Вистината – Поенти и заклучоци од извештајот
- Од 2004 година во Македонија функционира незаконска шема преку која неколку комерцијални банки во земјата систематски ги прекршувале важечките регулативи во областа на банкарството, со цел да можат да вршат незаконско кредитирање, доделувајќи кредити на компании коишто не биле подобни за тоа. Со тоа, банките остварувале придобивки од вештачки зголемените кредитни пласмани, платените провизии, камати, казнени камати и други трошоци, додека компаниите вообичаено претрпувале сериозни загуби.
- Документацијата за функционирање на шемата се изработувала исклучително брзо или пак се подготвувала подоцна, налозите за пренос се вршеле вон работното време, а дел од неопходните потписи на налозите за пренос, договорите за кредит, договорите за заем и слично биле фалсификувани. Честопати, лицата чиишто потписи биле фалсификувани дури не биле ни свесни за тоа, а ниту една од компаниите вклучени во оваа шема не била целосно запознаена со истата.
- Во еден случај, помеѓу 2004 и 2011 година, шемата на незаконско кредитирање била управувана од страна на Комерцијална банка АД Скопје, главно преку деловните сметки на две компании, при што биле вклучени 7 банки, 45 други компании и едно физичко лице. Во истиот период, докажани се најмалку 103 фалсификувани потписи на налози за пренос, 5 фалсификувани потписи на договори за кредит и 32 фалсификувани потписи на договори за заем, а биле изготвени и потпишани 40 фиктивни договори за кредит и 81 фиктивни договори за заем.
- Еуростандард банка станала дел од незаконската шема на позајмување најрано во 2011 година. Еуростандард банка само учествувала во шемата, но не управувала со неа. Поради големиот обем којшто го достигнала шемата, банката евентуално изгубила контрола врз нејзината улога во неа.
- Народната банка на Република Северна Македонија требало да поведе стечајна постапка за Еуростандард банка уште во август 2019 година, кога стапката на адекватност на капиталот веќе била негативна, но сепак тоа не го сторила. Народната банка чекала една година, до 12 август 2020 година, за да го поведе стечајот. Како резултат на тоа, следувале повеќе негативни последици, маѓу кои и помали шанси за депонентите да ги повратат своите депозити по поведувањето на стечајната постапка, додека пак должниците на Еуростандард банка добиле поголеми шанси да избегнат присилна наплата на нивните долгови.
- Народната банка на Република Северна Македонија знаела за постоењето на незаконската шема на позајмување уште од 23 декември 2020 година. Со постоењето на незаконската банкарска шема биле запознаени и Јавното обвинителство на РСМ, како и двајца заменици премиери и еден министер за правда во Владата на РСМ. Сепак, од никого не бил добиен суштински одговор за справување со незаконската шема и не била поведена никаква значајна кривична предсудска постапка.






