Бизнис и економија

Вмрежување на германски и домашни компании преку концептот на дуално образование

Постои тесен контакт меѓу германските економски тенденции и македонскиот развој. Повеќе од 100 години дуалното образование на професионален план покажа дека на овој начин младите може да се едуцираат и да изградат свое место во државата и приватниот бизнис океан, смета ректорот на Државниот дуален универзитет од Манхајм (DHBW), Георг Наглер.

Наглер беше дел од германската делегација која престојуваше во земјава и која имаше средба со претставници на Делегацијата на германското стопанство. На средбата присуствуваше и заменик-амбасадорот и раководител на економскиот оддел во германската Амбасада, Ото Граф, а во делегацијата беа и претставници од Управата на Институтот во Хајделберг и Баден-Виртемберг.

Како што информира Институтот за бизнис и менаџмент, фокус на средбата беше воведувањето и адаптацијата на германските дуални високообразовни студии во Северна Македонија.

-Германската амбасада активно ја поддржува оваа иницијатива за трансформирање на македонскиот образовен систем преку воведување на дуалниот концепт, со трансфер на знаење и практики од најдобрите универзитети / школи во Хајделберг, Манхајм и Франкфурт. Разговараме за можности да се воспостави понатамошна опција за образование на младите и јас сум голем оптимист дека ќе најдеме решение за ова да продолжи, изјави заменик-амбасадорот Граф

Делегацијата на германското стопанство ја претставуваше Дејан Чуповски, проектен менаџер за дуално стручно образование. Тој посочи дека програмата за дуално стручно образование се спроведува од 2017 година.

-Тука сме да ја процениме состојбата и да откриеме дали има можности за воспоставување програма за дуални студии на универзитетско ниво, истакна Чуповски.

Германските претставници беа претседателот на Управниот одбор на Институтот за бизнис и менаџмент ХАЈДЕЛБЕРГ во Скопје, Улрих Цајтел, извршниот директор на ФОРУМ Институтот за менаџмент и професор на Хајделберг Универзитетот во Германија, Бриџит Спилман (член на Одборот на Институтот Хајделбе­рг), како и консултантот за образование во DHBW, Торге Фишер.

-Институтот почнува ново поглавје во неговото, речиси петгодишно постоење, со целосно ребрендирање и реструктурирање како IBMHS – STATE DUAL UNIVERSITY STUDIES. За таа цел, во периодов што следува, предвидена е поинтензивна комуникација со сите чинители на бизнис секторот  и државата, во насока на соработка за вмрежување на германските и домашни компании, преку новиот концепт на учење и работа кои се во ТИРЗ  и надвор од нив, со таргетирани мерки и програми согласно концептот на дуалното високо образование. Првата јавна дебата која е предвидена како панел дискусија, во рамките на Институтот Хајделберг, ТИРЗ, Македонско-германското стопанско здружение (МГСЗ), стопанските комори и Амбасадата на Германија во Скопје, ќе биде посветена на „Германското дуално високо образование и врската со бизнис секторот“, се наведува во соопштението.

Настанот ќе се одржи на 22 јули 2022 година, а се очекува слободна дебата и размена на аргументи со цел трансформација на досегашните практики и одговор на новите пазарни побарувања. Поконкретно, ќе се дискутира за потребата од трансформација во образовните процеси, недостиг на кадри, младинска невработеност и работна миграција на младите во земјите од ЕУ, со особен фокус на адаптација на германскиот дуален високообразовен модел во нашата земја.

Можеби ќе ви се допадне

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Next Article:

0 %