Годишна тренерска конвенција на ЦЕВ во Скопје
Скопје, оваа есен, ќе биде домаќин на третата годишна тренерска конвенција на Европската одбојкарска федерација (ЦЕВ), на која од 16 до 18 септември ќе бидат одржани теоретски и практични сесии.
Откако Европската куќа на одбојката го иницираше овој настан со премиерно издание во Крањска Гора во 2019 година, искусни тренери-предавачи ги споделуваат искуствата со стотици тренери и наставници по физичко воспитување кои се насочени на тренинзи за почетното ниво на одбојката.
Тренерската конвенција е годишна манифестација како сегмент на проектот „Играј одбојка, расти со неа“. Во неа активно беше вклучена и Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ), преку која на голем број домашни клубови им беа донирани топки, а неколкумина тренери и наставници по физичко воспитување имаа можност да присуствуваат на предавања со акцент на тренинзи со деца. Лани на конвенцијата учествуваа 164 тренери и наставници од пет континенти.
– Се радувам што соработката на ОФМ со ЦЕВ се одвива на повеќе нивоа и постојано во последните неколку години. Тоа ја покажува подготвеноста на ЦЕВ да помогне, а во исто време и желбата на ОФМ да им ги доближи светските трендови на македонските тренери. Во тој контекст, во Македонија лани гостин беше реномираниот тренер Белгиецот Криштоф де Лус, кој одржа предавања на исклучително значајна тема, а тоа е начинот на којшто децата треба да тренираат во почетната фаза на развој, посочи поранешниот македонски одбојкарски репрезентативец Вук Карановиќ, кој сега раководи со Одделот за развој на ЦЕВ.


















