Колумни

Во виното е вистината, а во љубовта вечноста

Нека ни се на здравје празниците со стиховите на Миладинов и Хамваш:
,,Ми велет онје пијан сум,
А ја си не знам какво е
Тва пусто, шкуро пијанство!
саде си зедов крај мене
Сафа си винце тиквешко
И си се малку нацицах…” Со весели стихови, разиграни од црно тиквешко и мирис на македонско лозје, основоположникот на македонската поезија шеговито нѐ вдахнува со вино и љубов, нѐ напојува со вински капки радост и заминува од земниот свет 1861 година, откако ќе го отпечати Зборникот на народни умотворби – нашата книжевна света книга… Нешто повеќе од три децении подоцна, се раѓа големиот унгарски поет и есеист чии моќни мисли постхумно ќе го збогатат светот со неговиот исклучителен бревијар, света книга полна мудрости. Еве што пишува Хамваш за виното:
,,Виното ги соединува најголемите философии: огинот и радоста! Разликуваме русокоси (бели) и темнокоси (црвени) вина, алт, сопран, тенор и бас. Едногласни, повеќегласни и симфониски вина. Логични, мистични, патетични и трагични! Но и кокетни и зборлести вина,, Виното е огледало на нашиот карактер! Секое вино му поставува на човекот задачи, загатки… пиењето е сродник на љубовта и ги има истите закони: било каде, било кога, било како…Виното е течен бакнеж!
Ако си надвор, барај ја перспективата: виното сака височина, видик и сака да гледа одозгора. Ако си дома, со семејството, стави чист бел чаршав, затоа што само варварин пие вино без културно поставена трпеза. Не затоа што нема чаршав, туку нема душа за пиење” Нека нѐ потсетат празниците да не се зема повеќе отколку што може да се даде, за она што го имате да не стане помало, од она што го немате. Човек кој умее да дава, умее да се радува, а радоста е сѐ она кое што не може да се купи. Без духовното богатство, материјалното се обезвреднува. Духовно богатиот може да живее скромно, но никогаш бедно. Материјално богатиот и покрај раскошот живее бедно, ако нема пријатели кои го вреднуваат како човек, а не како моќник. Моќта на парите може сѐ, освен купување емоционална интелигенција и духовност – вистинскиот капитал кој се множи кога се дели. Скромно и духовно моќно во пресрет на убавите февруарски празници, Св.Трифун и Св. Валентин, заеднички да ги одбележуваме оти различноста нѐ спојува. Мирни во немирот, благородни во неблагодарноста, зашто љубовта долго живее во благородна душа. Да ѝ наздравиме на љубовта со виното – течниот бакнеж со крилја. Во продолжение, малку за верувањата и празнувањата околу кои што често се ,,кршат копја” и мешаат адети…Сѐ до 1969 година денот на Св. Валентин се славел на 14 февруари, како спомен, но потоа е избришан од католичкиот календар, т.е. станал незадолжителен споменден. Помеѓу судбините на двајцата маченици и христијански светци има сличности, пред сѐ во нивната голема верба во Бога и неоткажувањето од христијанството и по цена на измачување и смртни закани. Светиот маченик Трифун живеел во третиот век, а роден е во Кампсада, во Фригија. Неговите родители биле побожни луѓе која ја пренеле и на нивниот син. Во тек на животот Трифун се занимавал со домашна економија и со одгледување на гуски и покрај предаденоста кон Христа и неговата вера. Бог го дарувал со чудотворство, па тој со молитви лечел многу луѓе од разни болести.
Меѓу другото, се вели дека Трифун со својата исцелителна моќ ја излекувал и Гордијана, ќерката на римскиот цар Гордијан, која страдала од некои душевни болести кои ниту еден лекар не можел да ги излечи. Заради тоа царот богато го наградил, а тој сите дарови ги раздал на сиромашните. Обласниот римски царски намесник, кој што управувал во провинцијата во која живеел Трифун, кога разбрал дека Трифун со верата во Христа и со молитви лекувал болни и правел чудотворства, наредил да го доведат кај него.
Кога Трифун бил доведен кај него почнал да го убедува да се откаже од Христовата вера и да им принесе жртви на римските богови. Но, тој одбил. Аквилин, како што се викал намесникот, заповедал Трифун да го заврзат за опашката на коњ спотеран во силен кас. Коњот јуришал и зад себе го влечел босоногиот Трифун чии окрвавени и одрани стапала секаде оставале крвави траги. Бил подложен и на други страданија, но не се откажал од својата вера поради што бил погубен. Пред да му ја пресечат главата на губилиштето, Трифун починал на 1февруари 248 година. Имал 21 година.
Свети Трифун се смета за заштитник на полските посеви и затоа винарите го слават како свој патрон. На неговиот ден одат на лозјата, ги закројуваат лозите и ги залеваат со вино, за да му ја вратат изгубената сила на лозјето, по долгото зимско мртвило, повторно бујно да напредува во пролетта што наидува.
Да се празнува за мачеништвото, да му се укажат слава и пофалба на Светецот е за почит. Но, да се става во прв план пијанството, консумирањето алкохол, да се прават бахати фешти, неретко со развратно однесување, секако е далеку од битисувањето на светиот маченик Трифун, кој својот млад живот го жртвувал зачувувајќи ја верата во Бога. Во последно време празниците се спојуваат во едно, а евидентно е дека сѐ повеќе македонски граѓани, покрај Свети Трифун го празнуваат и Свети Валентин, како Ден на вљубените, особено популарен кај младата популација, која што, за жал, освен комерцијално подарување на мече со срце, малку знае и нешто друго за празникот… Како и да е, во виното е вистината, а во љубовта вечноста на виното!

Можеби ќе ви се допадне

Колумни

Феникс

Почитувани читатели, насловот на денешната колумна, посветена на Еуростандард банка е инспириран од името на ...

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Next Article:

0 %