Историски семејства

Семејство Шкаперда

Шкаперда: Куќата од најубавите соништа Семејната куќа на Михајло Шкаперда е своевидно ремек-дело на архитектурата, на која ни бремето на времето не ѝ одзело од убавината, па таа е и денес репрезентативен сведок на 30-тите години.
Старите скопјани сè уште со почит го изговараат името Шкаперда. Тоа се однесува на старото скопско семејство чиј капитал заработен од трговијата со градежни материјали се преточил во убавата куќа во центарот на градот, која сите едноставно ја нарекуваат Шкаперда.
За ова познато семејство ни зборуваше Домника Петковска, ќерката на Михајло Шкаперда, сопственикот на куќата. Од нејзините сеќавања се преточуваат настаните од пред многу години и се ткае приказната за Шкаперда.
Како што асоцира самото презиме, ова е семејство на Власи од Крушево, каде што неговите членови се населиле бегајќи од наездата на Турците. Никола и Домника (која исто така потекнува од познато семејство – Ничота) Шкаперда, како млада брачна двојка некаде во почетокот на минатиот век, со шесте деца дошле да живеат во Скопје. Никола бил печалбар во Света Гора, се занимавал со трговија на градежен материјал, а парите не биле пречка за семејството. Домника непосредно по доаѓањето во Скопје умрела млада. Грижата за двата сина и четирите ќерки ја презела една жена што слугувала од малечка кај Ничотовци и која успеала да ги изгледа и да ги порасне потомците на Шкаперда.
Реномирани трговци
За синовите Михајло и Јанко уште од мали било обезбедено школување во познати и скапи училишта. Михајло, откако ја завршил Романската гимназија во Битола, отишол на студии на Експортната академија (тогашен Економски факултет) во Букурешт, а Јанко се школувал во Франција. По завршувањето на студиите Михајло се вратил во Скопје, но наместо во татковиот дуќан за градежни материјали, се вработил како банкарски службеник. Дури по две-три години Никола почнал да ги упатува синовите во трговијата со градежни материјали, а по неговата смрт во 1924 година Михајло и Јанко самостојно почнале да тргуваат.
Реномето на дуќанот Шкаперда, градено години со ред, било еден од условите капиталот постојано да се зголемува. Складот со градежните материјали бил сместен на скопскиот плоштад, на околу 2.000 квадратни метри, а на седмиот колосек на старата железничка станица имало исто така склад за дрвени материјали што пристигнувале од Словенија и Босна, за веднаш да се транспортираат до купувачите. Нивна сопственост било и киното Аполо, кое подоцна било во состав на Народната банка.
Семејството Шкаперда во почетокот живеело во заедничка куќа во Пајко Маало. Постариот брат Михајло таму ја донел и својата невеста Аглаица Сапунџи, со која почнал да мечтае за сопствена куќа. Неостварена желба на Михајло му била архитектурата, бидејќи студиите по економија ги завршил по инсистирање на татко му, кој сакал синот да има сигурна работа. И така, неговите соништа за градење тој ги преточил во плановите за изградба на сопствена куќа.
Планот свадбен подарок
Планот на куќата бил свадбен подарок за младата брачна двојка Шкаперда од Симота-букурешки архитект и подоцна професор на Факултетот за архитектура, кој му бил другар на Михајло од студентските денови. Кога Михајло и Аглаица биле на свадбено патување во Букурешт, Симота им ветил дека ќе им изработи проект за една убава куќа како подарок за нивната свадба. Токму затоа куќата Шкаперда е во романско-бојарски стил, чија карактеристика е и кулата до куќата, која е урната по скопскиот земјотрес.
Со проектот пред себе Михајло Шкаперда во 1930 година почнал да ја гради куќата. Пари не се штеделе, исто како и љубовта што младиот сопственик ја вложил во своето дело. Немало никакви отстапки од објектот, туку сè било беспрекорно градено. Арматурата на сите надворешни ѕидови не дозволила во катастрофалниот земјотрес во 1963 година на куќата да се појави ниту една пукнатина.
Куќата има приземен кат и петсобен стан над него, во кој живеело семејството Шкаперда, а во потпокривот имало неколку соби за послугата. Во зима куќата се затоплувала со сопствено парно, што било вистинска реткост за индивидуалните градби во тоа време. Паркетот во секоја соба имал друга шарка, а сите детали на внатрешните и на надворешните ѕидови биле направени според германски мостри. Два ѕида, каде што била вдлабнатината за клавирот, биле насликани од прочуениот Мартиновски.
Мебелот бил специјално изработен во тогаш најпознатата белградска фирма Абонос. Според мерките на секоја соба бил и мебелот, од скапоцено дрво и штоф, кој уште го употребуваат денешните потомци на Шкаперда. Дворот на куќата, за кој се грижел градинар, бил со рондели, шадрван и разновидни дрвја и цвеќиња.
Конфискација
Михајло, Аглаица и Домника Шкаперда се вселиле во куќата во 1932 година. За деновите во ова велелепно здание Домника вели: „Не живеевме некој луксузен живот, туку сè беше домаќински. Имавме две жени што се грижеа за кујната и за чистотата во куќата, а мајка ми и татко ми живееја како и другите од богатите семејства, се собираа на чајник, одеа на балови во Офицерскиот дом, во ресторани. За моето образование се грижеше една млада Французинка, која ме учеше клавир и француски, но јас воопшто не се разликував од другите мои другарчиња.“
Така било сè до 1941 година, кога складот Шкаперда е одземен со целокупниот материјал, за воени цели. Но окупаторот не дозволил складот да не работи, туку преку Комесаријатот биле доставувани материјали и оттука распоредувани на купувачите. Војната го сторила своето и Михајло со жена си и ќерка си заминал во Крушево, каде што останал до ослободувањето. Таму Домника како гимназијалка била мобилизирана и станала учителка, а на крајот од војната таа и уште неколку врсници од положениот курс станале првите матуранти на Македонија.
По враќањето во Скопје, семејството Шкаперда повторно се населило во својата куќа. Но набргу во другите соби добиле и бесплатни кираџии. Сè до оној момент кога куќата била конфискувана, а тие добиле мал стан во истата улица. Михајло и Аглаица останале без приход, освен киријата што ја добивале од дуќанот – мираз на Аглаица Сапунџи, а долги години ги издржувал нивниот зет – Петковски.
Куќата Шкаперда оттогаш до денес менувала многу сопственици. Едно време била куќа за репрезентација, кога во неа престојувале сите значајни гости на Скопје, меѓу кои и Јосип Броз Тито, потоа беше редакција на Млад борец, па седиште на Комисијата за културни врски со странство… (а денес тука е Амбасадата на Италија).
И покрај сè, таа со убавината остана да сведочи за едно минато, за една љубов кон архитектурата и за немирните времиња што се сурова реалност на овие наши простори.
Преземено од Фејсбук профилот на Стрезо Чубалевски

Можеби ќе ви се допадне

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Next Article:

0 %