Обраќање на Костовски
Бизнисменот Трифун Костовски денеска на својата официјална страница на Фејсбук објави обраќање во врска со протестите против францускиот предлог.
Обраќањето го пренесуваме во целост.
Протести-четврти ден
Почитувани читатели, денес сакам со вас да ја споделам мојата перцепција врзана за протестите кои секојдневно се одвиваат пред Владата на Република Македонија и останатите државни институции.
Големото невреме на почетокот и за време на целиот протест не беше причина да не се собереме пред Влада со цел да ja искажеме потребата дека на францускиот предлог, околу дигање вето од соседна Бугарија за добивање датум за преговори, мора да му кажеме НЕ. Овој француски предлог значи во догледно време губење на нашата македонска и национална посебност. Мудроста вели: „патот до пеколот е постелен со килим и аранжиран со убави цвеќиња“. Интензивните посети од високи политички структури на земјите членки од ЕУ даваат сигнал дека ЕУ по секоја цена сака овој регион да го зацементира како проевропски, ама не нудејќи баш ништо. Претседателот на Советот на Европа Шарл Мишел пристигна да нè убедува дека францускиот предлог е најдоброто што можела Европа да го испорача. На новинарско прашање какви гаранции дава дека во натамошниот тек на преговори меѓу Македонија и ЕУ нема да има опструкции од соседна Бугарија одговори: „Јас ќе направам сè тоа да не се случи“. Јас тоа го толкувам само како дневна политика. ЕУ мора да испорача цврсти гаранции дека нашиот пат кон ЕУ не смее ни понатака да биде попречуван од нашите соседи. За жал такви гаранции никој во ЕУ не може да испорача.
На протестот заминав со моите другари од детство со најискрени желби да дадеме придонес дека безумното самоуништување мора да го сопреме.
Пред Владата бевме точно во 19 часот и останавме до 19:40 часот, без ништо посебно да се случи, без никаква организација или информација кој ќе одржи говор, на даден знак тргнавме кон Собранието на Република Македонија, попатно поминавме покрај Министерството за надворешни работи и стасавме до Собранието. Главниот настан на протестите беше организиран пред Собранието. Во маршот од Владата преку Министерството за надворешни работи до Собранието имав можност да го споделам со моите Македонци видување за начинот на кој што треба да ја продолжиме оваа борба. Бев сведок на многу пцости кон полицијата од страна на протестантите, нарекувајќи ги со најпогрдни зборови. Чин за осуда.
Полицијата и полицајците се дел од нашиот општествен поредок и тие се мои сограѓани, организирани од сите етнички заедници во Република Македонија. Не можам да прифатам гнев кон професионален полицаец кој си ја врши својата должност. Гневот треба да го покажеме на вистинската адреса, а тоа се Владата и Собранието на Република Македонија.
Поборник сум на организиран систем на водење протести. Не можам да прифатам дезориентираност или пак да ме водат луѓе кои немаат интегрирано во себе она што е најбитно, а тоа е да научат како се брани националниот идентитет. Со пцости, навреди НЕ, со аргументи ДА. Од говорницата на протестот пред Собранието на Република Македонија импресивен беше настапот на нашата Ребека, жена, мајка и Македонка. Впечатливи беа и останатите говорници, меѓутоа мене лично ме погоди мајчинскиот пристап на мојата Ребека со вистински емоции и вистински пораки.
Единственото нешто што ми остави трага дека попусто не сум потрошил повеќе од три часа, беше токму говорот на Ребека.
Почитувани читатели, не сум лик што би останал рамнодушен, а да не ги повторам моите замерки од стартот на овие протести, а тоа е организацијата.
Протестите се во име на македонскиот одговор НЕ на францускиот предлог. Во организациското тело на овие протести, неминовно е да се вклучат луѓе од сите сфери на нашето живеење. Политичките партии кои стојат во позадината на овие протести треба час поскоро да излезат од своите политички рамки и да дозволат на овие протести да учествуваат лица од други политички партии, вклучително и Македонци кои немаат политички бекграунд. Моја лична перцепција, ако на првиот ден на протестите се појавија лица од други политички партии со цел да дадат поддршка на овие протести, вечерва нив ги немаше или ако беа, беа во многу симболичен број.
Очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ како најсилна опозиција владее со овие протести преку нејзините приврзаници.
Убеден сум дека тоа не е патот во кој ќе победиме на овие протести, бидејќи многумина Македонци кои што сакаат и даваат поддршка нема да се појават. Не треба да преовладува политичкиот белег на овие протести.
Со цел да се добие масовност во кој ќе учествуваат сите Македонци потребна е итна реорганизација на протестите на кои ќе им се даде македонски белег. Партиите се нужност без кои не можеме да ја оствариме оваа организација, ама барам да се надминат самите себе и да ги остават настрана теснопартиските интереси со цел вклучување на високо профилирани Македонци од сите сегменти на нашето живеење кои ќе дадат печат на овие протести.
Пораките и главната порака на овие протести мора да се пренесе на достоинствен и цивилизиран начин.
Завршувам. ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија да, тоа е најсилната опозициска партија во македонскиот блок, меѓутоа за мене, Македонија и Македонецот имаат предност.
















