Фестивалот на џез, ворлд и современа музика во Велес со настани за празничниот викенд
По отворањето на Спомен Костурница, Фестивалот на џез, ворлд и современа музика продолжува со неколку концерти во наредните три дена. Настапот на „Такси Конзилиумт“ ќе се одржи вечерва во Градската пивница „Паб“ во Велес. Влезот на концертот е бесплатен.
– Нашата мала меѓуградска такси-превозничка дружина ќе ги прошета исклучените таксиметри до Велес, каде пред публиката на преубавиот нов фестивал ќе ги елаборираме стандардните мудрости на после-полноќното „возење“ и ќе ги презентираме древните тајни на мрачниот и љубов-водечки џез, велат од „Такси Конзилиум“.
Како што информираат организаторите, утре во Театар Ј.Х.К Џинот Велеса ќе настапи Дина Јашари со нејзините другари. Веднаш по неа, следи Сашко Костов со својот бенд.
Вечерта ќе настапат „Едит Поинтс“ на паркингот на Театар Ј.Х.К Џинот, со DJ сет и визуелни проекции во реализација на Филип Коруновски и Борче Конзулов, визуелни уметници од Велес.
Годинешното прво издание на Фестивалот на џез, ворлд и современа музика ќе заврши во сабота.
– Вечерта започнува со концертот на оригиналниот џез квинтет „Бопхедс“, кој обединува македонски џез музичари од помладата генерација. Следни се „Летечки Пекинезери“ кои шаренолико творат повеќе од десет години, претежно инспирирани од свинг звуците од 30-те и 40-те години, а неретко во нивните композиции ќе откриете и сегменти од македонската народна музика, информираат организаторите.
За крај на фестивалската програма на паркингот на Театар Ј.Х.К Џинот, DJ сетот на Шамба и ликвид перформансот со сенки, во изведба на Театар „Сенки и облаци“ од Скопје, ќе ѝ понудат на публиката едно поинакво уметничко уживање.
Билетите за програмата на 9-ти и 10-ти септември може да се купат во Градска Пивница „Паб“.
Организатор на фестивалот е здружението „Арт Генератор“. Главен покровител на Фестивалот на џез, ворлд и современа музика е Општина Велес.


















