Флензбург оди во строг карантин, Вардар ги добива бодовите на маса?
Вардар чека двомеч со норвешки Елверум во Лигата на шампионите, но во меѓувреме, се разгледува ситуацијата и за натпреварот против Флензбург кој е еден од одложените, а беше предвидено да се игра овој месец.
Бундеслигашот треба да биде домаќин на Вардар, но тоа тешко дека ќе се случи. Градот Флензбург во Германија е доста погоден од новиот бран на ковид-19 и од мутациите од таканаречениот „британски сој“, па така, германските медиуми пишуваат дека ќе се оди во строг карантин.
Новите мерки ќе бидат спроведени во наредната седмица, а ако ситуацијата не се подобри, истите ќе продолжат и понатаму. Во градот Флензбург ќе биде воведен и полициски час и ќе има рестриктивни мерки на движење. Германија веќе ги затвори границите за граѓаните кои доаѓаат од неевропските земји, па така, тешко дека Вардар ќе може да влезе во земјата и да го одигра натпреварот со бундеслигашот.
ЕХФ најави дека ќе се бара нови термини за тие одложени средби, но, тешко дека ќе се најде и голема е веројатноста македонскиот првак да ги добие бодовите по службен пат. Енигма е и што ќе биде со двата одложени дуели со ПСЖ, затоа што и Франција има идентични мерки.
Според најавеното, доколку се оди по службен пат, оној кој е „виновен“ за одложувањето, ќе го загуби мечот службено. Во случајов, Вардар беше подготвен да отпатува за Германија, но не можеше да пристигне на местото на одигрување на натпреварот поради рестрикции.


















