Историски семејства

Семејство Такец

Продолжуваме со приказната за семејстото Такец! Ќерката на Димитар Такец, Гордана Петров – Такец вели: „Татко ми беше многу бистар, со добро памтење и чиста мисла. Секој втор ден доаѓаше кај мене, ќе седнеше на столче во кујната и ќе ми кажеше земи хартија и пенкало. Така се пишувани и перформансите на Широк сокак. Кога настрада Тоше, одма дојде кај мене, а по патот застанал составил песна за него и јас ја запишав. Кога му ја прочитав, забележа дека не сум ја запишала точно како што ја смислил – имаше многу памет“.

Гордана се сеќава на стилот на Такецот: „Во лето постојано беше во бело одело, шешир, кошула бела, еспадрили…крцкаше. На 92 години го направи последниот перформанс, беше многу активен“!

Таа се сеќава и на запознавањето на нејзините баба и дедо: Мојата покојна баба беше несреќна што на 16 години го изгуби целото семејство од туберкулоза. Така враќајќи се од гробишта, на татко ми баба рекла: „греота девојчето 5 гроба ископа, како ќе заспие навечер, ајде да си ја земеме, греота Тацето! Ова е приказната како се земале моите баба и дедо…“

По војната дедо ми го прогласија за воен богаташ и му конфискуваа дуќани кои не ги вративме назад. Клавирот му го земаа… Дедо ми го сакаше тој клавир, а и татко ми свиреше многу.

Гордана продолжи околу нејзината кариера и живот: „Јас сум по вокација правник, сега пишувам бидејќи имам повеќе време. Јас сум прва жена адвокат во Македонија. Единствен адвокат кој бранел случај на клиент осуден на смрт во време кога смртната казна се извршуваше со стрелање. Имам двајца спасено до смртна казна до сега. Правник станав по желба на татко ми, мајка ми сакаше да станам стоматолог. Татко ми никогаш не проработе како правник иако заврши право, а сакал да студира ликовна академија, но не му дозволиле и неговата прва работа беше селски учител во село Ротино – битолско. После тоа влегува во Нова Македонија во 1954 година.

Многу го сакам правото, работев и во суд. На мои 50 години отидов во Украина и предавав на правен факултет, докторирав на меѓународни односи и дипломатија. Сега веќе 10 години пензионирана и ете имам време да пишувам и се посветив на тоа. Татко ми велеше: „сине кај што застанав јас ти да продолжиш“. Тој беше либерален и ме подржуваше и имаше разбирање за се. Велеше: „За се има решение – освен за смртта“!

Јас прво пишував поезија, потоа решив да го напишам првиот мој роман и решив да пишувам за мојот живот, односно за моите мажи бидејќи имав 3 мажи. Со двајца се разведов, а третиот почина, вели Гордана. И татко ми беше современ, ми рече: „колку имаше ти 3000-5000 мажи па ќе пишуваш за нив“? Во тоа време беше милениум пред другите во размислувањата!

На прашање дали талентот е наследен Гордана продолжи: „помалиот е уметник, а и ќерка ми и поголемиот син – графички дизајнери. Работат во печатницата ГРАФОПРОМ. Малиот син е магистер на филмско сценарио, а пишува романи раскази. Го има пишувано во голем дел сценариото за Преспав, а се бави и со сликарство и со музика. И јас исто сликам за свој ќејф. Помалата внука од мојот брат е школуван соло пејач – пее во Злата Мегленска и ја продолжува уметничката жица на фамилијата Такец“.

Таа вели дека бескрајно му е благодарна на Ром академик од Белград кој на 69 години и дал награда за животно дело. Јас бев запрепастена каков настан беше за еден обичен конкурс за ромска поезија. Владата им го имаше дадено Парламентот за реализација на настанот. Овде во Битола ми бараат пари за да ја користам салата и затоа го користам кафулето на синот, споредува таа и дополнува: „Муабетот ми е, дека Србите многу вложуваат во културата, јас, Македонка добив златна плакета за животно дело таму“!

Фондацијата Такец промовира млади поети. Се функционира пензијата на Гордана. Таа вели дека повремено дава награда или подарок, но секогаш поттик. Се работи за млади луѓе на кои фондацијата се обидува да им помогне. Жално е за младите што државата не помага повеќе, со разочарување констатира таа.

Гордана заврши со тоа што вели дека на нејзини 73 години, смета дека го има духот на татко и и верува во задгробен живот и реаинкарнација. Таа вели:  „по смртта на татко ми, мислам дека тој цела енергија ми ја префрли. Јас имам 27 романи до сега објавено. Организирав 99 настани во овие 6 години од неговата смрт. Би било фалба, но зборуваат Гордана дека ја држи културата во градот бидејќи без тоа што го работам Битола ќе биде мртва, како некој да има тенденција да ја уништи“, заврши таа.

 

Можеби ќе ви се допадне

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Next Article:

0 %