Култура

Презентација на орото „Копачка“ во рамки на проектот „Мрежа на УНЕСКО-ви културни простори“

Во рамки на Еразмус + проектот „Мрежа на УНЕСКО-ви културни простори“ во Делчево се реализираше настан насочен кон презентација на орото „Копачка“ пред научници и носители од Европа, а со цел размена на искуство и со запознавање со заштитеното оро од УНЕСКО.

Етномузикологот и експерт во УНЕСКО, д-р Велика Стојкова Серафимовска, како предводник на гостите од седум земји кои денеска го посетија Делчево, истакна дека покрај тоа што Копачката како „оро“ е впишана во УНЕСКО, Драмче и Пијанец претставуваат еден голем културен простор на кој се негува таа традиција.
-Ова е прекрасен Еразмус проект, има гости од 7 земји Естонија, Латвија, Италија, Хрватска,  Португалија, Грузија и Македонија. Значи разменуваме искуства, со цел да видиме како самата заедница се грижи за едно културно нематеријално културно добро. Овие неколку дена освен Копачката ќе видат и многу други традиционални богатства од Пијанец и Малешевијата. Вчера бевме на обичајот Четр’се во Штип кој исто така е впишан во УНЕСКО, а денес целиот ден го посетуваме на носителите на заедницата кои што ја негуваат оваа жива наша македонска традиција, рече Стојкова Серафимовска.
Копачката, според етномузикологот кој е еден од најзаслужните за впишувањето на Копачка во УНЕСКО е многу интересен пример, како правилно се заштитува едно фолклорно добро.
-И како научник и како експерт на УНЕСКО за оваа проблематика, јас сум навистина пресреќна, благодарност до претседателите на Копачка, Перса Стојановска и Димитар Узунски, бидејки тие беа главните виновници кои навистина ја одржуваат оваа традиција. Се надевам дека и Општината ќе развие поголема свест за ова традидиционално фолклорно богатство, не само како фолклор, туку како дел од животот, но и како понатамошен одржлив економски развој на целиот регион, бидејки нематеријалното културно наследство нуди и таква опција, со промоција, брендирање и туризам да понуди помош на самите граѓани во одржлив развој, додаде Стојкова Серафимовска.
За претседателката на Копачка, Перса Стојановска беше гордост што денеска се домаќини на гости од седум држави, пред кои со повеќе содржини го презентираа фолклорното, но и останато културно богатство на Пијанец.
-Во рамки на настанот имаме работилници за изработка на мониста, за изработка на пијанечки изворни инструменти, изработка на ипинци како и сукање на лице место на баница. Воедно подготвивме Пијанечка трпеза на нашите традиционални јадења и им подготвивме една изложба на нашите рекламни материјали. Од ора и песна имаме изворна прсна, ороводна песна и и изведба на Пијанечки народни ора си посебен акцент на Копачката, рече Стојановска.

Арне и Мори од Естонија беа воодушевени од традицијата и културата која се негува во Македонија, но и од самите планини кои се реткост во оваа држава.
-Како прво ми се допаѓа колку сте гостопримливи и колку си ја сакате државата. Имате убава храна и богата култура, повторно би дошол во Македонија, рече Естонецот Арне Леима.
Естонката Мори вели  дека голем впечаток и оставиле планините, бидејќи, како што нагласи, во Естонија нема планини.
-Голем впечаток ми остави Скопје со неговата историја, рачните изработки бидејки сум колекционер. Живеев во Солун извесно време и затоа сум среќна што доаѓам на Балканот повторно, истакна Мори.
Обврска на Општина Делчево во наредиот период како што истакна советникот Ванчо Новоселски, ќе биде да продолжи со својот придонес „Копачката“ да продолжи по својот пат промовирајки го Пијанечкото и македонското живо културно наследство.
По завршувањето на настанот гостите ја посетија Спомен собата на Митко Ороводецот на Копачката во Белчанско маало во село Драмче, како и Спомен собата на долгогодишниот претседател Димитар Узунски, која наскоро ќе биде пуштена во употреба.

Можеби ќе ви се допадне

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Next Article:

0 %