Историски семејства

Принцот Вилијам до милијардерите: Треба да ја поправите планетата, а не да се грижите за вселенскиот туризам

Принцот Вилијам смета дека најголемите претприемачи на денешницата треба да се фокусираат на спасување на планетата и решавање проблеми на Земјата, наместо развој на вселенски туризам.

Војводата од Кембриџ зборуваше за Би-Би-Си и индиректно ги критикуваше Џеф Безос, Илон Маск и Ричард Бренсон, кои во последните месеци се натпреваруваа во развојот на комерцијални вселенски летови.

– Потребно ни е најголемите умови на светот да се фокусираат на поправка на оваа планета, а не на наоѓање ново место за живеење, рече Вилијам.

Клучно е, вели тој, е да се фокусираме на нашата планета, а не да ги кренеме рацете и да отидеме во вселената за да бараме решенија за иднината.

Холивудскиот актер Вилијам Шатнер вчера стана најстариот човек во вселената, откако полета во суборбиталната капсула на „Blue Origin“ – компанија во сопственост на најбогатиот човек во светот, Џеф Безос.

Во трка за развој на комерцијални летови во вселената се и директорот на компанијата „Вирџин“, сер Ричард Бренсон и Илон Маск, основачот на „Тесла“ и „Спејс-екс“.

Принцот Вилијам во интервјуто нагласи дека нема апсолутно никаков интерес да оди во вселената, како и дека постои „фундаментално прашање“ во врска со загадувањето што овие летови во вселената го оставаат зад себе.

Тој, исто така, предупреди за „климатска анксиозност“ кај младите луѓе чија иднина е во постојана опасност.

Војводата од Кембриџ ги повика и возрасните да се сетат колку им значело во младоста да можат да поминуваат време надвор и колку, поради загадувањето, детството е поограничено за денешните деца.

– Ќе биде вистинска катастрофа доколку принцот Џорџ седи овде после 30 години и зборува за спасување на планетата, истакна Вилијам.

Можеби ќе ви се допадне

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Next Article:

0 %