Одбележани 80 години од Првиот скопски партизански одред
Формирањето на првиот скопски партизански одред е голем и значаен настан за македонската историја и историјата на нашето Скопје. Да се формира народно ослободителен партизански одред во 1941 година (на 22 август) претставува чин на огромна храброст, одлучност и хуманост на 12 луѓе подготвени со живот да ја платат слободата, започнувајќи голема борба против фашистичките окупатори и нивните слуги. Да не заборавиме дека токму Скопје во далечната 1941 беше еден од двата центри на тогашната бугарска административна, воена и полициската структура во Македонија.
Ова го истакна градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов во обраќањето по повод одбележувањето на големиот јубилеј 80 години од формирањето на првиот Скопски партизански одред,
Осврнувајќи се на историјатот на формирањето, тој меѓу другото рече дека партизанскиот одред на почетокот бил составен од 12 припадници, подоцна нивниот број пораснал на 42 кои биле од различна етничка припадност, а сепак се обединиле околу една единствена идеја – слободата, една заедничка антифашистичка мисија – ослободување од фашистичкиот окупатор при што диверзантските акции биле основен белег на предпартизанскиот период.
-Токму членовите на скопските диверзантски групи го сочинувале јадрото на првиот скопски партизански одред. Затоа уште еднаш заедно да им се заблагодариме за нивните херојски дела на: Чедомир Миленковиќ, Дане Крапчев, Боте Боцевски, Невена Георгиева – Дуња, Раде Јовчевски – Корчагин, Благој Деспотовски – Шовељ, Стерјо Кранго – Дучо, Боро Ончевски, Боро Трајковски – Ѓуро, Ацо Смилковски, Павле Момчиловиќ и Светозар Томиќ. Од вкупно 42 партизани на одредот, 17 го загубиле животот во текот на војната. Тројца од нив: Александар Урдаревски, Раде Јовчевски Корчагин и Боро Петрушевски се прогласени за народни херои. Затоа драги мои скопјани, ние немаме од што да се срамиме и секогаш со гордост се сеќаваме на нашата историја. За разлика од нас, некои наши соседи кои во минатото често биле на погрешната страна, преку обидите за интервенции во нашата историја се обидуваа да избришат делови од сопственото минато, при тоа заборавајќи дека негирањето на нашата антифашистичка борба е истовремено негирање и на сопствените антифашисти, рече Шилегов.


















