Почна обновувањето на двроредите покрај штипска Отиња
Почна садењето на дрвја покрај коритото на река Отиња. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов и директорот на ЈП „Исар“, Трајче Здравков денеска засадија 14 садници на местото, каде паднаа старите дрвја при градење на пешачките конзули на реката Отиња.
Освен дрвја во кружните текови и парковите низ градот ќе се засадат и цвеќиња, кои се од расадникот на јавното претпријатите.
-Дрвцата, кои тогаш беа отстранети заради поставување на бекатонот, денеска се заменети со 14 нови садници, црн јасен , производство од расадникот на ЈП „Исар“. Ние направивме напори уште од зимниот период да обезбедиме повеќе дрвни и цветни насади, така што сега со подобрување на временските услови ќе почнеме една офанзива да посадиме повеќе дрвца, да ја раззеленееме животната средина, вели Здравков.
Градоначалникот Јорданов на прес-конференцијата истакна дека ваквите активности се со цел заштита на животната средина и затоа ќе ги интензивираат активностите околу пошумувањето и ќе го одржуваат постоечкото зеленило.
-Заштитата на животната средина е наш приоритет. Денеска временските услови ни дозволуваат да започнеме садење на дрвја долж коритото на река Отиња. Тоа кое го најавивме за секое паднато дрво при градежните активности, ќе засадиме 20 нови дрвја. Во наредниот период ќе почнеме со пошумување на некои делови од нашиот град, за раззеленување и за подобрување на животната средина, рече Јорданов.
Дел од старите оштетени дрвја јавното претпријатие ги доделило на социјални семејства, а останатиот се однесени на расадникот на јавното претпријатие. Според Здравков, расадникот во моментов има доволно дрвја црн јасен, а други видови може да набавуваат од приватен набавувач.


















