Спорт

Супер-уништување

Во последно време фудбалот е дефинитивно главна вест во Македонија, а сега за жал е главна вест и во светот. Нешто што подолго време се крчкаше конечно е на праг на реализација – се формираше „Супер лига“ во која ќе учествуваат одбрани клубови од најсилните европски првенства. Ваквиот потег на „најголемите“ доведува до сериозно преиспитување на прашањето – што е фудбалот?

Најважната споредна работа на светот може да го изгуби овој епитет ако дел од луѓето кои учествуват во фудбалот не се потсетат на неколку работи:

  1. Фудбалот е игра на рамноправност, сите имаат еднакви шанси на терен!
  2. Моментално поквалитетниот и мотивираниот победува!
  3. Штом се слушне првиот судиски свиреж, парите и славата паѓаат во вода!
  4. Во одбрано друштво никогаш нема да ги знаете вашите реални квалитети!
  5. Успехот на аутсајдерот мотивира!

Овие фудбалски поуки не случајно може да се применат и на реалниот живот. Токму овие „животни заповеди“ не водат напред, не мотивираат да постигнеме повеќе. Вистинските љубители на спортот ќе се сложат дека најголемите спортски возбуди се случуваат кога условно малите сензационално ќе ги „добијат“ условно големите. Дерби натпреварите го заслужуваат тој епитет бидејќи не се случуваат секој ден и се резултат на стабилна игра низ целата сезона!

Да не заборавиме дека фудбалот се игра за публиката. Навивачите се тие кои ја прават фудбалската магија реалност (нивното отсуство во последната година ни го покажа тоа), не големите клубови, не корпорациите – тие се ништо без страста на обичниот фан кој гледа идол во фудбалерите!

Ваквата одлука како пожар може да се пренесе и на репрезентативниот фудбал, а можеби и во други спортови. Со ваквиот „спорт“ Македонија никогаш немаше да добие шанса да ја победи Германија, Владо Илиевски немаше да добие можност да ја погоди легендарната тројка против Литванија во 2011 година. Горан Пандев со сите свои титули и рекорди ќе останеше „покус“ за настап со својата репрезентација на големо натпреварување. Проектите ЖРК Кометал Ѓорче Петров и РК Вардар никогаш немаше да бидат ставени ниту на хартија ако од старт им беше одземена можноста да се надигруваат со големите.

Спортот е олицетворение на животот, од него може многу да се научи. Тој не учи на радост и тага, на пораз и победа, на болка и успех. Спортот покажува дека не секогаш победува подобриот, но покажува и дека напорната работа се исплати. Не учи да бидеме тимски играчи но и храбри индивидуалци кога тоа е потребно. Ни ја покажува моќта на единството и значењето на поддршката и можеби најважно – спортот ни ја дава можноста да научиме од своите грешки!

Можеби ќе ви се допадне

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

More in:Спорт

Next Article:

0 %