Втор проект за подготвеност за Зелен климатски фонд
Северна Македонија денеска го заврши Вториот проект за подготвеност за Зелениот климатски фонд со кој се поставуваат темелите за климатски активности предводени од државата во иднина. Завршниот настан го организираа ФАО и Кабинетот на Заменик Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, во улога на Национален назначен орган за Зелениот климатски фонд.
Надоврзувајќи се на резултатите од Првиот проект за подготвеност, завршен во 2019 година, во рамките на Вториот проект, Владата и ФАО работеа заедно на понатамошно зајакнување на знаењето и капацитетот на Националниот назначен орган и релевантните партнери за пристап до Зелениот климатски фонд.
Вицепремиерот Битиќи се осврна на придобивките од проектот, како – „Финализирање на Национална работна програма за Зелениот климатски фонд со конкретни приоритети и детален преглед на проектни / програмски идеи (од јавни и приватни чинители, на национално и локално ниво) во идентификуваните приоритетни сектори – енергетика, транспорт, водни ресурси, земјоделство, отпад, биолошка разновидност, здравство, шумарство и културно наследство – што ќе се спроведе како дел од напорите на Северна Македонија за справување со климатските промени.
Главен чекор за зајакнување на ангажманот на приватниот сектор во климатска акција и инвестиции е неодамнешната одлука на Владата од 12 Април 2022 да го номинира Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) да биде првиот национален субјект што ќе го започне процесот на акредитација за Зелениот климатски фонд.
Во овој контекст, Заменик Претседателот на Владата задолжен за економски прашања и директорот на ФИТР, денеска потпишаа Меморандум за соработка во насока на зацврстување на идното партнерство за поттикнување на климатска акција кај приватниот сектор.


















