Култура

Премиерна изведба на претставата „Соѕвездија” утревечер во Центарот за култура во Куманово

Претставата „Соѕвездија” на Кумановскиот театар утревечер премиерно ќе биде изведена во Центарот за култура во Куманово, информираа денеска на прес-конференција од националната установа.

Режисерка на претставата работена по текст на Ник Пејн, е Нела Витошевиќ, а играат Александра Пешевска, Мирослав Петковиќ, Нина Максимова, Марко Трајковиќ, Владанка Крстевски, Давид Илиќ.

Претставата зборува за изборот на одлуки што го дефинираат правецот на животот, за слободната волја, за улогата на случајноста и неочекуваните ситуации, за загубата и разделбите од најблиските. Шесте актери, градат мозаик од стилски повторувања на зададена тема, кој прераснува во мошне прецизен механизам и ја развива до крај драмски софистицираната приказна за љубовта.

– Ова е еден од најубавите процеси кои сум ги имала, направивме продукт на кој сите сме горди и задоволни, едвај чекаме и публиката да го види. Текстот „Соѕвездија” во основа е напишан како дуо-драма, но во мојата концепција играат шест актери. Основата е љубовна приказна и го следиме животот не еден пар од нивното запознавање до нивната смрт. Приказната е блиска до која било публика, но тоа што ја одвојува е што оваа приказна се случува во паралелни универзуми, една приказна во различни универзуми, доаѓаме до главната теза која вели дека во зависност од одлуките во животот зависи која иднина ќе ја искусиме, рече Витошевиќ.

Таа втор пат соработува со Кумановскиот театар, а првиот пат беше пред пет години со претставата „Жена од минатото”, една од најиграните претстави во театарот.

Директорот на НУЦК „Трајко Прокопиев”, Сашо Тодоровски оцени дека соработката со Витошевиќ и младата екипа од театарот е одлична

– Се надевам дека утрешната премиера ќе биде ново уметничко доживување во Куманово, истакна Тодоровски.

Актерите Владанка Крстевски, Нина Максимова, Марко Трјаковиќ и Давид Илиќ на прес-конференцијата ја посочија одличната соработка со режисерката и ги поканија кумановци да ја видат премиерата и наредните репризни изданија.

Актерите нагласија дека во претставата се прикажани етапите на врската од запознавањето, радоста, лутината, до фазата на соочување со болест и смрт. Асистент на режија е Драгана Гунин, сценографијата е на Васил Христов, музиката е на Огнен Анастасовски, костимите се на Розе Трајческа.

Можеби ќе ви се допадне

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Next Article:

0 %