Палчо е Симптом
Пишува Драго Кирил
Тој не е убиецот, туку само го држел пиштолот, а чкрапчето го повлече цела една цивилизација, сите ние осум милијарди, следбеници на единствениот Бог кој ни остана – удобноста.
Па први се јавија психолошките мислења: “психопат бил,” поставувајќи го првиот ред на одбраната на човековата совест: “вината не е општествена, туку умоболието е виновно”
Небаре психопатите поминуваат низ мембрана од друга стварност, како тие да не се дело општествено.
Па се јавија религиозните (читај инквизициски) мислења: “човек што Исуса го носи во срцето не може да стори вакво недело,” поставувајќи го вториот ред на одбраната на човековата душа: “вината не е општествена, туку безбожништвото е виновно”
Небаре тие што свеќа палат не умеат пиштол да испалат, како крстоносците да не се дело општествено.
Па се јавија криминолошките мислења: “изолиран е случајот, не паничете безбедни сме, таткото бил зависник од дрога и коцка,” поставувајќи го третиот ред на одбраната на човековиот спокој: “вината не е општествена, туку семејството е виновно.”
Небаре тие одвоени во стаклено ѕвоно живееле, како семејството да не е дело општествено.
На крајот се јави духот на Вања, навек проколнат гневно да талка по земјата: “Ви благодарам што не останавте рамнодушни на мојата трагедија и го колнам оној до кој не допира зло, оти утре тој зло ќе прави.”
Долги години си велев “Животот е борба и војна, и на овој свет за живите нема ниту мир, ниту удобност.” Си велев “Бори се дури си жив и не барај мир. Еден ден ќе се успокоиш и ќе го добиеш она по што трагаш дека тоа е привилегија на покојните – вечен мир.”
Сега сум помудар и знам дека за некои души кутри нема мир ни на оној свет

















