КОСТОВСКИ: ВЛАДАТА СЕ ПОКАЖА КАКО ЛОШ ДОМАЌИН НА ГТЦ
Бизнисменот Трифун Костовски изјави дека „падот“ на ГТЦ во очите на граѓаните се должи на карактерот на неговата сопственост.
Објавата на Костовски ја пренесуваме во целост:
Симболот на Скопје и скопјани, уште во времето на бивша Југославија, изградениот Градски Трговски Центар кој со својата визуелност и функционалност доби највисоки признанија како најпрестижно архитектонско дело на покојниот Професор, Архитект Живко Поповски, денес сме сведоци за неговата нефункционалност, а згора на тоа и на повидок криминални дејанија – крадење струја.
Најпрво ГТЦ го изгуби својот идентитет не поради новите шопинг центри тоа се Рамстол Мол, Сити Мол и денеска Ист Гејт, туку од непрофесионалното водење на овој комплекс. Паѓањето на ГТЦ во очите на граѓаните се должи пред сè во карактерот на неговата сопственост. Во сите шопинг центри кои денеска функционираат во Скопје имаме чиста сопственичка структура, структура со приватен капитал. Единствено ГТЦ остана во рацете на државата и резултатите од нивното недомаќинско стопанисување се евидентни, што овој прекрасен трговски центар го претворија во дувло каде секојдневно се затвораат дуќани, граѓаните го избегнуваат, сопствениците на дуќаните наврат-нанос настојуваат да ги отуѓат поради високите режиски трошоци кои не можат да ги платат.
Врв на оваа хипокризија е фактот што набавената електрична енергија од ЕВН, која не бара ама баш никакви обврски се продава на крајните корисници, читајте дуќанџиите во Трговски Центар за 4 пати поскапа електрична енергија. Дали имало крадење на електрична енергија или не, тоа треба да биде детално испитано. Виновниците за ваквите злоупотреби треба да се соочат со лицето на правдата. Единствен излез да овој објект си го добие назад својот сјај кој навистина го заслужува е да Владата веднаш го отуѓи и да биде стопанисуван од луѓе кои ќе бидат сопственици и кои секако ќе настојуваат чувајќи го сопствениот интерес да му дадат повторно сјај на ова уникатно архитектонско дело. Владата се покажа како лош домаќин на ГТЦ. Нема право на натамошни грешки. Доколку се докаже дека навистина се крадела електрична енергија од ГТЦ, очекувам оставки од сите клучни луѓе, вклучително и Премиерот на Владата на РМ.
















