Екологија

Во Крива Паланка се одржа „Зелен викенд”

Околу сто и педесет млади луѓе учествуваа на дводневниот „Зелен викенд” што во рамки на проектот „Поврзување на бисерите” се одржа на локалитетот Станечки водопади и на Калин Камен во Крива Паланка.

Станува збор за туристички атракции, локалитети, вброени во смарт-интегрирана туристичка понуда кои Општината заедно со градот Лесковац и Центарот за развој на Јабланичко-Пчињски регион ги промовира со проектот што се имплементира преку ИПА програмата на Европската Унија за прекугранична соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Србија.

На локалитетот Станечки водопади се спроведе спортско-рекреативен настан во повеќе дисциплини, а младите и спортистите беа главни учесници и промотори на здравите навики и важноста на спортските активности.

-Крива Паланка гради нова туристичка мапа. Станечки Водопади се новата атрактивна дестинација каде туристите ќе можат да уживаат во убавините на природата и прекрасните пејзажи на овој крај со недопрена природна убавина во нашата општина. На локалитетот, вчера и денес, се одржа промотивен настан со млади „Зелен викенд“-дел од проектот „Да ги поврземе бисерите“.Она што посебно ме радува е што покрај проектната работа и соработка, со мојот драг и почитуван колега д-р Горан Цветановиќ, остваривме одлична соработка во овој изминат период, а нашите средби и разговори вродија со идеи и планови за понатамошна соработка проширена и на полето на културата и гастрономијата како области кои ќе бидат повторно во прилог на развој и промоција на туризмот. Само еден од низата планови е веќе следната година познатата и надалеку прочуена Лесковачка роштиљијада да гостува во Крива Паланка, истакна градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски,кој ги додели сертификатите на учесниците.

Тој додаде дека отпочнатата соработка прераснала и во збратимување на  двата града, а Крива Паланка и Лесковац веќе за дваесетина дена ќе станат и официјално збратимени градови токму по повод празникот на градот, 8-ми Октомври.

Посочи дека проектните тимови веќе подготовиле нова проектна документација и аплицирале на нов проект од ИПА програмата на Европска Унија за прекугранина соработка меѓу Србија и Северна Македонија, што значи добрата соработка ќе трае и во иднина.

„Да ги поврземе бисерите“ овозможи изградба на патека кон туристичкиот локалитет Станечки водопади, уредување со урбана опрема, а патеката води кон Ловечка куќичка на Калин Камен, места кои во иднина се очекува да прераснат во туристичка атракција и да привлечат бројни туристи.

Во партнер-градот, Лесковац, се уреди локацијата на кањонот на реката Вучјанка, а се одржа и гастрономски настан со размена на информации помеѓу средношколците од двата града.

Експерти од областа на туризмот од двете држави изготвија истражувања на триесет туристички локалитети, културни манифестации и верски објекти во Лесковац и во Крива Паланка, на чијашто понатамошна континуирана надградба како туристичка понуда ќе се работи.

Можеби ќе ви се допадне

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Next Article:

0 %