Колумни

Неизлечиви болештии        

Неизлечиви болештии

Има болести за кои нема вакцини и противотрови, болештини што не се заразни, но се разорни. Има болести многу пострашни и од вируси! Помислата дека во светот секое трето девојче и секое седмо момче се жртви  на семејно сексуално насилство, здоболува  до коска. Патем, статистиката понекогаш е како бикини, ги крие најважните делови. Во новиот милениум многу информации се  достапни, но сѐ уште најстрого чувани семејни тајни се токму тие, сексуалната злоупотреба на деца. Што би се случило со светот, ако се урнат сите табуа и  ако се  дозволат  сите права на сексуалната определеност? Факт е дека и предрасудите се вид на социјално насилство, но исто е  факт  дека не смеат да се урнат сите забрани во име на слободоумието, сѐ додека човековиот ум е способен да сквернави. Широк е и бестијалниот список на сексуални настраности како некрофилија,  геронтофилија, зоофилија, педофилија, парафилија и уште многу филии за кои треба отворено да се зборува. За време на карантинска изолација менталните болести и семејното насилство земаа замав.

Инцестот постои колку и човештвото, од египетските  Птоломеи , Клеопатра, римските владетели, Калигула, Нерон… па  сѐ до европските кралства и ден денешен. Древните „цивилизации“ биле  склони кон инцест заради чување на богатството, територијата, сината крв, но и патолошката љубов ( Калигула кон сестра си Друзила). Вавилон пропаѓа  од разврат, вавилонската кралица Семирамида го озаконува инцестот и се жени со синот за да го сочува престолот. Племствата на Хабзбурговците , Савои и Бурбони ја чувале сината крв, не ретко посинета од  блуд и родосквернавење. Данте Алигиери во првиот дел од „Божествена комедија“ , „Пеколот“ ги казнува  блудните ставајќи ги во вториот круг, кој почнува со предупредување од Евангелието „широк е патот до пропаста“. Големиот психоаналитичар Фројд инспириран од старогрчкиот мит за несреќнот цар Едип и трагедијата „Електра“ , научно го  објаснува  инцестот како примитивен нагон на свеста кај  човекот, а патолошката поврзаност на синот со мајката  и ќерката со татко,  ги нарекува  Едипов и Електра комплекс.

Тешко ѝ се суди на  љубовта. Многу познати и јавни личности низ историјата биле во брак со свои роднини. Американскиот претседател Рузвелт имал шест деца со својата  роднина Елеонора, германскиот композитор Јохан Себастијан Бах бил во брак со втора братучетка Марија Барбара, генијалниот  Алберт Ајнштајн по разводот со исто толку генијалната Милева, се оженил со роднина од второ колено, Елса.  Американскит поет Едгар Алан По се вљубува во седумгодишната роднина со која се жени кога таа ќе наполни тринаесет години. Анабел Ли е причина, покрај алкохолот,  за неговото растројство, инспирација за култната песна  „Never more“  во која ја вдахнува својата муза преку името Ленор. Михајл Булгаков  ја оживува  биографијата  на Молиер  во XX век, објавувајќи  книга за него  „Животот на Молиер“  каде пишува дека Молиер бил обвинет за инцест со ќерка од невенчаната жена,  но никогаш не е докажано, ниту пак  одречено. Чарлс  Дарвин не  еволуирал подалеку од приматите имајќи  десет деца со прва братучетка! Според нашето законодавство, брак не можат да склучат меѓу себе роднини кои се во крвно сродство во прва линија, како и родени браќа и сестри, брат и сестра по татко односно по мајка, стрико и дете од брат, вујко сестра, тетка и дете од брат, тетка и дете од сестра, ниту пак први братучеди.

Биолозите тврдат дека инцестот кај животните е многу ретка појава, а растителниот свет има свој анти инцест механизам. Проблемот е во пореметениот човечкиот ум, бестијален и кон животинскиот свет.

Инцестот е  неспособност да се прилагодиш на друг и поинаков од себе, што е пречка за еволутивен и морален развој на здраво општество, а педофилија во 21 век – срам за човечкиот род. За нив вакцини сѐ уште никој не измислил.

Алармантни се податоците за сѐ помасовното  кревање рака врз сопствените деца  и чедоморствата. Родители – sверови насекаде низ светот, од најзаостанатите рурални  средини и племенски заедници , па сѐ  до урбаните , навидум цивилизирани средини, каде материјалната егзистенција не е загрижувачка.

На прв слух, може и не е толку убиствено невротичното размислување на некои родители  дека  се чувствуваат како жртви на своите деца. Но никако не е добро ако постојано им се повторува  на децата подобро да не се родиле. Кога се раѓа „несакано“ дете , родителот кој не го прифаќа и доживува како товар,  може подоцна да  манифестира  брутално  насилство, но и нагон за  убиство. Скриената омраза, на емоционално незрел родител кон детето, може да се активира со било какво негово иритантно однесување.

Таквиот инфантилен родител, неодговорно се оправдува  дека детето го спречило во амбициите и кариерен развој,  му ја „украло“ младоста,  го принудило да се омажи без љубов  и слични беспредметни обвинувања… Сепак, од многу несакани забременување има многу сакани деца, но добро е да се размисли пред  да се создадат услови за бременост, подеднакво одговорна за обата пола. „Ние не ги сакаме нашите деца само затоа што ни се деца, туку заради љубовта што расте со нив“ – Маркес.

Таква е родителската љубов, безусловна, тивка во својата одговорност, гласна во среќните моменти, блиска и кога е далечна, огромна,неспоредлива, истрајна и моќна колку универзумот. Одговорниот родител зрело постапува , и преку своите постапки тивко дава пример на децата.

 

Можеби ќе ви се допадне

Колумни

Феникс

Почитувани читатели, насловот на денешната колумна, посветена на Еуростандард банка е инспириран од името на ...

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Next Article:

0 %