Промовиран романот „Солзите на сестра ми“ на Лилјана Зашова
Во библиотеката „Гоце Делчев“ во Велес денеска беше промовиран дебитантскиот роман „Солзите на сестра ми“ од Лилјана Зашова од Скопје.
Книгата се базира на вистински настан за посвојување деца од Македонија во Франција, тема што воопшто не е разработена во македонската литература, изјави за МИА авторката Лилјана Зашова која повеќе години, како сопруга на дипломат, има живеено во Франција и Романија.
-Не познавам друга книга што ја обработува оваа тема. Оваа книга не е измислена и е базирана на вистински настан, за посвојување две близначки од село во Скопска Црна Гора во Франција. Приказната ја слушнав пред можеби 20 години, рече Зашова.
Според неа, во земјава малку се зборува на темата посвојување деца, темата, рече таа, е притисната и задушена за разлика од други околни земји.
-По објавувањето на книгата од еден наш познат писател добив честитки за две работи, прво што сум пишувала на тема на која скоро никој не пишувал и, второ, што на 70 години сум одлучила да напишам роман, рече Зашова на промоцијата. Додаде дека собира информации и се надева дека наскоро ќе напише и продолжение на романот.
Според промоторката на романот, писателката Нада Алексоска, романот на Зашова кај читателите ќе предизвика многу различни емоции.
-Романот содржински опфаќа само еден момент – посвојување две близначки, но да дојде до тоа писателката прави паралела преку случувања во Македонија и во Франција преку три главни ликови – лекар од Скопје, француски брачен пар и семејството од едно село во Скопска Црна Гора, додаде Алексоска.
Сопругот на писателката, Благој Зашов, македонски дипломат и преведувач од француски на македонски јазик, за врем на промоцијата на Локалната библиотека „Гоце Делчев“ и подари 20-ина свои и други франкофонски книги кои ќе бидат сместени во Француското катче на библиотеката.


















