Македонија

Костовски: Православие-раскол или политика

Во екот на безумната војна која се води во Украина, пропагандните машинерии на спротивставените страни не бираат средства до кој степен ќе навлезат во нашето секојдневно живеење, напиша на својата страница на Фејсбук, бизнисменот Трифун Костовски.

Објавата ја пренесуваме во целост:

Неодамна завршената Евровизија, настан кој го отсликува животот и музиката во Европа, Азија и Австралија, се претвори во политички ринг. Победник на овој гламурозен настан стана Украина, чија песна далеку заостануваше согласно музичките критериуми од еминентни музичари од сите земји учесници. Дали ова треба да го толкуваме како епилог во кој ќе констатираме дека политиката влегува длабоко во порите на овој настан?

Овој чин е еднократен и брзо ќе се заборави, меѓутоа пораката е лоша. Многу повеќе ме допира односот во православието каде сме сведоци дека нашата МПЦ-ОА, станува еден вид јаболко на раздор во самата православна, христијанска игумена. Признавањето на нашата самостојност од страна на Вартоломеј, вселенски патријарх на севкупниот православен свет во Цариград предизвика немир во православниот свет. Деновиве сме сведоци дека СПЦ во изменета форма го третира ова признавање, каде и натаму нашата МПЦ-ОА е заложник на СПЦ. Едноставно томосот кој значи автокефалност МПЦ-ОА не го добива. Разидувањето меѓу вселенскиот Патријарх Вартоломеј од Цариград и Руската православна црква со седиште во Москва од 2018 година се уште не е надминато.

Дали ова треба да го толкуваме како раскол во православието?

Модерниот свет ја одвојува религијата од државата, меѓутоа многу умешно манипулира и со чувствата на верниците. Дали и во случајот на МПЦ-ОА стануваме предмет на манипулација меѓу големите сили кои денес војуваат во Украина? Во православниот свет има многу самостојни непризнаени цркви. Според каноните во православието томосот за автокефалност треба да биде добиен од мајката црква, во случајов МПЦ-ОА и Црногорската православна црква томосот треба да го добијат од СПЦ, а Украинската православна црква томосот треба да го добие од Руската православна црква. Денешната војна во Украина се води меѓу народи кои припаѓаат на православниот свет. Впечатокот дека верата се става во интерес на политиката е повеќе од очигледен. Дали треба да завладее злоба и омраза во православниот свет? Токму тука мудроста треба да надвладее. Ниту една религија во нејзините корени не промовира војна и крвопролевање, вклучително и православната христијанска вера. Раскол доколку и постои не ни е потребен нам верниците.

Впечатокот дека се манипулира со мојата верска припадност е силен. Слогата која треба да го краси православието полека но сигурно се претвора во насилие и омраза на нациите кои го чествуваат православието. Најотворено се прашувам до кој степен пропагандните машинерии на двете завојувани страни ќе удрат по целата светска заедница? Најпрво удрија по стандардот на секој поединец на Земјината топка. Повеќе од јасно е дека секој поединец на Земјината топка денес ја плаќа војната во Украина.

Зошто удираат и по најдуховниот дел од човекот, а тоа е неговата вера?

Можеби ќе ви се допадне

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Next Article:

0 %