Во Берово започна реализацијата на шестата активност од ИПА проектот „Волонтери преку граница“
Во Берово започна реализацијата на шестата активност од ИПА проектот „Волонтери преку граница“. Во рамки на проектот кој се имплементира од програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, се одржа тренинг обука со младинци од двете земји, чија главна цел беше подигање на свеста и теоретско запознавање со природните катастрофи со посебен акцент на пожарите.
-Денеска ја имплементираме активноста број шест во самата проектна апликација која претставува дводневна обука во која младите од Берово и областите Струмјани, Кресна и Сандански од Бугарија, ќе бидат запознаени теоретски со природните катастрофи, со особено значење на пожарите. Активноста е дел од организирањето на заеднички тренинг на младите луѓе од локалните заедници за подигање на свеста за природните катастрофи, истакна проектниот координатор Наташа Каламадевска.
Градоначалникот на Струмјани, Емил Илиев, кој присуствуваше на настанот, рече дека двете партнерски општини Берово и Струмјани се целосно посветени во работа на проектите во насока на справување со природните катастрофи.
-Волонтерството е нешто кое е многу важно за нас како локална власт и администрација, поради фактот што треба да има помош од месното население за локалните власти, а ние како раководители треба да покажеме интерес која што треба да ја имаат младите волонтери за да може да имаме обучени лица кои во иднина ќе ни помагаат во справување со природните катаклизми во двете општини, рече Илиев.
За самиот процес за гаснење на пожар со подигање на волонтерството кај младите од двете општини, присутните ги запознаа вработени во Територијалната противпожарна единица, кои во текот на утрешниот ден и самите ќе имаат можност да се приклучат во гаснењето, преку симулациските вежби кои ќе бидат организирани од ТППЕ Берово.
Општина Берово проектот „Доброволци преку границата го реализира во партнерство со здружението „Заедно за Сандански“ од Благоевград, Р.Бугарија.


















