Слеј се со природата
Човек може да ја почувствува слободата само кога е сам во природа. Тишината на природата нѐ учи да се слушнеме себеси и подалеку од себе. Екот е природен феномен и физичка појава, но така функционира и менталниот систем, ни ги враќа зборовите, ако сме кажале арно – арно ни враќа. Какви ни се мислите, таков ни е говорот, каков ни е говорот, таква ни е природата. Каква ни е природата – таква е слободата. Потполна слобода на говор е можна ако сме толерантни кон неистомислениците. Толерантност не значи и дека се согласуваш, толерантност значи разбраност. Да те разберат е среќа, но да разбереш поинаков од себе е врв на толерантност. Уличарскиот говор е реакција на рушење природни закони. Нашиот автентичен амбиент е природата, улицата е проекција на цивилизациски потреби. Уличните пресметки, некогаш регуларни двобои со секундант како сведок, а сега физички насилства пред камери во име на законот, добиваат свое ново, проширено место за ,,решавање”. Интернетот стана податлива алатка за уличните пресметки, вербалниот двобој се дигитализира во компјутерска анимација, па од интернетот повторно се симнува на улица и така во недоглед… Генералниот директориум за демократија на Советот на Европа спроведува кампања против говорот на омраза на интернет, веќе во 13 земји на ЕУ, со цел промоција на позитивните страни на интернетот, говор на љубовта, солидарноста, емпатија и позитивната комуникација. Природно би било да е така. Арно ама, едно е да даваш насоки, сосема друго е да ги реализираш во дело. Пример примерот го следи или како првиот -така вториот… А кој прв почна ММЕ уличарско!
,, Не се сложувам со тоа што го зборувате, но секогаш ќе го бранам вашето право да си го кажете своето мислење” – Волтер. Секој има право да си го каже мислењето, но нема право да навредува, омаловажува и хејта! Ако сме непослушни и вешти во одбегнување казни, законот на природата ќе ни покаже кај ни е местото. Законот на природата е единствениот закон неподложен на протекции и корупции. Природата е полна со љубов кон човекот и цивилизацијата, ни помага во нашето безумие, знае да прости кога не знаеме што ѝ правиме. Но знае и да нѐ казни. Исто е со природата на човекот, ги има двете страни на природата, знае да биде милозлив и суров. Љубовта или ја имаш или ја немаш, но љубезноста се учи. Не е тешко да си љубезен и полн со љубов, треба само да научиш да ги користиш љубезните зборови и гестови. Истите, љубовта ја преточуваат во дела. Разговор во очи или комплимент ,,во живо”, вреди неспоредливо повеќе од мегаломански интернет комуникации и бројни лајкови. ,,Никогаш да не се расфрламе со претерани поплаки пред состојбата на работите кои не можат повеќе да се избегнат. Еден слободоумен новинар никако не смее да шири омраза, немир и очај “ – Алберт Ками Апсурдноста на новите мас медиуми е токму во нивната проникливост, да дојдат до сензационална вест која ќе трае пократко и од самиот клик. Славата, глорификацијата се краткотрајни ако во содржината нема трајни вредности преку универзални пораки полни љубов и космополитизам. Деструктивноста на омразата и нејзиниот говор се краткотрајни во споредба со силата на љубовта! Врз книгите на Гете има тони прашина, но содржината е полна со генијално чисти пораки. Врз глинените плочи на сумерскиот еп Гилгамеш наталожена е прашина на сето време и сиот свет, но пораката за апсурдноста на човековата потрага за бесмртност е апсолутно свежа при секое наше будење. Така што, говорот на омраза е неисплатлива инвестиција на подолг рок – трае колку и кликот… Кликнете се со природата, аднете ја во умот, засакајте ја, никогаш не е доцна за обновување на љубовта. Слоганот за ова лето нека ни биде #слејсесоприродата!

















