Луѓе

Фитнесот треба да ни го подобри животот, а не да ни го окупира

Александар, како дојдовте до идејата за основање и што нуди „Кинетикс Фитнес“?

На самиот почеток од мојата работа како тренер и држење групни тренинзи, за неполни шест месеци веќе сите групи ми беа пополнети и самите вежбачи изнудија да размислам за отворање на свое студио. Бидејќи самите тренинзи беа базирани на енергија и дружба, решив да им предложам на најдобрите вежбачи (кои воедно ми беа многу добри другари, а еден од нив и брат) да формираме фитнес студио. Така настана Кинетикс.
Кинетикс е фитнес студио чија главна цел е да ги научи своите вежбачи како до поздраво, посилно и позгодно тело притоа уживајќи во животот повеќе од претходно. Цврсто стоиме зад тоа дека фитнесот треба да ни го подобри животот, а не да ни го окупира. Да ја поседуваш способноста да бидеш во контрола над своето здравје и изглед е енормен буст на самодоверба. Чувството е воодушевувачко, а многу мал дел од луѓето знаат како.

Веруваме дека секој треба да се труди да се подобрува во животот. Со тоа кажано, вистинското задоволство треба да произлегува од процесот, а не дестинацијата. Премногу често во животот сме фокусирани на нашата цел заборавајќи да уживаме во моментот.

Дали сметаш дека често се случува „интернет – лаици“ да нудат совети кои не се научно поткрепени?

Верувам дека на социјалните мрежи, се соочуваме со ваков проблем. Проблемот е во тоа што за да станете познат како здравствен инфлуенсер, мора да кажете нешто ново. Најлесен начин да се каже нешто ново е да се каже нешто погрешно. Соодветно, поголемиот дел од познатите инфлуенсери кажуваат работи кои не се точни или потврдени. За жал, системот функционира така.


Не можам да знам дали тоа го прават намерно или не. Не е ни моја работа. Но факт е дека луѓето сакаат да се чувствуваат вредни, а кажувањето возбудливи нови работи кои носат прегледи им помага да се чувствуваат така. Верувам дека повеќето ја потиснуваат свеста дека овие работи можеби се погрешни. Психолошки, вистината не им е приоритет.
Секако, постојат и такви кои намерно лажат. Спротивно на тоа, често и е искрена грешка. Во последниве припаѓам и јас. Има теми на кои имам сменето мислење низ годините. Меѓутоа, треба да стане нормално луѓето да кажат кога ќе згрешат за нешто, и затоа отворено кажувам кога ќе згрешам и јас.
Се трудам никогаш да не напаѓам лично, но верувам дека е од полезност да реагираме на дезинформациите и да ги дестимулираме. Сметам дека е потребно луѓето да знаат колку од врвните влијателни лица во овој екосистем на (дезинформации) напредувале од соопштувањето на невистини.

Твоите следбеници на Инстаграм имаат можност секојдневно да добијат совети поврзани со многу нивни проблеми. Кои се извори ги користиш при своите истражувања?

Иако немам диплома од сроден факултет, сепак моето учење започна со книгите од факултет по медицина. Позајмив од некои другари/ки кои студираа на имениот факултет со желба да се запознаам повеќе со некој мој личен проблем. Развивајќи ја оваа пасија продолжив со купување книги од Пирсон и гледање предавања од различни странски факултети кои се достапни онлајн. Моментално, при истражување на одредена тема, се користам со PubMed и Google Scholar и преку самите истражувања оформувам мислење. Веќе ви е јасно дека не сум научник, туку љубител на наука. Во главно го пренесувам консензусот на најдобрите научници на пошироката маса и пробувам да ги комбинирам сфаќањата на најдобрите научници за нешто применливо за нас.

Кои според тебе се најчестите грешки во однос на суплементација и на што треба луѓето да внимаваат?

Поголемиот дел од луѓето се многу невнимателни со нив. Сметаат дека само поради тоа што е нешто природно, не може да е штетно. Додека фармацевтската индустрија е една од најрегулираните индустрии, индустријата за суплементи не е. Дури и ако компаниите за суплементи имаат најдобри намери, на повеќето им недостасува потребната високотехнолошка опрема потребна за да се обезбеди соодветна контрола на квалитетот. За да се исполнат сигурносните фармацевтски стандарди, додатоците што ги купувате ќе треба да одговараат на сето следново.
А.) Треба да функционираат. Даден суплемент ќе треба со сигурност да покаже дека го прави она што го тврди. За ова, ќе треба да се процени според фармацевтските стандарди во однос на клиничката ефикасност. И покрај тоа што некои суплементи се „широко“ истражувани и постојат студии кои ја „докажуваат“ ефикасноста и безбедноста, повеќето од овие студии се со слаб квалитет и/или се финансирани од индустријата за додатоци (и неверојатно е лесно да се лаже користејќи статистика или едноставно негативните резултати да не се објават).
Б.) Треба да го содржат она што е на етикетата. Многу суплементи едноставно не го содржат она што е наведено на етикетата.
В.) Треба да бидат чисти. Честопати „природните“ суплементи содржат токсични метали и други загадувачи кои се пробиле поради неправилна берба и/или производствени процеси.
Г.) Не треба да содржат намерно воведена, неоткриена супстанција. Честопати „природните“ суплементи намерно се комбинираат со вистински фармацевтски лекови за да се зголеми ефикасноста.
Д.) Треба да се дозирани правилно. Додека фармацевтскиот лек треба да содржи од +/-10% од наведената количина, вистинската количина на „Х“ во суплементите често се менува во голема мера.

Кои се твоите планови за иднина?

Со Кинетикс работиме на два фронта.

Повторно се активираме со надополнување на веб-страницата со свежа содржина. Во тек е снимањето и би требало во наредните месеци да ве изненадиме со неколку нови програми за сите оние кои сакаат да вежбаат од дома.

Во однос на студиото, многу сме среќни што бројот на вежбачи постојано расте и тоа ни дава елан да размислуваме за проширување во иднина. Работиме на внесување на новитети во самите тренинзи и програми кои ги држиме и да понудиме искуство кое не може да се најде во другите спортски објекти. А што и како повеќе ќе откриеме кога ќе биде правото време.

До крајот на 2022-ра планирам да биде завршена и некоја првична верзија на уште една веб-страница кој го градам моментално со мојот тим. Вебсајтот ќе биде исполнет со едукативна содржина на тема хормони, дигестија, нутриционизам, когнитивен перформанс, суплементација, фитнес итн. Целта ми е да направам платформа каде ќе можам да ги изнесам моето знаење и моите заклучоци во целост.

Ова би била почетната верзија меѓутоа паралелно работиме на пофункционална и поинтерактивна апликација/веб-страница за која исто така ќе откријам во блиска иднина. 🙂

 

Можеби ќе ви се допадне

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

More in:Луѓе

Next Article:

0 %