Култура

НАЈНОВИ ИНФОРМАЦИИ ЗА ОСТЕН БИЕНАЛЕТО НА ЦРТЕЖ

Соопштението на ОСТЕН го пренесуваме во целост:

Ова е еден од оние моменти кога сме повеќе задоволни и горди на себе си од вообичаено и сакаме тоа задоволство најпрвин да го споделиме со вас, нашите пријатели од медиумите, а потоа и со пошироката публика – домашна и меѓународна.

Самото постоење на една ваква манифестација како што е ОСТЕН БИЕНАЛЕТО на ЦРТЕЖ, која се потпира врз 77-годишна традиција, само по себе е успех, зашто стандардите се високо подигнати и одржувањето на нивото на манифестацијата е предизвик.

Но, тимот на ОСТЕН континуирано го подига реномето на Биеналето преку:

– негување на со години воспоставениот организациски модел и негово постојано усовршивање

– комуникација со врвни професионалци во уметноста врз чие знаење и експертиза се базира системот на награди со кој им оддаваме признание, ги мотивираме и поддржуваме уметниците

– градење на постојана и современа комуникација со нашите најважни соработници – уметниците и заедно со сите нив стануваме дел од процесот на создавање трајни уметнички вредности као основа на светското движно културно наследство.

За потсетување:

Советот на амбасадори на ОСТЕН е советодавно тело составено од уметници (по правило добитниците на ГРАН ПРИ за животно остварување стануваат и амбасадори на ОСТЕН), професионалци во уметноста (дел од членовите на меѓународното жири на ОСТЕН Биеналето на цртеж), како и други поддржувачи на ОСТЕН и љубители на уметноста. Советот на амбасадори на ОСТЕН предлага и донесува одлука за добитниците на ГРАН ПРИ и СВЕТСКО КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО на секое издение на ОСТЕН Бинале на цртеж.

ГРАН ПРИ за животно остварување се доделува на автор кој го дистигнал врвот на својот професионален живот и чие творештво претставува највисоко достигнување во светската современа уметност (досега наградени: Пјер Сулаж, Тони Крег, Марина Абрамовиќ, Кристо, Владимир Величковиќ…), додека Наградата СВЕТСКО КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО се однесува на починат автор, чие творештвото има силно влијание во светската историја на уметност (досега наградени: Пикасо, Вазарели, Дали, Миро, Мур, Кокошка…)

Имам задоволство, како извршен директор на ОСТЕН да ја соопштам одлуката на Советот на амбасадори на ОСТЕН за главните награди на ОСТЕН БИЕНАЛЕТО на ЦРТЕЖ Скопје 2022.

Добитник на ГРАН ПРИ за животно остварување е Јозеф КОШУТ, САД (Joseph KOSUTH, USA) – амерички уметник и теоретичар, основач и водечка фигура на концептуалната уметност, a

Наградата СВЕТСКО КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО се доделува на Харменсон фон Рајн РЕМБРАНТ, Холандија (Rembrandt Harmenszoon van Rijn, Netherlands) – еден од најголемите визуелни уметници во светската историја на уметноста и најважниот во холандската историја на уметност.

Иако Јозеф Кошут и Рембрант се многу добро познати не само на професионалната, туку и на пошироката јавност, сепак би сакала да се потсетиме на нивните извонредни уметнички достигнувања – кои се причина за оправданоста на одлуката на Советот на амбасадори на ОСТЕН токму ним да им ги додели соодветните награди:

Џозеф КОШУТ

Џозеф Кошут е еден од пионерите на концептуалната и инсталациската уметност, иницирајќи дела базирани на јазици и стратегии на присвојување од 1960-тите. Неговите дела постојано ја истражуваат улогата на јазикот и неговото значење во уметноста. Неговото повеќе од 40-годишно истражување за односот меѓу јазикот и уметноста има земено форми на инсталации, изложби, дела во јавни простори и публикации низ Европа, Америка и Азија, вклучувајќи седум изданија на Документа (Documenta) и осум Биенале Венеција, од кои во 1993 година беше претставник на Унгарскиот павилјон.

Роден е во Толедо, Охајо, на 31 јануари 1945 г. Се школувал во Институтот за уметност во Кливленд, Школата за визуелни уметности, Њујорк, Новото училиште за социјални истражувања, Њујорк (антропологија и филозофија), а факултет завршил на катедрата за ликовна уметност при Школата за визуелни уметности, Њујорк;

Од 1970-1979 г. бил уредник на списанието Art-Language: The Journal of Conceptual Art во САД.

Професор бил на Факултетот за визуелни уметности во Њујорк (од 1968 г.), на Колеџот за ликовни уметности (Hochschule für Bildende Künste), Хамбург, 1988-90; Државната академија за ликовни уметности (Staatliche Akademie der Bildende Künste), Штутгарт, 1991-1997; и Академијата за уметност (Kunstakademie), Минхен, 2001-2006.

Бил визитинг професор и гостин-предавач на различни универзитети и институции речиси четириесет години, од кои некои се: Универзитетот Јеил (Yale University), Универзитетот Корнел (Cornell University), Универзитетот во Њујорк, Универзитетот Дјук (Duke University), УКЛА (UCLA), Кал Артс (Cal Arts), Купер Јунион (Cooper Union), Институтот Прат (Pratt Institute), Музејот за модерна уметност, Њујорк (МоМА), Уметнички институт во Чикаго, Кралската академија, Копенхаген, Музејот Ашмолин (Ashmolean Museum), Универзитетот Оксфорд, Универзитетот во Рим, Уметничката академија во Берлин (Kunstakademie), Кралскиот колеџ за уметност, Лондон, Факултетот за уметност во Глазгов, Галеријата Хејворд (The Hayward Gallery), Лондон, Сорбона, Париз, Музејот на Зигмунд Фројд, Виена.

Наградите ја вклучуваат наградата Брандеис (Brandeis Award) во 1990 година, наградата Фредерик Вајсман (Frederick Wiseman Award) во 1991 година, Почесно споменување на Биеналето во Венеција во 1993 година и Витез на редот на уметностите и книжевноста (Chevalier de l’ordre des Arts et des Lettres) од француската влада во 1993 година. Доби грант од Фондацијата Касандра во 1968 година. Во јуни 1999 година, француската влада издаде поштенска марка од 3,00 франци во чест на неговата работа во Фигеак. Во февруари 2001 година добива почесен докторат (Laura Honoris Causa) по филозофија и книжевност на Универзитетот во Болоња. Неговиот роман „Нагризан“ (“Purloined”) го објави Салон Верлаг, Келн во 2001 година. Во октомври 2003 година, го доби највисокото признание на Австриската Република за достигнувања во науката и културата, Почесното одликување во злато за заслуги на Република Австрија. Делото на Кошут со наслов „Ни изглед ниту илузија“ беше поставено во Музејот Лувр, Париз во 2009 година и стана постојана инсталација во 2014 година. Нарачаното дело за фасадата во Хаг беше откриено во 2011 година. Во 2015 година, Instituto Superior de Arte на Универзитетот во Хавана, му додели почесна академска титула (Honoris Causa), врачена за време на 12-тото Биенале на уметност во Хавана.

Неговото најпознато дело е „Едно и три столчиња“. Делото од 1965 година се состои од стол, слика од столот во вистинска големина поставена на ѕид и отпечаток на дефиницијата во речникот за зборот „стол“. Делото доаѓа со инструкции за негова реализација. На секоја локација каде делото е поставено естетски ќе биде различно, но сепак ќе ја задржи истата идеја. Целта на „Едно и три столчиња“ е да покаже дека уметничкото дело може да отелотвори идеја што не се менува, и покрај постојаните промени на неговите елементи. Може да се постави секаде, од кој било, со кое било столче, но сепак да се задржи истата основна идеја. Идејата е таа што го сочинува делото, а не формалните уметнички елементи.

Ова дело беше пресвртница во развојот на западната уметност и започна правец кој ја фаворизираше идејата или концептот пред физичкиот објект во едно уметничко дело.

Друг типичен материјал за Кошут е неонската цевка, со која тој работи за да ги напише насловите на таквите дела како „Неон“ (1965) изработено во бел неон; „Пет зборови во зелен неон“ (1965), изработени од зелен неон; „Пет зборови во син неон“ (1965) изработено во син неон; „Четири бои, четири зборови“ (1965) …

Во основа на делата на Кошут е тавтологијата, што во логитата и лингвистиката претставувва изјава на фундаментален факт или вистина која е очигледна, непроменлива и неповртатна, дури и ако е поинаку формулирана на кој било можен начин.

Подоцнежните дела ја вклучуваат серијата Mondrian’s Work, која содржи неонски осветлени свилени екрани на стакло инспирирани од пишувањето и уметноста на Пиет Мондријан.

На почетокот на 21 век, Кошут има поставено повеќе инсталации во јавен простор користејќи зборови напишани на неонско осветлено стакло или во неонски цевки, кои се содржат во презентацијата која ја добивме од неговото студио во Венеција (во прилог)

Кошут моментално работи на постојано дело за новата Национална библиотека (Bibliotheque Nationale) во Париз и на главната инсталација специфична за локацијата на новиот културен центар во Конгсберг, Норвешка.

Во моментов тој е на Милард Катедрата на Голдсмит (Millard Chair at Goldsmiths), Одделот за ликовни уметности на Универзитетот во Лондон. Живее и работи во Њујорк и Венеција.

На 24 април 2022 (во рамките на Биеналето Венеција) претставници од ОСТЕН и Советот на амбасадори на ОСТЕН ќе му ја врачат официјалната награда – Гран при – на Џозеф Кошут во палатата на Фондацијата Куерини Стампалиа, Венеција, една од најстарите фондации во Италија.

РЕМБРАНТ

Рембрант Харменсон фон Рајн, обично едноставно познат како Рембрант, бил холандски сликар, цртач и графичар од златното доба на Холандија (XVII век), кога холанѓаните го достигнале зенитот на нивната моќ низ светот, нивното политичко влијание, наука, трговија и култура (особено во сликарството). Тој генерално се смета за еден од најголемите визуелни уметници во историјата на уметноста и секако е најважниот во холандската историја на уметност.

Неговите слики се карактеризираат со раскошни потези со четка, богати бои и мајсторство на кијароскуро, техника на користење на драматичен контраст на светло и сенка, која што Рембрант ја адаптирал од техниката на Караваџо; драматично и живо претставување на неговите субјекти без крута формалност која што била типична за тогашните сликари, како и длабоко сочувство за ликовите во неговите дела без разлика на нивната старост или имотна состојба.

Рембрант создал повеќе од 600 слики, преку 2.000 цртежи и 300 графики (од кои две се наоѓаат токму во Галерија ОСТЕН).

„Милициската чета од округот II под команда на капетанот Франс Банинк Кок“, исто така позната како „Стрелачка чета на Франс Банинк Кок и Вилем ван Рујтенбурх“, но вообичаено се нарекува „Ноќна стража“ (холандски: De Nachtwacht), е најпознатата слика од Рембрант создадена во 1642 г., која припаѓа на колекцијата на музејот во Амстердам, но е видно прикажана во музејот Ријкс. „Ноќната стража“ е најпознатата слика од Рембрант, но и една од најпознатите холандски слики од Златното доба. Сликата е позната по три работи: нејзината колосална големина (363 × 437 см, драматична употреба на светло и сенка (тенебризам) и перцепција на движење во она што традиционално би бил статичен групен портрет на војска. Фигурите се речиси во природна големина.

Рембрант бил и мошне продуктивен сликар на автопортрети и низ неговата долга кариера создал стотина вакви дела (вклучувајќи и 20 графики). Овие автопортрети ни даваат мошне јасна слика за Рембрант, неговиот изглед и уште побитно, неговото битие што може да се осознае од психолошкиот профил кој го следел изразот на неговото лице.

Портрет на Јан Ујтенбогерт, проповедникот на бунтовниците, 1635 оригиналнa гравура, 22,5 x 18,6 см

Оригинална гравура отпечатена со црно мастило на обложена хартија со воден печат „Грбот на Амстердам“ (Ash/Fletcher 1). Силен, рамномерно испечатен отпечаток од подоцнежниот 17-ти век, отпечатен откако неправилните агли на октагонот лево и десно биле изедначени.

Портретот на Ујтенбогерт бил првата официјална нарачка на Рембрант за гравиран портрет. Дотогаш тој правел портрети само на членовите на неговото семејство. Формалната природа на овој портрет е подвлечена со латинскиот натпис: „Оној што беше почестен од побожните и војската беше проколнат од собраните проповедници. Полошо раководен од судбината отколку од времето, тој сега ти се враќа, Хаг, тебе“ – што била заедничка карактеристика на формалните гравирани портрети од 17-от век, иако реткост во делата на Рембрант.

Портрет на Јан Аселин, 1647 гравура, еден од шест отпечатоци, 18,7 x 17,4 см

Јан Аселин бил холандски сликар на пејзажи активен во Рим, Париз, а потоа и во Амстердам. Во овој портрет, Рембрант ја прикажал личноста во модерна улична облека наместо облечен како уметник, со неговата рака свиткана во лактот и скриена во набраздената чипкана манжетна. Овие

аспекти ја покажуваат емпатијата на Рембрант кон оние со помала среќа од него, па дури и укажуваат на тоа дека тој ја почитувал личноста од портретот.

Рембрант уживал да собира различни видови хартии од целиот свет и сакал да експериментира со ефектите на различните текстури што ги произведувале. Некои отпечатоци од оваа конкретна графика биле отпечатени на јапонска хартија со топол тон, некои на велум, а некои на хартија од овесна каша, која содржи флеки од боја. Кога ги печател своите плочи, Рембрант често оставал превез со мастило на површината на плочата за тонски да ја збогати сликата. Тој самиот ја печател оваа графика во две варијанти – едната со штафелај и од другата без штафелај.

Еден отпечаток од оние без штафелај се наоѓа во колекцијата на ОСТЕН Музејот на цртеж.

За повеќето современи набљудувачи, уметноста на Рембрант постигнала еден вид универзална популарност. Библиските сцени и автопортретите кои денес се белегот на неговата уметност не биле типични за холандските слики од 17-от век. Неговите современици создавале пејзажи, мртви природи или жанровски сцени од секојдневниот живот кои никогаш не биле од голем интерес за Рембрант.

Друго големо поле на достигнување на Рембрант лежи во неговите графички творештва. Тој имал високи цени за неговите отпечатоци дури и за време на неговиот живот, а неговото техничко мајсторство влијаело врз голем број уметници, негови современици кои успеал да ги обучи да сликаат на негов начин, но имало и трајно влијание врз графичарите со векови.

Тој го живеел целиот свој уметнички живот полн со страст и љубопитност, бил ненаситен во експериментирањето за постигнување на нови визуелни искуства. Тоа е она што го издвојува од неговите современици и го сврстува меѓу најголемите уметници во светот.

СИСТЕМ НА НАГРАДИ на ОСТЕН БИЕНАЛЕТО на ЦРТЕЖ Скопје 2022

Награди од Советот на Амбасадори на ОСТЕН – претставени погоре…

Награди од интернационалното жири: Ларс Керулф Молер – куратор, советник за уметност, поранешен директор на Борнхолмс музејот во Данска, член на советот на Националната галерија на Гренланд

Марија Цанцаноглу – историчар на уметност и куратор, директор на Музејот на современа уметност и колекцијата Костакис во Солун, Грција

Лорен дес Карс – историчар на уметност и куратор, директор на музејот Лувр во Париз, Франција, а поранешен директор на музејот Д’Орсеј и музејоте де л’Оранжери (треба да потврди).

Награди од ОСТЕН за кои одлучува Советот на ОСТЕН: Награда ЗЛАТЕН ОСТЕН и Награда ОСТЕН Награда ОСТЕН – за индивидуално претставување Награда ОСТЕН – за национално претставување

За текот и програмските активности на ОСТЕН БИЕНАЛЕ на ЦРТЕЖ Скопје 2022

Ова е првата јавна активност на ОСТЕН БИЕНАЛЕТО на ЦРТЕЖ Скопје 2022, а за текот на Биеналето повеќе од координаторот Ангела Костова:

Како координатор би сакала да се надоврзам на веке кажаното и да споделам нешто повеќе за ОБЦ 2022.

Отворениот повик е во тек и е активен до 31 Мај 2022.

Ги повикуваме сите македонски уметници да завземат учество и да бидат во што е можно поголем број со што гордо ќе ги претставиме уметниците од нашата држава пред интернационалното жири.

Секоја година добиваме пријави од уметници од целиот свет во голем број, па така и оваа година очекуваме многубројни пријави. Ги следиме глобалните текови и се приспособуваме, односно и ние влијаеме и придонесуваме кон креирање на што е можно полесно и попрактично дигитално пријавување на ОСТЕН Биеналето на цртеж, со што им овозможуваме на ументиците од целиот свет, без оглед на тоа во какви услови се наоѓаат, да можат да се пријават и да завземат учество на една меѓународно високо рангирана манифестација, како што е ОСТЕН БИЕНАЛЕТО на ЦРТЕЖ.

Морам да напоменам, дека 2022 па и почетокот на 2023 година се веќе потполнети со активности во рамкита на Биеналето на цртеж.

Во четврток на 17 март 2022 во 12ч. почнуваме со НАЈАВА (PREVIEW) на ПРОГРАМАТА ЗА ПРЕТСТАВУВАЊЕ на пријавените уметници со самостојната изложба и промоција на графичка мапа и видео на Марија Павловска која активно работи и твори во Македонија и Америка.

Потоа продолжуваме со изложбите на Патриција Казагранда од Германија, Камелија Отеро од Франција, Билјана Јевтиќ од Србија, Лидиа Пероти од Италија, Марко Кусмук од Србија, Клио Влаху од Грција, и Мили (уметничко име) од Калифорнија.

После најавата програмата, продолжуваме со ОФИЦИЈАЛНАТА ПРОГАМА (септ. – дек. 2022), додека пак сите активноти на Биеналето 2022 ќе се сумираат со ОФИЦИЈАЛНАТА ИЗЛОЖБА и доделувањето на наградите во Националната галерија на Р.С.Македонија – Чифте Амам, на која традиционално присуствувааат голем борј на наградените, но и други ументици од целиот свет.

 

Можеби ќе ви се допадне

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Next Article:

0 %