Колумни

Жени божици

Сите ние по малку или повеќе сме митски народ. Не само поради митото и подмитувањето во сите можни и невозможни институции, заедници и мисии, туку поради  исконското верување во митологијата. Сакаме да  веруваме во митови, мечтаеме живи да станеме легенди, да сме главни ликови во усните преданија, па макар и во  чаршиските озборувања… Само да се раскажувало, па нека е и банално, невистинито, непријатно… Битно е да звучи, што би рекле инфлуенсериве-  ,,нека трепка”.

Можеби таквата потреба за „бајковитост“ на нештата е последица на сурово реалното секојдневие во кое  сѐ поретко среќаваме среќен крај. А толку многу сакаме приказни со среќен крај, како во турските серии, на пример. Затоа и ги гледаме, среќа во сериите. Но суштината на сите приказни, било измислени или историски (нешто и со историјата почна да се фантазира) се базира на митови, на нивната исконска сила.

Читајќи митови или приказни со фантастична содржина доживуваме мистично искуство преку препознавањето, поврзаноста со минатото, допирањето на вистината, формираме архетипови на карактери, ликови, ситуации и полесно преживување на реалноста. Бидејќи март е најженствениот и најпревртливиот месец во годината (во овој месец менува климата како жена што го менува   расположение во климаксот)  ќе го посветам текстов на нејзиното височество Жената.

Грчко – римските божици повеќе од 3 илјади  години живеат во потсвеста на жените, а не се  ни свесни за тоа! Инспирација ми е книгата ,,Божица во секоја жена”,  дело на авторката Џин Болен, професорка на Калифорнискиот универзитет и Јунгова психоаналитичарка, која ги дели жените, според нивните надворешни и внатрешни атрибути, во три категории на божици: девствени, ранливи и божици на трансформација (алхемија).

Во девствените спаѓаат Артемида (на ловот и месечината) и Атена (на мудроста и вештината); во ранливите се Хера (на бракот) и Деметра (на плодноста), а божица на трансформација (алхемија) е Афродита (на љубовта и убавината).Особини на девствените жени-божици се:  независноста, логичкото размислување, живот со цел и себедоволност. Ранливите жени-божици се сопруги, мајки и ќерки кои имаат потреба за блискост и приврзаност, секогаш посветени  да ги задоволат другите, а не себеси (затоа се ранливи). Жените алхемичарки со моќ за трансформација имаат еротска привлечност и сензуалност. Тие влегуваат во врски во кои никогаш не се жртви, трагаат по интензитет, а не стабилност во врската.  Женската убавина е вечно инспиративна и за око и за дела,  совршена токму во несовршеностите. Убавината на жената извира од секоја нејзина пора, од сите нејзини рабови и облини, од погледот, зборот, гестот, допирот… Затоа е магична, честопати скриена, невидлива за сечие око или вкус, но сеприсутна и вонвременска. Само ако умееш да ја препознаеш! Првиот неофицијален избор за убавица, според митологијата, бил на Олимп, кога божицата на раздорот, Ерида, ќе го фрли златното јаболко со титула ,,на најубавата” и ќе спотне кавга меѓу трите божици: Хера, Атена и Афродита.

Причината за Тројанската војна не е само резултат на суетата и престижот туку и на машкиот егоизам – Париз ѝ  го доделува златното јаболко на Афродита , а таа, за возврат, му ја ветува убавата Елена, жена на кралот Менелај и ете ти војна. Елена навистина била божествена, што не може да се рече за Клеопатра. Нејзините адути биле самодовербата и амбициозноста. Секоја самосвесна жена треба вешто да ги користи  своите предности, а секоја има по нешто од нив како убавина, памет, трудољубие, шарм, креативност, духовитост, духовност, амбициозност, интуиција и многу друго. Но уште повешто треба да умее да ги скрие своите мани.

Жената поседува бескрајно многу атрибути за лично и колективно задоволство. Карл Јунг во психологијата го воведува терминот „архетип“, како инстиктивно однесување на луѓето, содржано во колективното несвесно, ,, виновно” за однесувањето според универзалните принципи.  Жените низ историјата ретко биле третирани како божици, дури и кога биле со сина крв. Да не го заборавиме страшниот период од средновековието, најголемиот геноцид врз женскиот род, благословено од инквизицијата која безмилосно жените ги обвинувала за вештерки, палејќи ги на клада. Уште многу такви ,,вештерки” ќе се реинкарнираат во  борци  за женските права и ќе летаат на своите идеолошки метли низ историјата. Забележана е по својата храброст Мадам де Стал,  интелектуалка и предвесник на романтизмот, писателка од 18 век која ќе му се противстави на еден император, како Наполеон, и секако ќе биде во негова немилост.

„Зарем она мене да ми се спротивстави” – може да се прочита и да се  слушне во овој современ век, како екот од старогрчката трагедија „Антигона”, лик кој што се спротивставува на наредбата на кралот вујко. Секако, ќе биде казнета со смртна казна за непослушност.

Во нашата литература, прв книжевен лик на еманципирана жена е Доста Рожденката, лик од романот ,,Крпен живот” на Стале Попов, која во една рурална средина ќе донесе градски манири, како на пример носење шамивче и килоти, заради што ќе биде озборувана од примитивната селска средина.

Секоја добра идеја уште од почетокот  е осудена од толпата просечни и неуки. Борбата за женската еманципација од 1910 година со Клара Цеткин и  Роза Луксенбург, подоцна кај нас со  Роса Плавева и Накије Бајрами, кои го симнаа фереџото од лицето на жената, сѐ уште е борба што трае.

Дали сме среќни со таквата еманципација, самостојно да заработуваме, сами себеси да се честиме и наградуваме (под честа ни е мажот да нѐ финансира), да се грижиме за домот и децата после работното време што траеби кога влегуваме дома, избезумени од професионалните работни ангажмани? Згора на тоа, треба архетипски да разбудиме некоја  заспана божица во нас (Афродита, Атена, Деметра или Мерлин Монро) и во стилот на Клеопатра, вешто и амбициозно да го заведеме саканиот маж!

Ех еманципацијо, не си ти така едноставна! Ослободена од раката на мажот и од брачните стеги (mancipacija значи брачна потчинетост, брак од интерес) жената се оптовари и физички и психички, а сѐ  уште ја нема материјалната еднаквост. Жените се уште имаат помали плати за иста професија, помала застапеност на високи функции и општествени позиции, жени на државнички и политички функции.

Останува реториката, дали да се бориме или да се одмориме?  Да ги оставиме мажите да работат и за нас, како во старите времиња. Звучи симпатично, но само ако има такви мажи-џентлмени,  благодарни за вашата мајчинска и домаќинска ангажираност.

За крај, како осмомартовска честитка, стиховите на Марта Ривиера Гаридо, во императив за мажите, случајно да не се вљубуваат во сѐ она за кое што се боревме низ историјата:

,,Не заљубувај се во жена која чита, која премногу чувствува, која пишува…

Не заљубувај се во образована, магична, екцентрична, луда жена!

Не заљубувај се во жена која размислува и која знае како да лета – жена која е сигурна во себе.

Не заљубувај се во жена која се смее или плаче додека води љубов, не дај Боже да се заљубиш во жена која сака поезија, или која поминува пола час размислувајќи за некоја слика и не може да живее без музика!

Не заљубувај се во жена која се интересира за политика, која е бунтовна и која чувствува огромен хорор кога се работи за неправди!

Не заљубувај се во жена која е интензивна, забавна, луцидна и несоодветна.

Не! Не посакувај да се заљубиш во таква! Затоа што ако се заљубиш, без разлика дали ќе остане со тебе или не, без разлика дали те сака или не, никогаш нема да можеш да се опоравиш од таква жена!

Можеби ќе ви се допадне

Колумни

Феникс

Почитувани читатели, насловот на денешната колумна, посветена на Еуростандард банка е инспириран од името на ...

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Next Article:

0 %