Колумни

КОГА ЌЕ СФАТИМЕ?

Пишува Драго Кос, меѓународен експерт за организиран криминал и борба против корупција

Меѓу другите теми, Балканот отсекогаш бил интересен и по прашањето на корупцијата: на релативно мала површина се среќаваат толку различни народи, култури, религии и карактери што отсекогаш било гаранција за отсуство на каква било досада во секоја област, особено на подрачјето на корупцијата. Покрај тоа, балканските земји поминале низ многу различни историски епохи и биле дел од сосема различни држави во минатото, па и поради тоа се толку различни во своите обиди да ја контролираат корупцијата.

И покрај сите разлики на полето на корупцијата и борбата против неа, некои работи сепак останаа исти: политичарите во сите балкански земји секогаш тврдат дека се борат против корупција и дека не се тие кои се нечесни, туку нивната конкуренција. Што и да се случи на тоа подрачје, секогаш е виновен некој друг, а не тие. На сите земји на Балканот им е заедничко и тоа што нивните граѓани веќе одамна престанаа да веруваат во ветувањата на политичарите дека ќе станат и ќе останат чесни ако победат на избори. Уште една работа е слична кај сите земји од регионот: меѓународната заедница во нивната борба против корупција вложува десетици милиони евра и долари, еднаш за да ги приспособи за да добијат статус на кандидат за ЕУ, друг пат за влез во ЕУ, па трет пат за влез во ОЕЦД. Со оглед на тоа што ефективна борба против корупција е политички услов за влез во ЕУ, а тоа значи, дека за него не се расправа, во него не се сомнева и поради него не се поставуваат прашања, борбата против корупција е еден од најзначајните услови за влез во ЕУ – не толку поради барањата поврзани со ефективноста на таа борба туку многу повеќе поради тоа што ЕУ нема објективни стандарди, ниту критериуми за проценка, дали некоја држава навистина ефикасно се бори против корупцијата. На прв поглед тоа изгледа како предност за државите – кандидати за влез, но не е. Тоа е многу поголема предност за Европската Комисија, која може секој ден да измислува и поставува нови противкорупциски услови за влез во ЕУ. Во ЕУ не се влегува кога е подготвена државата – кандидат, туку кога е подготвена ЕУ. Тоа на своја кожа го почувствува Хрватска, ќе го почувствуваат уште земји. Воглавно, нема попогоден изговор од „неефикасна борба против корупција“ со цел пред земјите да се ставаат нови и нови пречки за влез, кој поради тоа се одолговлекува со години, па и децении.

Но покрај сите критики од ЕУ на полето на борбата против корупцијата треба да се биде искрен и да се признае дека без неа работите би биле многу полоши. На Балканот како навистина да немаме талент за ефективна борба против корупцијата. Тоа го покажуваат и статистиките – не оние кои се базираат на перцепција, значи на мислење на граѓаните, туку оние вистинските, кои се базираат на конкретни податоци и прашања. Едно од таквите прашања е и прашањето „дали вие или ваши роднини или пријатели во последната година употребиле мито за постигнување на свои цели“? Тоа прашање во рамките на т.н. „Глобален Корупциски Барометар“ со години го поставува Транспаренси Интернешнл и резултатите се поразувачки:

% луѓе на Балканот кои во изминатата година платиле мито:

Земја/година                  2006             2011                  2016          2021

Албанија                                66                  /                       34                 /

БиХ                                         5                  23                      27                /

Бугарија                                8                   8                       17                 19

Хрватска                               7                   5                       10                 14

С. Македонија                    9                  22                      12                 /

Молдавија                           27               37                       42                /

Црна Гора                             /                  /                         16                /

Романија                              20               29                        29                 20

Србија                                   13               18                        22                 /

Словенија                             /                 4                          3                     4

Во повеќето земји, со исклучок на Албанија, ситуацијата не само што не се подобрила, туку драстично се влошила. Запрепастувачки лоша е ситуацијата во Босна и Херцеговина и Молдавија, но тоа исто важи и за трите членки на ЕУ, Бугарија, Хрватска и Романија. Не е многу подобро ниту во Северна Македонија, ниту во Србија, а Словенија веќе со години кубури на 3 или 4%, без некакаво поместување.

Анализата врз основа на овие податоци дава интересни резултати: изгледа дека влезот во ЕУ баш и не влијае многу врз ефикасноста државите во борбата против корупцијата. Резултатот на Албанија, кој на прв поглед покажува голем позитивен напредок, сè уште е втор најлош во регионот, веднаш зад Молдавија. Големите пари кои се вложуваат во борбата против корупцијата во регионот, не ни помагаат баш многу – или можеби резултатите без нив би биле уште полоши?

Како и да е, очигледно на Балканот на полето на борбата против корупцијата нешто не чини. И за тоа не е одговорна Европската Унија, за тоа не се одговорни оние кои секој ден се трудат, или да спречат или да казнат секаков облик на корупција, за тоа сме одговорни сите ние: затоа што дозволуваме постојано да не влечат за нос корумпирани политичари кои пред избори ветуваат брда и долини на полето на борбата против корупцијата, а после избори не сакаат ни да слушнат за тој збор, а уште повеќе поради тоа што повеќето никако да сфатат дека не ЕУ и не владата односно полицијата, туку секој поединец сам може најмногу да направи во борбата против корупцијата со сосема едноставно НЕ, кога ќе се најде во искушение. Додека сите тоа не го сфатиме тоа, ни нема спас.

Можеби ќе ви се допадне

Колумни

Феникс

Почитувани читатели, насловот на денешната колумна, посветена на Еуростандард банка е инспириран од името на ...

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Next Article:

0 %