КОСТОВСКИ ПОВИКУВА ДА СЕ ГЛАСА ЗА ЛУЃЕ, НЕ ЗА ПАРТИИ
Македонскиот бизнисмен и филантроп Трифун Костовски денеска на својата страница на Фејсбук се обрати по повод почетокот на кампањата за Локалните избори 2021.
Објавата ја пренесуваме во целост:
Почитувани пријатели,
Денес отпочнува кампањата за избор на градоначалници и советници низ сите општини низ Македонија. Овој прекрасен демократски чин, е втемелен во развојот на секоја модерна држава.
Локалната самоуправа е најблиска институција за потребите на секој поединец. Од степенот на поделеноста, на ингеренции меѓу централната власт и локалната самоуправа, зависи и развојот на државата. Во најразвиените земји локалната самоуправа е најсилниот сегмент, односно клетка во општеството, односно државата. Само економско силните општини се гаранција дека државата се движи во нагорна линија. Децентрализацијата по мене е длабоко закочена со што се ограничуваат ингеренциите на општините во сферите на нивното делување на самата општина и аналогно на тоа им се ограничуваат и финансиските приходи. Во развиениот свет постои тивка војна меѓу централната власт и локалната самоуправа. Модерна централна власт мора да ги разбере местото и улогата на локалната самоуправа и со тоа да ја забрза децентрализацијата. Ова го велам од причина што како бивш градоначалник ја познавам генезата на функционирање меѓу општините и меѓу општините и централната власт. Финансиските средства на општините се многу ограничени и успешноста на градоначалникот заедно со советниците ќе зависи исклучиво од наклоноста на централната власт, односно партијата којашто владее во државата. Чест на исклучоци, меѓутоа во изминативе две децении евидентно е дека локалната самоуправа е комплетно поклопена од централната власт и нивните партии. Сведоци сме дека квалитетни кадри на постоечките партии и докажани градоначалници поради својата непослушност кон своите лидерите на матичните партии на кои припаѓале не добија поддршка и мораа да се кандидираат како независни кандидати. Ова е уште еден доказ дека демократијата кај нас се практикува на многу искривен начин кој гласи: Не е битно што народот сака, битно е што јас сакам. (во моментов тоа се однесува на Заев и Мицковски) Ги поканувам граѓаните да излезат на овие избори и да гласаат за луѓе, а не за партии. И на тој начин да им укажат на постоечките политички субјекти дека нивното постоење треба да биде во интерес на поединецот, а не во интерес на нивните лидери. Демократијата е процес кој треба да го практикуваме, ама и да учиме. Лажните ветувања треба да се стават на страна. Од идните градоначалници и советници не очекуваме чуда, ама очекуваме визија, посветеност и домаќинлук.
















