ДАЛИ КОРУПЦИЈАТА Е ШТЕТНА ИЛИ НЕ?
Пишува Драго Кос, меѓународен експерт за организиран криминал и борба против корупција
Ако кој било човек на планетава се праша што мисли за корупцијата, сите ќе кажат дека тоа е нешто слабо, нешто што им штети на луѓето. Но, ако се постави следното прашање – за тоа кои и какви се конкретно тие штетни последици од корупцијата за кои сите зборуваме, доаѓа до проблем. Луѓето корупцијата прво ја сфаќаат како нешто незаконско, па дури и неморално, но многу ретко како нешто што штети материјално, економски. Што би било лошо во тоа, ако некој побрзо добие дозвола со плаќање поткуп, побрзо дојде до лекар или избегне да плати голема казна на сообраќаен полицаец за брзо возење? Дека корупцијата има и негативни економски последици, најмалку ќе се сложат директорите на фирмите кои со плаќање мито доаѓаат до големи договори во областа на јавните набавки или дури и во бизниси каде што двете страни се од приватниот сектор.
Но, бројките се јасни: со години се прават анализи за влијанието на корупцијата врз националните економии и нивните резултати се недвосмислени. Додуша, поединци можат краткорочно да профитираат со плаќање мали суми за тоа, за да добијат нешто поголемо или побрзо, но на долг рок тоа ќе им се врати како бумеранг.
Во секоја земја постои одреден степен на корупција и ако тој степен се влоши поради која било причина, вклучително и корумпирани влади, злоупотреби на јавни набавки, големи измами во финансиските системи, доаѓа до многу последици.
Поради тоа што семејствата од својот внимателно распореден буџет мора да одвојат дополнителни пари за корупција, нема да има пари за други работи кои се важни за живот, но не и за буквално преживување, па ќе се намалат уписите во незадолжителните училишни програми – и за 5 процентни поени.
Ако семејствата ги компензираат зголемените корупциски трошоци со намалување на квалитетот на нивните животни услови – не го загреваат доволно станот, купуваат храна, пијалаци и лекови со лош квалитет и слично – животниот век се намалува и за 2,5 години.
Доколку компаниите треба да потрошат дел од првично планираните средства за инвестиции – изградба на фабрики, набавка на машини итн. – за корупција, обемот на инвестиции во земјата ќе се намали и до 4,5 процентни поени. Ова, на пример, сега се случува во некои пост-социјалистички општества, кои процветаа по транзицијата од социјалистичка државно-планирана во капиталистичка економија поради почетните големи вложувања на странските инвеститори, кога тие сè уште не сфатија дека големиот обем на мито е задолжителен дел од секоја инвестиција. Кога конечно прогледаа и кога износите на мито што им се бараа ја преминаа границата на економската прифатливост, тие почнаа не само да ги намалуваат инвестициите туку и да бегаат од тие земји.
Не само семејствата, туку и државата губи пари поради корупција. Но, за разлика од човечкото семејство, кое е објективно ограничено во износот на пари што може да го собере, државното „семејство“, односно владата, секогаш има начини да го зголеми износот на пари со кој располага: воведување нови или проширување на постоечките даночни обврски за граѓаните, и така корупцијата се претвора во директен извор на зголемено даночно оптоварување за граѓаните – и тоа за 7,5 процентни поени.
Се разбира, не можат сите загуби на јавниот сектор, кои настануваат поради корупција, да се надоместат со повисоки даноци, па затоа доаѓа до намалување на јавната потрошувачка и до 3 процентни поени. Бидејќи јавниот сектор е најголемиот потрошувач во секоја држава, поради намалувањето на јавната потрошувачка доаѓа до проблеми во продажбата, а следствено и во производство на стоки, така што се намалуваат и производството и со него поврзаниот опсег на потребни работни места, што повторно води до намалени даноци што ги собира државата – и така повторно во истиот круг.
Сето наброено се одразува и на забавувањето на растот на БДП и тоа просечно во светот за 0,13 процентни поени, а сите земји во светот во просек губат по 425 долари по жител. Тие бројки се многу различни во зависност од земјата за која станува збор и може да се движат од 1.363 долари во Либерија, преку 964 долари во Индонезија и до 53 долари по глава на жител во Хрватска. На прв поглед, тоа не се многу големи бројки, но кога ќе се помножат со бројот на жители во овие земји, се сфаќа вистинскиот обем на проблемот.
А што да им се каже на директорите на фирмите кои со плаќање мито доаѓаат до големи договори? Едноставно: со плаќање мито тие можат да добијат еден договор, некогаш дури и повеќе, но не им бега следното: кај коруптивното склучување договори квалитетот и цената на производите и услугите губат смисла, на нивно место доаѓа висината на митото. А тоа само значи, дека фирмите, кои плаќаат мито за добивање зделка, тие исти зделки ќе ги изгубат кога ќе дојде некој кој на другата договорна страна ќе и понуди дури и само за 1 евро или долар поголемо мито. Покрај тоа, кому ќе се жалат тие фирми, кога другата страна, таа која примила мито, нема да се придржува до договорот: нема да го плаќа испорачаното, или нема да плаќа на време или без причина ќе се жали на купеното? Како директорите, кои се гордеат што зделките ги добиваат по скратен пат, со плаќање мито, ќе реагираат кога спротивната страна ќе бара се повеќе и повеќе? Тоа е круг од кој нема излез, сите го знаат тоа. Па сепак, влегуваат во него.
Значи, нема никаков сомнеж, дека корупцијата не е само правно и морално штетна – таа директно влијае на животните услови на луѓето, се повеќе од нив живеат се полошо, а се помалку од нив се подобро и подобро. Поради тоа, тоа малцинство и не помислува да се откаже од корупцијата. Тажно е тоа што тоа малцинство обично со сочинуваат тие кои се избрани и платени од луѓето за да се трудат за благосостојба на сите, а не само за себе – политичарите. Во централна Европа, па и во нашиот регион, се повеќе политичари влегуваат во гореспоменатиот коруптивен круг, се помалку се оние кои навистина сакаат да одработат нешто добро за своите сограѓани. Тоа ги сфатија и политичарите вон нашиот регион кои со финансирање „под маса“ на своите колеги кај нас за кусо време успеаја да урнат многу работи кои земјите од регионот, Словенија, БиХ, Србија, па и Македонија ги граделе со години. Никој тоа не сака да го нарече со вистинско име, на некои тоа лудило дури и им одговара и наместо земјите од регионот не само формално туку и суштински, сталожено да тргнат во правец кон Европската Унија или да останат таму (Словенија), политичарите, кои се на платен список на „колегите“, на кои не им е грижа за добро функционирање, а камоли и до проширување на ЕУ, за шака евра или долари нѐ водат во сосема друга насока. А тоа нема никако добро да заврши – ниту за нив и ни за нас!

















