Костовски: Владата не презема ништо за енергетската криза
Бизнисменот Трифун Костовски денеска ја коментираше Уредбата за прогласување на кризна состојба при недостиг на електрична енергија што ја донесе Владата на 30 октомври годинава и која веќе е објавена во Службен весник.
Изјавата на Костовски ја пренесуваме во целост:
Сведоци сме на нетранспарентно водење на Владата за прашања кои се од витално значење за Република Македонија и нејзините граѓани. На веќе одржаната седница на Влада на 30 Октомври, донесена е уредба со сила на закон, објавена веќе во службен весник, во која што се ставаат рамки за воведување на кризна состојба од претстојната криза која се очекува во енергетскиот систем.
Ова е само потег во кој што актуелната Влада си дава право самата себе да преземе мерки кои што директно ќе го удрат обичниот граѓанин во Република Македонија. Во изминатите 4 месеци бевме убедувани дека во Македонија нема да има енергетска криза иако цените на електрична енергија на светските берзи беше во постојан пораст. Владата во изминатите 4 месеци не презема никакви конкретни мерки со цел да се контролира овој раст и да се имплементира без трајни последици по државата и нејзините граѓани. Со оваа уредба Владата си купи законско право да менаџира со веќе очекуваната криза. Владата на СДСМ и нејзините коалициски партнери покажаа комплетна незрелост во справувањето на овој веќе растечки проблем. На место да се впрегнат во изнаоѓање решенија за полесно справување со оваа криза, тие беа комплетно инволвирани на локалните избори кои се одржаа неодамна.
Евидентно е дека ударот кој го добија владејачките партии на локалните избори влијае во натамошното функционирање на актуелната Влада. Премиерот во заминување додаде уште еден проблем, а тој проблем се вика негова оставка. Оваа оставка предизвика додатни проблеми во нашето секојдневие, бидејќи покрај проблемите кои што се веќе присутни, а тоа е енергетската криза, борбата со пандемијата, ни се наметнува и политичка криза која уште повеќе може да ја искомпликува претстојната зимска сезона за обичните граѓани.
Заклучувам: сериозни предизвици за Република Македонија и нејзините граѓани и несериозна Влада која не умее да менаџира во интерес на своите граѓани. Предвремени избори се неопходно потребни. Времето на одржување на овие избори мора да биде усогласено меѓу политичките партии. Повикувам до сите политички субјекти во Република Македонија да се сплотат во дадениов момент во справување со енергетската криза и пандемијата Ковид-19. Политичката криза да ја симнат на подносливо ниво за нас граѓаните. Повикувам на разум и хуманост. Не сте во прашање вие политичарите кои ја делите власта во Република Македонија, во прашање е доведена егзистенцијата и достоинството на секој поединец од кои впрочем вие живеете.
















