Култура

Рекле за Летка Димовска Полизова

„Последниве децении за жал, особено по гасењето на хорот на МРТ, оваа света активност ја продолжија само неколку хорски ансамбли, главно аматерски, а големата одговорност врз себе ја зедоа мал број хорски диригенти и раководители. Летка Димовска Полизова е без никакво сомнение еден од најистакнатите претставници на оваа генерација хорски раководители и диригенти. Доволен е само еден бегол поглед врз нејзината долгогодишна активност, врз мноштвото разновидни активности на овој план, врз дејствувањето на ансамблите со кои раководела, врз неверојатно богатата концертна активност во земјава (над 600 концерти и настапи) и во странство (над 360), за да се констатира дека без Летка современата македонска музичка култура ќе беше посиромашна за еден впечатлив исполнителски опус, а љубителите на хорското музицирање и хорската уметност-за многу незаборавни уметнички доживувања.“ – Марко Коловски.

„Таа е ЛИЧНОСТ која целиот работен век е посветена на најмакотрпната но, истовремено и најблагородната активност-работа со хорски ансамбли, дејност, која има карактер на лидерство во кое се сублимирани многу човечки квалитети: организаторски, педагошки, стручни, интелектуални, креативни. Диригентката Летка ги поседува сите овие вредности. Под нејзино раководство многуте хоровите кои сама ги формира и води, прозвучија со автентичен звук, а македонските хорски композиции добија ново креативно читање. Преку богатиот хорски репертоар, во кој најзастапени се македонските композитори, и, индивидуалниот креативен пристап кон неговата реализација, на домашната и светските музички сцени, на највисоко ниво ја промовира македонската (хорска) култура за што се потврда врвните меѓународни и светски награди и признанија.“ – Запро Запров.

„Со хорот Св. Злата Мегленска во овие 20 години, Летка го разнесе сакралното и профаното пеење од Македонија по сите меридијани. Му пееше на Св. Кирил во Рим и Св. Методиј во Германија, прогласени од Папата за заштитници на Европа. Пееја во париските катедрали и венецијанскиот Фениче, од Барселона до црквите на седмочислениците во Моравија, меѓу Порто и Кембриџ, Канада и Австралија, бидејќи во нејзините (нивните) концерти воскреснува гласот на Светицата од Мегленско и ги поврзува епохите. Оти ние сме овде на крстопатот на универзалната љубов.“ – Јордан Плевнеш.

„За сите нас од особена важност е и фактот што на репертоарот на хорските ансамбли со кои раководеше и настапуваше Летка Димовска Полизова речиси постојано се наоѓаа дел од нашите автори. Како еден од стожерите на македонските самодејности, диригент, педагог и народен уметник, кој целиот свој работен век му го посвети на македонското хорско творештво, го овековечи во разните хорски постановки разноликото традиционално богатство на Македонија, од Јустинијанино време па до ден денес. Исто така, високо се цени фактот што нејзината активност е длабоко внедрена во сферите на македонската духовна музика и култура“ – Стојан Стојков.

„Повеќе од четири децении академскиот музичар и хорски диригент Летка Димовска Полизова, на македонската и на светската публика и го доближи црковното музичко творештво на начин што претставуваше вистинско откровение, а самата поттикна многу современи автори да создаваат духовни композиции што до нејзината појава со „Св. Злата Мегленска“, малку беа подзаборавени. Како ретко кој друг уметник Димовска-Полизова ја претставуваше Република Македонија во светот – виспрено и доблесно – поради што заслужи да биде овенчана со државно признание.“ – ГГ Стефан, Архиепископ на МПЦ.

„Летка Димовска Полизова и женскиот камерен хор „Света Злата Мегленска“ се синоним за празник на духот и на македонската култура. Неколку децении, ги изодува врвовите на најквалитетното хорско пеење, на што токму таа му вдахна моќ – од изборот на хористите, преку извонредните програми, до маестралното диригентско водење. Нејзините активностите со својата содржина и елементи од нашето минато се повторно и секогаш повторно раѓање на нашето постоење и самобитност, заборавено минато како инспирација и поттик на млади автори за оригинални дела кои и понатаму ќе ја збогатуваат нашата уметничка збирка.“-Георги Барбаровски-Барба.

„Полизова, која претставува најуспешна ЖЕНА-диригент во Македонија, истакнат и меѓународно признаен претставник на националната македонска културна традиција, промовирана преку световното и духовното традиционално хорско пеење. Летка Димовска Полизова полни 40 години стана синоним и препознатлив бренд на македонската култура, културен амбасадор на хорската музика кај нас и во светот. Преку духовниот подвижник и особен репрезент на македонската традиционална музика и македонското творештво во целина, ангелските гласови на хорот „Св. Злата Мегленска“, кои ги создаде токму таа, Летка, со упорна работа, труд и многу љубов, и преку бројните настапи успеа да ни се доближи на сите нас и на меѓународната јавност и од истите да направи почитувачи и пријатели на македонската духовност и традиција“. – Бодан Арсовски

„Летка Димовска Полизова со нејзиниот континуиран несебичен и волонтерски ангажман, ни ја приближи нам како македонска дијаспора богатата ризница на македонската култура, со тоа што учествуваше на разни и многу значајни настани во земјите каде живееме и работиме. Како одличен диригент од светски формат, Летка волонтерски ја афирмира традицијата пред сè, на православното црковно од Македонија со елементите на нашиот фолклор и со силината на убавината, таа успеа како на дланка да ни ја стави земјата на нашите предци, со вековните традиции и културниот континуитет‘. – Мето Колоски-САД (македонска дијаспора)

„…Вашето суверено, пасионирано како и компетентно музичко водство и лична средба во рамките на нашата културна размена им понуди на раководството на нашиот фестивал, стручната медиумска критика како и на публиката едно извонредно меѓународно културно доживување. Како диригент со врвен квалитет и културен амбасадор на Вашата земја, Вие за нашиот фестивал во 2014 на европско рамниште дадовте еден скапоцен прилог. Ви посакуваме од се срце понатаму многу успех и се најдобро. – Клаус Штемлер-Германија

„Секако, нејзината уметничка зрелост најдобро се отсликува преку врвните изведби на хорот „Света Злата Мегленска“, за кој домашната и меѓународната стручна критика се сложни во оценките дека овој ансамбл е позициониран на елитната светска хорска мапа заради прецизната интонација, балансираноста на ансамблот, нијансираната на динамиката и професионалниот однос во изведбата на духовната и световната музика. Кон овие епитети би дополнила уште еден, навидум маргинален, но за мене како долгогодишен медиумски стручен проследувач на нивните концерти, еден од клучните елементи за уникатноста на овој хор – посебната сценичност и драматуршка нитка во сите настапи што овој ансамбл го прави еден од најхаризматичните на денешницава. Оваа карактеристика особено доминира во изведбата на композициите создадени во духот на македонската фолклорна традиција, а главен двигател е токму уметничкиот раководител … таа го заслужи епитетот на најуспешен женски диригент во Република Македонија, – маестра Летка Димовска Полизова.“ – Бранка Костиќ Марковиќ

Продолжува утре: Света Злата Мегленска – хорот кој стана македонски културен храм

Можеби ќе ви се допадне

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Next Article:

0 %