Панел дискусија ФИТР: Социјалното претприемништво во земјава е во пораст, но потребна е поголема поддршка
Клучни предизвици со кои се соочува социјалното претприемништво во државата, зошто е важен развојот на социјалното претприемништво и мерките кои ги презема Фондот за иновации и технолошки развој беа темите на кои дискутираа Коста Петров, директор на ФИТР, Бистра Кумбароска, основач на „Heartbeats Innovation & Communication” и потпретседателка на Националниот стартап совет, Климентина Илијевски, извршна директорка на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик” и Кристијан Милески, ко-основач на „Бизнис Импакт Лаб”.
Панелистите истакнаа дека во моментов, најголемиот чекор кој го презема државата за развој на социјалното претприемништво е токму преку јавниот повик на ФИТР, со кој се поттикнува развојот на социјалната економија.
– Социјалното претприемништво претставува можност која ја имате во моментот кога при одреден проблем со кој се соочувате, да креирате решение кое меѓудругото освен профит ќе генерира и општествена добивка која исто и како традиционалниот бизнис, мора да биде мерлива, односно да се искаже, посочи Бистра Кумбаровска објаснувајќи го поимот социјално претприемништво.
Кумбаровска додаде и дека овој тип претприемништво во последните неколку години почна интензивно да се развива, купувачите стануваат свесни за импактот кој го имаат компаниите од кои купуваат, а од друга страна и вработените стануваат свесни за влијанието кое го има компанијата каде тие работат.
– Токму ова што се случува во моментов, со предлог мерките на Националниот стартап совет е јасен сигнал дека социјалното претприемништво почнува да се развива и оваа поддршка навистина многу значи, истакна Кристијан Милески.
Според Милески, социјалните претпријатија се препознаваат од стартап заедницата и ги уживаат истите права и обврски како и останатите препријатија. Тој истакна дека „Импакт Лаб” е отворено здружение кое функционира и денес, со цел да ја поттикне соработката со традиционалните бизниси, да се оствари заедничка соработка, вмрежување и размена на искуства и знаења.
Климентина Илијевски како главен уредник на списанието „Лице в Лице” кое е успешен пример за социјално претприемништво, истакна дека на почетокот се соочиле со големи предизвици низ кои поминале, но од сето тоа стекнале големо искуство. Начинот на продажба и дистрибуцијата на весникот се одвива во соработка со десет партнерски здруженија кои ги вклучуваат нивните корисници. Списанието има двојна улога, ги засилува ранливите категории но и ја подигнува јавната свест за прашања кои не засегаат сите нас. „Искуството кое го стекнавме ни помогна да ја развиеме социјалната менторска програма, која е верификувана, веќе започната и вклучува три сегменти: препознавање на афинитетите на менториранито лице, подготвеност за влез на пазарот на трудот и развој на професионалните вештини” додаде Илијевски.
Говорниците сметаат дека е потребно да се дефинираат ознаки според одредени критериуми кои ќе им помогнат на сите вклучени страни да се означат социјалните претпријатија.
Донесувањето на законска регулатива за социјално претприемништво е потребна, но не поважна од свесноста за влијанието кое секој поединец и претпријатие го имаат врз општеството , е еден од заклучоците на панелот.
Во моментов е активен јавниот повик за поттикнување на социјално претприемништво на ФИТР, кој поттикнува развој на иновативни решенија за тековните социјални потреби и општествени предизвици (социјални иновации), обезбедувајќи притоа одржлив и инклузивен развој.
Вкупниот буџет на повикот изнесува шест милиони денари, додека за поединечен предлог проект ФИТР обезбедува до 90% од вкупниот буџет за проектот, во максимален износ од 1.500.000 денари, а апликантот треба да обезбеди минимум 10% од вкупниот буџет на повикот.
Рокот за аплицирање на повикот е до 22 октомври, до 14 часот, а дополнителни информации можат да се добијат на: https://www.fitr.mk/sp.
Фонд за иновации и технолошки развој


















