ШАНСА ЗА ЦЕНТАР, ШАНСА ЗА СКОПЈЕ
Здружението на граѓани „Здравје пред профит“ потсетува дека локалната власт во 2017 пред изборите на кои го доби мандатот вети дека ќе се зафати за средување на урбаниот хаос и дека ќе ги коригира деталните планови кои не се усогласени со Генералниот урбанистички план.
Четири години подоцна, локалната власт и државните институции одговорни за урбанистичките политики не го одржаа ветувањето што го даваа кога требаше да ги добијат гласовите на жителите на Центар.
Поставувањето на билбордите е продолжение на акцијата #Шанса за Центар #Шанса за Скопје што ја покренавме во 2019 заедно со Институтот за Комуникациски студии. Тогаш локацијата кај Холидеј Ин беше само повод, но #Шанса за Центар е #Шанса за Скопје е потсетник за сите неусогласени планови на територијата на општина Центар за кои локалната власт и институциитее на државата ветија дека ќе ги усогласат и коригираат.
Во историјата на Скопје ќе остане запишано кој можел, а не го спречил урбаниот хаос што беше наследен од претходната власт.
Ние како граѓанско здружение ќе се бориме за Скопје да добие шанса да биде модерен град со висок квалитет на живот во него. Бараме и инсистираме идните планови да се изработуваат со сеопфатни анализи на податоци, со почит кон јавниот интерес, по мерка на жителите, а не по желбите на инвеститорите.
Граѓаните на Центар памтат и нема да дозволат повторно да бидат излажани ниту изманипулирани.


















