Пред да ,,гризнеш” провери
Современите феномени за градење кариера со ,,блефирање” ( фаќање врски, купување дипломи, работни позиции и углед на блеферски начин…) се модерните алатки за успех, кој е релативен, апсолутна е човечката глупост, што би рекол Ајнштајн. Фолиранти и блефери во изобилие насекаде низ светот, глупоќата ,,оро води”! Електронските медиуми се идеалните и секому податливи за реализирање на принципот „со лага до вистина“ во сите општествени сфери. Политиката е како квасец, во сѐ се меша, го нараснува тестото, го дуе и така добро измесено го пече во народната кујна, спремна да проголта сѐ што ѝ се сервира. Во систем на владеење без идеологија, со висок коефициент на неопределеност, поделеност и антагонизам, во ништожноста на една заедница без личен , но и колективен идентитет и инстант политика, со леснотија на површност непроверено се прифаќаат сервирани информации, за да се изразат моментални емоции со фрикативни гласови, без самогласки. Во недостиг на емоционална интелигенција, а присуство на акумулирани горчина, гнев и омраза, често читаме навредливи зборови од кои поцрвенува од срам и софтверот на компјутерот, за разлика од човековата бесрамност. Наместо слободен и креативен истражувачки дух, бестијално се општи со животински инстинк за опстанок на бескруполозните, кои бајаги се накотија. Изместените вредности инванзивно влегуваат без да „тропнат на врата“, а на навредливите зборови, исто како и на спиновите, се навикнуваш и ги читаш небаре се училишна лектира.
Прагматска пристрасност, сиромашна автоцензура и медиумската таблоидиотизација на блеф ги заменија стандардите на веродостојни информации и слободоумни јавни дебати поткрепени со факти.
Во недостиг на морална и политичка култура, спинувањето не се доживува како нешто спорно и недолично, туку како трендовска пропаганда за утилитарни цели, во духот на Макијавели.
До пред некоја година , спинот се протнуваше низ „иглени уши“, многумина и не знаеја што значи и за што служи спинувањето. Сега се усовршивме, имаме доктори по спин вештини , „Спинози“ за ширење лажни вести. Таквата „блеферска“ вештина не е за потценување, неа не може да ја поседуваат неинвентивни ликови без раскошна мечта. Но , еден таков перфиден играч без автоцензура, може да ја изигра јавноста и да се поигра со нејзиниот недостаток на критичко мислење. Секако, ова не важи за сите, има и читачи кои разбираат читајќи и меѓу редови. Во романот „Читачот“ на Бенхард Шлинк, интуитивниот читач нема да препознае само забранета љубов помеѓу петнаесетгодишник и триесетгодишна жена , туку и приказна за неповратниот срам на Германците поради воените злосторства.
Историски личности како барон Минхаузен, книжевни ликови како Тартиф на Молиер и Ревизор на Гогољ, во споредба со современите патолошки лажговци , манипулатори и предатори, наивни се како Пинокио. За разлика од Пинокио, кому му расте носот дур лаже, на Спинозите им расте банкарската сметка.- нели целта ги оправдува средствата. Спиновите внесуваат динамика во лагите и измамите, сестрински цврсто поврзани би си го продале и братот за сирење. Спин-докторите, Спинози или спинотворци, се интелигентни и вешти манипулатори , кои наоѓаат плодна почва за сеење лаги, а на македонската плодна и благородна земја, веднаш никнува сѐ што ќе посееш. Дури и кога ќе ти подадат јаболко, провери го пред да гризнеш. Сигурно не е од оние отровните како од приказната за Снежана, оти на манипулаторите не им требаат мртовци, им требаат живи, за да може постепено духовно да ги убиваат. Така си ја хранат депонијата од его, никогаш полна до врв. Суетата нема ограничување, нема врв. Суетата е депонија без дно. Затоа проверувај пред да поверуваш и да се подадеш, пред да гризнеш од мамецот, ,,мамката ви ваша”.

















