата многу порано.

Од 1935 до смртта во 1944 Прличев е директор на бугарскиот Институт за слепи.

Неговите мошти се наоѓаат во дворот на црковниот комплекс „Св. Богородица Перивлепта“ (Св.Климент) во Охрид, положени во истиот гроб со оние на неговиот татко, Григор Прличев.

Кирил Прличев е роден во Софија во 1956 година. Внук на револуционерот Кирил Прличев и правнук на писателот Григор Прличев. Кирил Прличев е автор на книги поврзани со делото на ВМРО.

Можеби ќе ви се допадне

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Next Article:

0 %