Работилница за превенција од мозочен удар во Тетово
Секоја инфекција, меѓу кои и коронавирусот, може да биде причинител за појава на тромб и мозочен удар. Повисока здравствена култура и свесност за личното здравје и стил на живот, како превенција може да помогне да не дојде до појава на мозочните удари. Ова се дел од пораките на специјалистите невролози учесници на работилницата на тема „Превенција од мозочен удар“ во организација на Факултетот за здравствени науки при Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово.
Поголем број мозочни удари кај младите лица се должат на тоа што коронавирусот, како и сите други инфекции на организмите, може да предизвикаат нарушување на коагулацискиот систем, истакна д-р Сања Џамбазова-Зикова.
-Во склоп на короната имавме такви случаи, а и не е само короната. Било која инфекција и други вируси може да бидат причинители на предтромбогени состојба, коишто ќе доведат до мозочен удар. Секој инфект во организмот, не само короната, може да доведе и малигнитет. Може да доведе до формирање на протромбогена состојба во организмот да се создаваат тромби во организмот. Дали ќе отидат во мозокот, дали ќе отидат во белите дробови, тоа не може да знаеме, кај секој пациент е различно, меѓутоа и кај секој пациент е различно, дали ќе го презентира тоа или не. Може треба да има некоја подлога за тоа. Може има некоја вродено плус заболување па довело до мозочен удар, потенцираше д-р Џамбазова-Зикова.
Докторката која одржа предавање на тема „Мозочниот удар може да се случи на која било возраст“, порача дека околу 10 до 15 отсто од мозочни удари се јавуваат кај пациенти од 18 до 50 години, што е различно од пред неколку децении кога се имало само кај повозрасни луѓе. Покрај познатите ризик фактори коишто ги има постарата популација, кај помладите, има и други ризици.
-Има специфичности во однос на дијагнозата, во однос на клиничката слика и во однос на понатамошниот нивни третман, со оглед на тоа дека тие претставуваат понатаму голем социоекономски проблем. Најголем дел, најголем процент значи од мозочните удари кај помладата популација ги викаме мозочни удари кај коишто не е откриена причината за мозочен удар и тие се викаат криптогени мозочни удари. Но овде од тој дел на криптоген мозочен удар, поголем дел, некаде околу 40 -50 проценти од тие пациенти, имаат срцева аномалија која може да биде предизвикувач на мозочниот удар, а во другата категорија спаѓаат и состојби коишто се поврзани со коагулангопати, односно нарушување на вродени или стекнати нарушувања на кондицискиот механизам. Исто така, повреди на крвните садови на вратот значи покрај формирање на плаки и кај помладите пациенти, значи трауми на вратот со повреди на крвните садови и секако стилот на живот – употребата на никотин, алкохол и наркотици, истакна докторката.
Д-р Данијела Војтикив-Самоиловска порача дека мора да има повеќе едукација за населението како начин на примарна превенција од мозочни удари. Денешната едукативна работилница беше за студенти, а следната недела таа најави таква можност за граѓаните.
-Денешната работилница има за цел да даде информации, да ја подигне свесноста, едуцираноста за мозочниот удар како една хуманитарна катастрофа која најчесто се јавува кај повозрасната популација, но сè почесто од неа страдаат и помлади луѓе до педесеттата година. Повеќе испитувања во Македонија покажале дека нивото на свесност и знаењето за мозочниот удар се на многу ниско ниво, посебно кај ризичната популација и затоа решивме да ги спроведеме овие низа на едукации. Ќе објасниме како да се препознаат симптомите на мозочен удар навреме, што исто така е многу важно затоа што треба навреме да стасаат во болница. Имаме тераписки прозорец за лекување на исхемичниот мозочен удар. Имам една статистика од пред две години, 5 037 нови случаи на 100 000 жители. Статистиките ќе ги почекаме, ама сигурно дека не можеме да се пофалиме со некое високо ниво на здравствена култура и свесност за ризиците за вакво сериозно заболување, изјави д-р Војтикив-Самоиловска.
Работилница на тема „Мозочен удар кај женската популација“ одржа неврологот проф.д-р Анита Арсовска. Презентација на тема „Здравствена заштита на пациентите со инвалидитет по мозочен удар – оптоварување по мозочен удар“ имаше м-р Шпреса Бафтијари, координатор на Центарот за симулација на Факултетот за здравствени науки на УЈИЕ.














