Никола Вапцаров
Никола Јонков Вапцаров (Банско, 7 декември 1909 — Софија, 23 јули 1942) — македонски писател со бугарско државјанство, комунист, роден во Банско, Пиринска Македонија (денес Бугарија). Вапцаров бил член на Сојузот на бугарските писатели, а посмртно бил добитник на почесната Меѓународна награда за мир, во 1952 година.
Вапцаров бил најсилен поетски талент меѓу Македонците кои твореле на други јазици, освен на македонскиот. Неговата единствена стихозбирка со наслов „Моторни песни“ (Моторни пѣсни) содржи 20 песни, напишани на бугарски јазик. Нему му припаѓа едно од видните места во бугарската литература, иако тој самиот и во животот и преку својата поезија недвосмислено изјавувал дека е Македонец, и покрај тоа што создавал на бугарски јазик. Неговата поезија е изразито патриотска, социјална, револуционерна и хуманистичка.
Вапцаров е роден во Банско во Пиринска Македонија, на 7 декември 1909 година, како прво дете на Иван (Јонко) Вапцаров и Елена Везјова, двајцата Македонци од протестантска (евангелистичка) вероисповед. Татко му, Иван (Јонко) Вапцаров, учествувал во револуционерното движење за ослободување на Македонија од турското ропство: најпрвин во Илинденското востание, потоа во изгонувањето на Турците во 1912 година, а потоа бил вклучен во братоубиствените борби меѓу одделните фракции на македонските револуционери. Мајката на Никола Вапцаров имала неколкугодишно образование во американскиот колеџ во Самоков, а потоа, извесно време работела како учителка во Македонија при што и таа се вклучила во борбата за ослободување на Македонија. Во раното детство, Никола Вапцаров бил воспитуван најпрвин во духот на библиските приказни, а потоа и во духот на љубовта кон книгата и кон татковината. За тоа сведочи и една случка која ја раскажува неговата мајка во нејзините спомени: еднаш, додека патувале во Добриниште, по патот сретнале Срби-заробеници, а малиот Никола ги гледал со сожалување. Кога баба му Милана му објаснила дека тие се заробени Срби, Никола ветил дека ќе стане силен, ќе ги ослободи заробениците.
Вапцаров завршил основно училиште и шести клас гимназија во Разлог. Тогаш го прекинал образованието во гимназијата и се запишал во Морнарско-машинското училиште во Варна, каде се сретнал со марксистичко-ленинистички кружок и станал негов активист. Таму го објавил своето прво поетско дело — стихотворбата „Кон светли идеали“. По завршувањето на школувањето, во 1932 година, Вапцаров станал машински техничар, отпрвин на еден брод со кој патувал по северниот брег на Африка. Поради ограничената комуникација со луѓето, тој ја напуштил службата и се вработил во Бугарската горска индустрија, во селото Кочериново (во близината на Дупница), како машински техничар. Додека работел во фабриката, во слободното време, Вапцаров се занимавал и со културно-просветна работа: на сцената поставил неколку пиеси, држел предавања на различни теми и се дружел со работниците. Малку потоа, тој станал член на Бугарската комунистичка партија. Според сведоштвата на Васил Иванов Чорлев и Мордоше Маџар, работници во фабриката, Вапцаров напишал драма за експлоатацијата на работничката класа која се препишувала од страна на работниците, но скришум од сопствениците и од власта. Додека работел во Кочериново, Вапцаров ја запознал својата идна сопруга Бојка, која била дете на доселени Македонци од Егејска Македонија. Токму Бојка Вапцарова ги оставила најважните информации за животот на Никола Вапцаров во периодот од 1932 и 1942 година, изнесени во нејзината книга „Кога воскреснуваат милионите луѓе“ (Софија, 1961).
Во 1935 година, фабриката во која работел Вапцаров била затворена и тој останал без работа. Меѓутоа, под негово водство, работниците од фабриката кренале бунт и ги присилиле сопствениците повторно да ја отворат фабриката. Сепак, власта дознала за дејноста на Вапцаров и тој бил отпуштен од работа. Тогаш започнале најтешките години во неговиот живот (1936-1937), кои во својата книга ги опишува Бојка Вапцарова: Никола Вапцаров се разболел, а нивното дете умрело, а тој и сопругата преживеале само благодарение на помошта што им ја давале неговите другари. Никола Вапцаров не можел да најде работа, но најпосле, по долго барање, се вработил како техничар во мелницата на браќата Бугарчеви во Софија, каде работел во тешки услови – работно време од 12 часа, и тоа само ноќна смена, постојано изложен на големи количества јаглерод-диоксид што ги испуштала машината. Сепак, дури и во тие околности, Вапцаров не престанал да пишува, а своите стихови ги објавувал во прогресивните весници и списанија. Во 1938 година ги напуштил браќата Бугарчеви и се вработил како ложач во Бугарските државни железници, но и таму условите за работа биле тешки, поради што неколкупати се разболел. Негвоите другари му помогнале да се вработи во фабриката за месо, а истовремено се вработила и сопругата Бојка.
Вапцаров активно се ангажирал во организацијата на бугарските машински техничари, го издавал весникот „Технички глас“, бил член на нелегалното раководство на синдикатот на техничарите и бил дел од раководството на партиската организација на индустрискиот квартал во Софија. Исто така, тој се вклучил во протестите против фашистичката агресија на европски земји и бил учесник во т.н. „Соболева акција“ во околината на Разлог, поради што бил затворен, но подоцна бил ослободен благодарение на одличната одбрана за време на судењето. Сепак, тој бил протеран од разлог, како „опасен елемент“, а во 1941 година бил интерниран во Годеч, за период од три месеци. По враќањето од интернацијата, во септември 1941 година, Вапцаров се вклучил уште поактивно во револуционерната дејност и, како прв помошник на советскиот полковник Цветан Радојнов (кој тајно бил префрлен во Бугарија), учествувал во диверзантски акции. Истовремено, Вапцаров работел активно и како соработник на централниот комитет на Бугарската комунистичка партија. Раководителот на пиринското партизанско движење, Никола Парапунов, го поканил да се приклучи во раководството на движењето, ценејќи ги неговите диверзантски и разузнавачки акции врз важни објекти со кои се служеле фашистите во Бугарија. Вапцаров ја прифатил поканата, но не добил дозвола од раководството на Централниот комитет на Бугарската работничка партија (комунисти). Вапцаров таа постапка не можел да ја разбере, па продолжил со диверзантските акции.
Поради членството во Бугарската комунистичка партија, Вапцаров паднал во немилост на профашистичите реакционерни сили во Бугарија. Најпрвин, во 1933 година, тој бил тепан од страна на функционери на ВМРО поради неговите политички дејствувања. Според сведоштвото на Георги Караславов искажано во „Средби и разговори со Никола Вапцаров“ (Софија, 1961), припадниците на ВМРО на Иван Михајлов извршиле неуспешен атентат врз Вапцаров на патот меѓу Горна Џумаја и Бараково, кога „непознати“ лица пукале во Вапцаров, но не успеале да го погодат. Најпрвин, Караславов сметал дека причината за атентатот била тоа што Јонко Вапцаров бил „протогеровист“ и противник на михаиловистите или пак можеби поради тоаш што Никола му помагал на својот татко. Меѓутоа, самиот Никола Вапцаров му кажал дека обидот за убиството бил поради неговата комунистичка активност во фабриката во која што работел. По неуспешниот атентат врз него, Вапцаров напишал писмо до Ванчо Михајлов, прашувајќи го зашто сакаат да го убијат, а овој настан подоцна го инспирирала да ја напише стихотворбата „Песна“.
Како соработник на воената организација на Бугарската комунистичка партија, на 4 март 1942 година, Вапцаров бил уапсен, заедно со Атанас Романов и Антон Попов, по што бил подложен на измачување од полицијата во текот на четири месеци. Заедно со поголема група антифашисти, во судскиот процес против ЦК БРП, Вапцаров бил осуден на смртна казна, без право на жалба. Под притисок на своите роднини, Никола напишал молба за помилување, која гласела:
„До Негово величество царот — Софија
Осуден сум на смрт со стрелање, кривичен закон дело нр 585, Софиски военополски суд. Молам пресудата да биде заменета со доживотен затвор.
Никола Иванов Вапцаров. Централен затвор”.
И покрај тоа, на 23 јули 1942 година, во 11 часот, во присуство на најбилските, на Вапцаров и на другите осудени им била прочитана пресудата. Истата вечер, во 21 часот и 10 минути, Никола Вапцаров и Антон Попов, заедно со четворица други бугарски комунисти, биле стрелани во дворот на една софиска касарна. Осврнувајќи се на судењето на нејзиниот син, мајка му на Никола Вапцаров во своите „Спомени за мојот син“, објавени во Софија, во 1960 година, запишала: „Нема бог, не може да има. Ако имаше, тој ќе ме слушнеше. Јас толку од срце се молев да ми го спаси синот, мојот син, кој се бореше за среќата на народот, но тој не ме слушна. Или пак, ако го има, тој е ѕвер… Го уништив во своето срце бога, но најдов во зборовите на Никола повеќе вистина: ‘Ако треба, и ти ќе умреш за таа идеја’ — така ми рече тој. И тие негови зборови за мене станаа смисла на животот.
По промената на односот на БКП кон македонското прашање, комунистичката власт во Бугарија се обидела да го искористи талентираниот писател за зацврстување на сопствениот авторитет, при што во 1963 година бил изработен фалсификат на еден партиски протокол за божемното членство на Никола Вапцаров во партиската организација на БКП во селото Стоб.
Изјавите на семејството на Вапцаров за него биле во голема зависност од политичката состојба во Бугарија. Така, за време на судскиот процес, на 15 јули 1942 година, мајка му Елена напишала молба до царот Борис III со следниве зборови: „Ваше величество, младите години си ги дадов за Бугарија, залакот од устата и оној на децата го делев со сите апостоли за слободата на Бугарија …. Мојата молба е милост, милост, Ваше величество, дарувајте му го животот, преземам одговорност дека ќе се потрудам да му влијајам, дека тој ќе стане добар Бугарин“. Во две други молби до министерот за одбрана исто така се заложува дека „Тој ќе стане добар Бугарин и своите сили и способности ќе ги положи пред олтарот на својата Родина. Во очајните обиди да го спасат неговиот живот, сестра му Рајна отишла дури подалеку во својата молба до царот: „Мајка беше вистинска Бугарка и за неa родината беше најскапото нешто. Таа сакаше да ја види слободна од „Дунав до Егејот бел, и од Албанската пустина до Црноморските води“. И сега кога срцата на сите се радуваат, мојата мајка не може да се радува, оти нејзината мечта се остварила, бидејќи нејзините двајца синови се обвинети како комунисти.“ Неколку години подоцна, за време на културната автономија во Пиринска Македонија, при средба со македонски писатели, Елена Вапцарова изјавила: „Најпосле дочекав да се сретнам со македонски писатели, колеги на мојот Кољо. И тој со нив ќе дојдеше ако беше жив, но го убија крвниците… Некои после ослободувањето, ме прашаа – чиј поет е тој? Одговорив со неговите зборови: „Над мојата земја в небото се опира Пирин, и мурите в бури илинденски приказни пејат, над Охрид лазурот е просторен и син, а уште надолу е светлиот брег на Егејот”. Секако, поетот не може да поседува со тапија, но ако постои тоа, во тој случај тапија ќе бидат неговите стихови.“
Братот на Никола, Борис, изградил успешна кариера како комунистички функционер и целосно ја следел политиката на БКП, вклучително и во однос на македонското прашање. Неговите деца, Маја[18] и Никола, на ист начин го продолжиле искачувањето кон политичката елита. Нивната злоупотреба на името на Никола Вапцаров за корисни цели завршила со уништување на неговиот гроб, што предизвикало повеќемесечен скандал.
Покрај основната работа за егзистенција, Вапцаров се занимавал со книжевна дејност. Тој бил еден од организаторите на „Македонскиот литратурен кружок“ во Софија. Од самите членови бил сметан за „срж“ на кружокот. Вапцаров се занимавал со поезија, пишувал критики и бил еден од организаторите на списанието „Литературен критик“. Своите најзначајни стихови ги создал во периодот од 1936 до 1942 година. Во 1940 година ја објавил својата прва и единствена поетска збирка, „Моторни песни“, а во 1946 година во Бугарија посмртно била објавена збирката „Антологија“, како и книгата за деца „Пролет“.
Вапцаров започнал да пишува уште додека работел во фабриката во Кочериново, каде напишал една драма за експлоатацијата на работниците. Неговата книжевна дејност продолжила и по преселбата во Софија, каде своите песни ги објавувал во напредните весници и списанија. Во тој период, неговата песна „Романтика“ ја добила наградата на анонимниот конкурс во списанието „Летец“, а исто така победил и на конкурсот за радиодрама, но откако било откриено кој е авторот, драмата не била поставена. Подоцна, кога малку се поправила неговата материјална положба, Вапцаров и собрал своите песни и ја објавил збирката „Моторни песни“. Притоа, тој ги обиколувал издавачите во Софија, но никој не сакал да ја објави книгата, така што тој и сопругата зеле пари на заем и ја објавиле книгата како сопствено издание. За да се скрие од власта, тој се потпишал само како Никола Јонков. Според сведоштвото на неговата сопруга, во тој период, името на Вапцаров било игнорирано не само од официјалната, туку и од прогресивната книжевна критика. И покрај тоа, Вапцаров бил многу ценет од неговите другари и уживал голема популарност кај прогресивните читатели, а неговите песни биле често рецитирани на многубројните забави и вечеринки. Самиот Вапцаров бил многу активен и бил иницијатор за формирањето на Македонскиот литературен кружок. Подоцна, во 1941 година, започнал да го издава весникот „Литературен критик“, кој често бил подложен на цензура, а наскоро бил и забранет.
Вапцаров пишувал на бугарски јазик, а подоцна, неговите дела се преведени на 45 јазици, вклучувајќи го и македонскиот јазик. Според Гане Тодоровски, според јазичните, идејно-стилските и содржинско-тематските ознаки, поетскиот опус на Вапцаров ѝ припаѓа на бугарската поезија меѓу двете светски војни. Сепак, според потеклото, чувството, акцијата и содржинската означеност на неговата поезија, тој бил Македонец, а македонството претставува содржинска компонента на голем дел од неговата поезија.